26 Април, 2024
0.0269

БОЛНА РЕАЛНОСТ: Ресенските индустриски јаболка ги откупуваат по еден денар за килограм!

Објавено во: Агробизнис 13 Ноември, 2018

Добивај вести на Viber

Викендов во медиумите се појави фотографија со фрлени јаболка во Преспа, како резултат на ниската цена и неисплатливоста тоа да се продаде.

Љубе Пампулевски, претседател на здружението на овоштари „Благој А. Котларовски“ од Ресен вели дека имало таков случај, но наведува дека се работи исклучиво за индустриско јаболко, чија цена е 1 денар по килограм. Тој вели дека е сложена целата ситуација зошто дојде до една ваква лоша сезона.

„Има повеќе фактори кои влијаат на оваа ситуација, и треба да се објаснат детално за да се добие јасна слика. Од август имаше најави за ова, имаме големи количини кои ни поголеми држави, организирани не би можеле да се снајдат, а камоли ние. Некои од овоштарите од јаболката кои не им се исплати да ги продадат, прават ѓубриво за следната година. Апелирам со овоштарите да се воздржат од продажба десетина дена, додека цената да се стабилизира. Од друга страна, оние луѓе кои не се производители, оваа година имаат многу квалитетно јаболко по ниска цена на зелените пазари низ Македонија“, вели Пампулевски.

Се споменуваа протести поради ниската цена на јаболкото, но тоа не се случи.

Индустриското се откупува за 1 денар, а трпезните јаболка за 8 до 10 денари по килограм.

Oд Министерството за земјоделство велат дека ја следат состојбата на терен со откупот на индустриско јаболко. Наведуваат дека МШЗВ изминатиот период презема серија мерки за развој на овоштарството, вклучително и на производството на јаболка.

„Со цел производителите на јаболка да имаат рентабилно производство, Владата воведе нова интервентна субвенција за производителите на јаболка. Конкретно, производителите на јаболко кои ќе го предадат своето производство кај регистрирани откупувачи кои вршат извоз, ќе добијат субвенција од 3 денари за килограм предадени јаболка. По носењето на оваа мерка, во МЗШВ пристигнуваат барања за регистрација нови фирми кои што вршат откуп и извоз на јаболка, што дополнително се очекува да влијае врз стабилизирање на откупот и зголемен извоз. Владата ја донесе оваа одлука со цел да им се излезе во пресерет на производителите на јаболка особено во преспанскиот регион, кои претрпеа големи штети врз производството поради временските непогоди, поради што има оштетување на родот што директно влијае на економската вредност на јаболкото. По еден месец од воведувањето на новата интервентна субвенција за производителите на јаболка, е откупена една третина од индустриското јаболко“, информираат од МЗШВ.

Дополнително, во годинешната Програма за финансиска поддршка во земјоделството, за 20 отсто се зголемени субвенциите за одржување на овошни насади за земјоделците со развоен потенцијал. За реконструкција кај овошните насади, особено кај јаболката за промена на асортимент, се воведе нова поголема субвенција од 9.900 денари. За промена на производство од житни во овошни култури, земјоделците ќе добијат 30 отсто повисока субвенција по хектар. Оваа година субвенцијата за предадено овошје во преработувачки капацитети за овошје е зголемена од 2 на 3 денари за килограм, додаваат од МЗШВ. 

Вкупното производство според овоштарите се проценува дека е 135.000 тони, од кои 65.000 тони се трпезни јаболка, а другото е индустриско јаболко.

Оваа година во земјава има хиперпродукција на јаболка и тоа создаде големи проблеми. 

Сања Атанасовска

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади