20 Декември, 2025
0.0568

ЦЕМЕНТАРНИЦАТА УСЈЕ ГИ ПРИСОЕДИНУВА КОН СЕБЕ ИД КОМПАНИ И ОПАЛИТ - одлуката ја донел Одборот на директори

Објавено во: Економија 21 Април, 2022 07:05

Добивај вести на Viber

Скопската цементарница УСЈЕ присоединува кон себе две друштва, и тоа трговското друштво ИД Компани, како и Опалит, друштво за неметали, кои ги купи пред околу година и половина. 

Тие се наоѓаат во општината Чешиново-Облешево, а ќе се присоединат кон компанијата УСЈЕ поради зголемување на ефикасноста на работењето и концентрација на капиталот.

Оваа Одлука завчера ја донел Одборот на директори на УСЈЕ, без одржување на седница, а всушност станува збор за предлог одлука за годишното Собранието на акционери кое ќе го одржи компанијата, и на кое ќе разгледаат и голем број други предлози.

Како што беше објавено преку Берзата, во ноември 2020 година, Цементарницата УСЈЕ стекнa 100 отсто удел во Трговското друштво ИД Компани, кое, пак, има едно зависно друштво во негова целосна сопственост, односно друштвото за неметали ОПАЛИТ.

Медиумите тогаш јавија дека со оваа трансакција, Цементарница УСЈЕ обезбедила алтернативен и долгорочен извор за снабдување со еден од инпутите во своето производство - позолани, кои ги експлоатира Друштвото за неметали ОПАЛИТ.

Купопродажната цена била во бруто износ од 350 илјади евра.

Инаку, согласно Законот за трговски друштва, член 358, со статутот на некоја компанија може да се предвиди органот на управувањето, односно надзорниот одбор да одлучува и без одржување состанок, ако сите членови на органот на управување, односно на надзорниот одбор дадат согласност за одлуката која се донесува без одржување состанок.

Членот 518, пак, предвидува дека за присоединување одлучуваат друштвото што се присоединува и друштвото кон коешто се врши присоединувањето, или наречено друштво што презема.

Ако како последица од присоединување, спојување и поделба се зголемат обврските на содружниците или на акционерите на едно или на повеќе друштва, одлуката за присоединување, спојување или поделба се донесува со согласност на сите содружници, односно акционери. Претседателот на одборот на директори, односно претседателот на управниот одбор, најдоцна во рок од осум дена од денот на уписот на присоединувањето на друго друштво кон акционерско друштво, го известува Централниот депозитар за хартии од вредност за извршената статусна промена и дава налог за промените коишто треба да бидат извршени во акционерската книга, односно за отворање нова акционерска книга, се вели во Законот за трговски друштва.

„Врз основа на членовите 353, 358, 383, 517 и 518 од Законот за Трговски друштва, како и членовите 18, 34 и 44 од Статутот на Цементарница УСЈЕ АД, Одборот на директори без одржување на седница, на 19 април донесе Предлог одлука за одобрување статусна промена - присоединување“, се вели во една од предлог одлуките за Собранието на акционери.

Всушност, таму се нагласува дека со цел зголемување на ефикасноста на работењето од економски аспект, односно потребата од концентрација на капиталот, технологијата, стручните кадри и работната сила, зголемување на ефикасноста во работењето и конкурентноста на пазарот, намалување на трошоците на работење, обезбедување континуитет во вршењето на дејностите на друштвото кои се присоединува, поповолни услови за нови инвестирања и решенија, Цементарницата УСЈЕ одлучила да се изврши статусна промена - присоединување на трговските друштва ИД КОМПАНИ и ОПАЛИТ, без спроведување на ликвидација на друштвата што се присоединуваат.

Во однос на друштвото што се присоединува: ИД КОМПАНИ, не се врши размена на уделите, во согласност одредбите од Законот за трговските друштва, и не се врши зголемување на основната главнина на Цементарница Усје. Во однос на друштвото што се присоединува, пак, ОПАЛИТ, со присоединувањето основната главнина преминува во имот на душтвото што презема, а тоа е Цементарницата УСЈЕ.

Одборот на директори во својата предлог одлука што му ја предлага на Собранието на акционери, наведува дека во текот на постапката на присоединување ќе бидат запазени сите формалности и обврски кои произлегуваат од законската регулатива.

„Начинот и условите под кои ќе се врши присоединувањето, како и преносот на целокупниот имот и обврски ќе бидат детално наведени во Спогодба за присоединување на друштвата: ИД КОМПАНИ и ОПАЛИТ, како друштва што се присоединуваат кон друштвото што презема, односно Цементарница УСЈЕ“, се вели во предлог одлуката.

Се додава и дека се овластува Главниот Извршен Директор на Цементарницата да договори, склучи и потпише Спогодба за присоединување во форма на Нотарски Акт, која ќе ги содржи податоците во согласност со одредбите од Законот за трговските друштва. 

Односно, таа спогодба треба да ги содржи начинот на кој ќе се изврши пренос на имотот и на обврските од друштвата што се присоединуваат на друштвото што презема, целта и условите под коишто се врши присоединувањето, вредноста на активата и на пасивата што се пренесува од друштвата што се присоединуваат, соодносот според кој ќе се врши размена на уделите, односно на акциите, правата кои им се признаваат на содружниците, односно на акционерите како и посебните погодности коишто ги стекнале, односно коишто им ги даваат уделите, односно акциите, потоа начинот на преземање на уделите, датумот на кој ќе бидат запрени деловните активности на друштвaтa што се присоединуваат; датумот од кога зделките на друштвото кое се присоединува ќе се сметаат како да се извршени за сметка на друштвото кое презема, и слично. Спогодбата ќе стане полноважна по одобрување од Собранието на акционери.

Главниот Извршен Директор на УСЈЕ ќе треба да поднесе и барање за добивање на согласност за статусната промена од Министерството за економија и од Владата, согласно Законот за минерални судорвини.

А, во УСЈЕ ќе се дели и аванс на дивиденда.

„Одборот на Директори без одржување на седница на 19 април годинва донесе Предлог одлука за верификација на Одлуката за распределба на аванс на дивиденда за периодот јануари-јуни 2021 година. Одлуката за распределба на аванс на дивиденда стапува во сила со денот на донесувањето“, се вели во предлог одлуката за Собранието на акционери.

На овие одлуки е потпишан претседателот на Одборот на директори, Јанис Паниарас.

Н.Н.Ф.

Можеби ќе ве интересира

Побарувачката за сребро ќе расте - кои земји имаат најголеми резерви?

Побарувачката за сребро ќе расте - кои земји имаат најголеми резерви?

Koи европски држави ќе имаат раст до 2027 година?

Koи европски држави ќе имаат раст до 2027 година?

ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?

ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?

Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?

Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?

Просечните плати во Хрватска се зголемија

Просечните плати во Хрватска се зголемија

Најголемото наоѓалиште на злато досега – илјадници тони скриени на 1.900 метри

Најголемото наоѓалиште на злато досега – илјадници тони скриени на 1.900 метри

Зошто во Европа се затвораат фабриките за шеќер?

Зошто во Европа се затвораат фабриките за шеќер?

НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка

НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка

Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба

Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба