27 Април, 2024
0.0267

Дали Иванов може да го расипе македонско-грчкото кумство?

Објавено во: Анализа 11 Април, 2018

Добивај вести на Viber

Нова теорија која се развива меѓу порадикалните елементи од македонската опозиција е дека евентуален договор за решение на спорот за името меѓу Македонија и Грција би можел да биде блокиран од страна на претседателот Ѓорѓе Иванов, слично како што го блокираше носењето на Законот за употреба на јазиците со тоа што отворено одбива да го потпише указот и по второто изгласување во Собранието на Република Македонија откако веќе еднаш стави вето во првичното гласање на мнозинството пратеници.

Засега најгласно оваа теорија ја застапува Тодор Петров, еден од првите пратеници во независна Македонија и претседател на организацијата Светски македонски конгрес.

„Најважно од се’, Владата не е надлежна за склучување на договор од формат каков што се предлага меѓу Македонија и Грција по прашањето за името на државата и идентитетот на нацијата, меѓутоа Владата води погрешна процедура и флагрантно го крши Уставот вршејќи суспензија на функцијата претседател на Републиката.

И да се ратификува во Собранието со потребното уставно мнозинство, и за овој Закон за ратификација на Договорот Заев-Ципрас важи уставната обврска дека мора да се прогласи со указ! Указот за прогласување на законот го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието. Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. 

Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот. Претседателот е должен, но не мора да го потпише Указот за прогласување на Законот за ратификација на Договорот Заев-Ципрас за промена на името на државата и идентитетот на нацијата. А, штом тоа се случи, ниту Законот за ратификација постои, ниту Договорот Заев-Ципрас“ пишува Тодор Петров.

Остатокот од неговата теорија и не баш пријатен за анализирање бидејќи Петров алудира дека може да биде извршен дури и атентат врз претседателот Иванов со цел да се избере нов кандидат кој потоа би го потпишал указот за евентуалниот договор меѓу Македонија и Грција.

Оваа теорија треба да биде разбиена со повеќе правни аргументи, а прв и најглавен е дека треба да престанат обвинувањата за државни предавства од страна на премиерот Заев и неговиот тим кој ги води преговорите со Грција, како дел од стратешките определби за наоѓање на решение кое ќе резултира со македонско членство во НАТО и ЕУ. 

Македонските преговарачки позиции не треба да се поткопуваат со вакви теории бидејќи тие не носат ништо корисно и продуктивно, напротив може да предизвикаат тензии меѓу македонскиот народ. Уште повеќе за нив нема простор ако се види и актуелната политика на ВМРО-ДПМНЕ која не си дозволува прелесно да се расфрла со етикети предавник и странски платеник во вака деликатни моменти за македонската држава исправена пред тешки предизвици. 

Досега премиерот Заев и неговите министри не оставија голем простор за сомнежи дека се подготвува нешто недостоинствено и нечесно бидејќи на повеќе наврати јасно беше кажано дека не се прифаќа промена на идентитетските одредници на Македонија со јазикот, народот и Уставот. Владата на СДСМ укажа и на тоа дека се залага за компромисно решение кое на достоинствен начин ќе ги задоволи двете страни, па така промена на уставното име најверојатно нема да биде прифатено па дури и самите преговори да пропаднат целосно и да се изгуби оваа досега најреална шанса за конечен договор со Грција. 

Дури СДСМ и да прифати договор со Грција кој ќе значи промена на уставното име и повеќе болни компромиси тоа однапред е јасно дека ќе биде неодржливо решение кое нема да биде прифатено од македонскиот народ, ниту пак ќе пројде на референдум, па било какви дополнителни „акции“ од Иванов или потврдокорните опозициски елементи и нема да имаат никаква смисла бидејќи одговорот на колективот ќе биде сосема јасно изразен.

Затоа треба да се почитува и самата официјална опозициска политика на ВМРО-ДПМНЕ која дава констриктивни критики за досегашното водење на процесот на преговори, но во ниту еден момент не се однесуваше неодговорно, потпалувачки или радикално што е еден новитет на македонската политичка сцена.

Секако, јавноста и новинарите треба да останат будни и да ги следат процесите кои ги води владата на Заев бидејќи не сите информации се јавно познати.

Х.С.