05 Мај, 2024
0.0266

Бродовите за Франција – парите за Русија!

Објавено во: Колумни 07 Август, 2015

Добивај вести на Viber

Што ти е договор! Еден телефонски разговор после неколкумесечни преговори и решен е еден од проблемите во соработката меѓу Франција и Русија. Во средата во текот на телефонскиот разговор меѓу претседателите Владимир Путин и Франсоа Оланд беше решена судбината на двата носачи на хеликоптери од класата „Мистрал“. Франција ќе и ги надомести на Москва трошоците, а бродовите и остануваат неа. Неофицијално станува збор за  помалку од 1,2 милијарди евра, колку што требаше да чинат двата брода, а Русија веќе имаше платено аванс  од над 800 милиони евра. Разликата се однесува на дополнителни трошоци, кои се натрупуваа со одлагањето на испораката на бродовите и за демонтирањето на руската опрема и материјали. Договорот за изградба на носачите на хеликоптери беше склучен во 2011 година. Во Русија некои велат дека тоа била повеќе политичка, отколку воено-економски оправдана нарачка. Русија, со углед кој паѓаше по грузиските настани, од една страна и Франција предводена од Никола Саркози, од друга, со економија во спад, имаа заеднички интерес. Француското бродоградителство ќе има работа, а Русија ќе добие два современи носачи на хеликоптери. За воља на вистината уште тогаш во Русија имаше отпор кон овој договор. Пред се од експертската јавност. Некои од експертите велеа дека „Мистрал“ е брод кој е за топли мориња, а Русија е опкружена со студени. Или пак ќе треба да ги користи во Средоземјето. Други велеа дека и Русија има сили и знаења да произведе такви десантни бродови и тоа според нејзини потреби. Но нарачката се направи. Се случи Украина и претседателот Оланд донесе одлука да не се испорачуваат бродовите на Русија се до подобри времиња. Но. очигледно подобри времиња не дојдоа. Санкциите од САД и ЕУ се на сила и ден денес. А на Русија, која зема се повеќе замав на воен план ќе и бидат добродојдени, околу една милијарда евра, за да ги вложи во воени цели-изградба на свои десантни бродови. Иако никој официјално не ја споменува точната сума Кремљ веќе соопшти дека парите се префрлени на сметка во Русија и по враќањето на опремата Франција ќе може да располага со бродовите како што сака. Решението на Париз да не и ги дава бродовите на Русија беше повод за остра критика на Оланд од страна на опозицијата во Франција. „Оланд се предаде и Франција ги исполнува барањата на САД и Европа. Тоа е ден на траур за тоа што остана од нашата национална независност“, изјави пратеникот од партијата „Републиканци“, Тјери Мариани, кој неодамна беше и член на парламентарната делегација која го посети Крим. Според него трошоците на Франција околу бродовите ќе бидат меѓу 1,5 и 1,6 милијарди евра, со оглед на тоа што тие сега, ако се продаваат ќе треба да се преправат според барања на купувачите, а сето тоа чини пари. Лидерката на „Националниот фронт“, Марин Ле Пен, пак, смета дека решението на Оланд ќе го доведе Париз до дополнителни финансиски загуби, кои, на крајот, ќе мора да ги компензираат даночните обврзници. Е токму тука почнува заплетот. Што ќе прави Франција со бродови кои се прават по специјална нарачка и по стандарди на нарачателот, а да нема загуби, туку да може да заработи. Русите веќе велат дека ќе и најдат чаре на опремата од бродовите. „Опремата што се демонтира од „Мистралите“ нема долго да седи во нашите магацини. Таа ќе може да се користи и за бродовите од сегашната флота, а со оглед на тоа што ние се подготвуваме во определен рок да направиме свои бродови, подобри од „Мистрал“, таа опрема ќе се најде и за новите носачи на хеликоптери, изјави вчера за „Интерфакс“ првиот заменик на претседателот на Комитетот за одбрана во Државната Дума, Андреј Красов. Франсоа Оланд, пак од Египет, каде што беше вчера на отворањето на проширениот Суецки канал вети дека ќе се најде решение за „Мистралите“. Каде ќе отпливаат „Мистралите“? Имаше идеја да се продадат на НАТО. Кон крајот на минатата година група американски конгресмени му пишаа писмо на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг НАТО да ги купи бродовите наменети за Русија. На тој начин Франција би немала големи загуби. Од НАТО немаше официјален одговор, но Алијансата нема сопствена воена техника и ова писмо би било пожелно да се упати на конкретна адреса на некоја земја-членка. На пример Канада. Друга опција е да се продаде на држави кои се заинтересирани за руска воена техника. Можеби на  Кина, Индија, Венецуела, Бразил, Египет...Во кинескиот печат годинава во мај веќе имаше најави дека претставници на Воено морските сили на Франција при посета на Шангај можеби ќе го покренат тоа прашање. Но и тоа не е лесно без одобрение на Русија. На бродовите има руска опрема и материјали кои без руско одобрување не можат да се продадат. Таму има вградено специјални опреми за врски и други технички решенија и за да се отстранат треба целиот брод да се размонтира. И очигледно така ќе биде. Така е договорено-опремата и материјалите Русија ќе си ги земе, а трошоците за тоа ќе ги плати Франција. Погоре споменатиот пратеник Мариани, инаку порано министер за транспорт, пред некое време за електронското издание на Le Parisien предложи бродовите да се продадат на ЕУ и таа од нив да направи пловечки болници кои би им помагале на мигрантите во Средоземното море, а истовремено да бидат место за решавање на административно-правни прашања поврзани со давање прибежиште на мигрантите.. „Што е една милијарда евра за Европа, која постојано се жали дека нема доволно сили и бродови“, вели Мариани. И додава дека Париз ја замрзна испораката на бродовите од солидарност со другите европски земји, па сега ред е и тие да бидат солидарни со Франција. Пред извесно време во францускиот печат, „Фигаро“ и „Монд“ се пишуваше дека во земјата се разгледуваат неколку варијанти, меѓу кои и бродовите да бидат потопени. И дека тоа би била најефтина варијанта државата да се справи со нив. Тоа би чинело околу 20 милиони свра. Дотолку повеќе што нивното приспособување за француските поморски сили би чинело неколку стотици милиони евра. За што ќе се одлучат Французите ќе дознаеме наскоро. Најверојатно ќе одат на продажба за да се ублажат загубите. Но финасиските загуби се едно, а губењето доверба е сосема друга работа. Целата приказна со „Мистралите“ е будно следена од многу земји кои се сметаат како идни француски клиенти. Дали Франција може, после се што се случи, да им гарантира дека ќе им го испорача оружјето, авионите или бродовите како што е договорено. Дали нема да се повтори сторијата со „Мистралите“? Независно дали како самостојна, солидарна или пак како одлука донесена под притисок на САД и ЕУ. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина