Дачиќ за обединување на Прешевска долина и Косово: Муслиу да му заблагодари на Бога што се уште не е уапсен
Објавено во: Балкан 06 Октомври, 2017
Српскиот вицепремиер и министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ ја оцени како „празни соништа“ изјавата на претседателот на Националниот совет на Албанците во Србија, Јонуз Муслиу за обединување на Прешевската Долна со Косово.
„Тој треба да му заблагодари на Бога што сѐ уште не е уапсен. Освен ако Европската унија не оцени дека и Прешево е „специјален и единствен случај“, што не би ме изненадило“- изјави Дачиќ за „Вечерње Новости“.
Муслиу, кој е и претседател на општинското Собрание на Бујановац, меѓу првите го поздрави референдумот за независност на Каталонија од Шпанија и го повика Белград и меѓународната заедница да го признаат референдумот на Албанците во Прешевската долина од март 1992 година за обединување со Косово.
Според него, референдумот е израз на волјата и легитимно право на домородните народи, како во случајот со Каталонија, кое е загарантирано со меѓународното право. Додаде дека референдумот на Албанците во Прешевската Долина исто така е легитимен и ова може да го гарантира мирот и стабилноста меѓу Прешево и Србија, но таа треба да го почитува правото на Албанците во јужна Србија, кои гласаа за прклучување кон Косово.
И српската премиерка, Ана Брнабиќ рече дека тоа прашање не е на дневен ред.
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај им вети на Албанците од југот на Србија дека наскоро ќе може да добијат државјанство и пасоши на Косово.