19 Март, 2024
0.0231

Битка за тенковите за Украина

Објавено во: Колумни 23 Јануари, 2023

Добивај вести на Viber

Изминативе месеци, особено оние по влегувањето на руските сили во Украина за некои набљудувачи на воените дејства беа можност за искажување разни констатации. Па така тие ги ставија тенковите во група оружје кое е минато! Беспомошен куп железо. Од кој нема полза, наспроти противтенковските ракети, наспроти убиствените беспилотни летала...Кон крајот на минатата недела во американската база во Рамштајн, Германија, се разви вистинска битка за тенковите за Украина. Битка, но, со зборови, меѓу сојузниците обединети околу Украина. Од каде, пак, сега потреба од тенкови за војната во Украина, ако се само куп железо?

Собирот во Рамштајн всушност беше вовед во подготовките на Украина за пролетна офанзива, која е веќе најавувана, а некои зборуваат дека над неа работат заедно Американците и Украинците. Но известувачите од Рамштајн, од „Њујорк тајмс“, на пример, велат дека се појавуваат разногласија околу плановите за испорака на Украина воена техника до почетокот на пролетта. И ако за оклопни транспортери или за против ракетни системи, хаубици или лесни тенкови нема проблеми, проблем е испораката на тешки тенкови. „Малите, но значајни пукнатини, стануваат многу големи, за да може да се сокријат. Разногласијата се однесуваат на стратегијата за годинава и многу побитното прашање за тоа, што и е потребно на Украина во неколкуте наредни месеци“ пишуваат авторите. Тие забележуваат дека Украина и Русија се подготвуваат за напади на пролет. Според нив, без германски тенкови Leopard 2, вооружените сили на Украина не ќе можат да се подготват за пролетна офанзива. Се цитира и холандскиот министер за надворешни работи Вопке Хекстра кој вели: „Ако сопреме сега или ако го намалиме или ограничиме обемот на испораки на Украина, се’ ќе биде залудно. Ние треба да го удвоиме влогот. Победата на воено поле нема замена“.

Германија, канцеларот Олаф Шолц, ја поврзуваше испораката на тенковите со испорака на американските тенкови Abrams. Но повеќе со  преземање на иницијативата за испорака на тенковите од страна на Американците. Министерот за одбрана на Германија, Борис Писториус, кој на таа функција е одвај две недели изјави дека неговата држава не е подготвена за испорака и дека ќе биде направена инспекција на тој вид тенкови за да се оцени сценариото за позитивно решение во иднина. Но медиумите во Германија известија дека веќе пред некој месец била направена инспекција. Од друга страна американскиот претседател Џо Бајден, кој си има внатрешни проблеми, а и лични со откривањето на доверливи документи, премолче на прашање за роковите за испорака на германските тенкови, но истакна дека „Украина ќе ја добие сета неопходна помош“. Пред една недела Американците соопштија дека ќе и дадат нова воена помош на Украина во вредност од 2,5 милијарди долари.

ИСТОРИСКО ЧУВСТВО НА ВИНА

Без оглед на отказот на Германија, засега да не и дава тенкови на Украина, украински војници ќе почнат да се обучуваат да управуваат со Leoprad 2 во Полска. Тоа го потврдија и во Варшава и во Киев. Полска дури најави дека нема да чека дозвола од Германија за испорака на германски тенкови со кои таа располага и дека ќе и даде одреден број на Украина. Полскиот премиер Матеуш Моравјецки изјави дека Варшава дозволува создавање на  „мала коалиција„ со земји кои се подготвени да и дадат дел од својот Leopard 2 на Украина, без учество на Германија, доколку Берлин не одлучи да се дадат овие тенкови на Украина. Германците досега велеа дека нема барање од ниту една земја која има тенкови Leoprad 2 за дозволување испорака во Украина. Но, вчера министерката за надворешни работи на Германија, Аналене Бербок, изјави дека Берлин нема да се противи на испораките на германски тенкови од трети земји. Што значи дека ова прашање не е ставено во фиока и дека наскоро ќе следи и германска испорака на тенковите Leoprad 2. Советникот на Канцеларијата на претседателот на Украина, Михаил Подољак, се осврна на отвореното барање на германски пратеници да не се помага на Украина. Според него „време е (Германците) да си ја преземат одговорноста и да се откажат од историското чувство на вина..“

Во очекување на тенковите и други оклопни возила и воена опрема, во НАТО веќе се проговори за испорака на авиони на Украина. Холандија има намера да е откаже од своите стари ловци Ф-16, бидејќи има намера да купува нови, па старите да и ги даде на Украина. Во февруари се очекува нова средба на Контактната група за одбрана на Украина во Рамштајн и Украинците очекуваат дека на неа ќе се зборува за воени авиони.

Резултатите од „тенковскиот Рамштајн“, но и претходните изјави од САД за обезбедување воена помош на Украина „ со се’ што е неопходно за постигнување успех на воено поле“,не останаа без коментари од Москва. Марија Захарова, портпарол на руското министерство за надворешни работи вели:„ Сето тоа го оценуваме како отворено провокативно поттикнување од Западот и зголемување на влоговите во конфликтот, што неизбежно ќе довде до зголемување на бројот на жртвите и опасна ескалација“. Во Русија  експертите очекуваат Западот да испорача авиони на Украина. Поранешниот претседател на Русија, Димитриј Медведев, изјави дека „на Русија нема да и биде многу лесно и не и’ се потребни илузии“. Западот ќе биде подготвен за бесконечни обиди за кршење и уништување на Русија, а како одговор би можел да се појави нов воен сојуз на глобално ниво, напиша тој во својот Telegram канал. Според него светот одново ќе стане стабилно место кога САД ќе ја напуштат Европа и „она што ќе остане од Украина“, освен ако не биде предоцна“.

НУКЛЕАРНА ВОЈНА

„Русија ќе преземе „контра мерки со користење на помоќно оружје“ доколку САД и земјите од НАТО и испорачаат на Украина офанзивно оружје, кое ќе се користи за освојување територии и удари врз мирни градови“, изјави претседателот на Државната дома Вјечеслав Володин. Според него Вашингтон и Брисел го водат светот кон страшна војна.„ Водејќи сметка за технолошката надмоќ на руското оружје, на странските политичари, кои носат решенија им е неопходно да разберат дека тоа може да заврши со трагедија од светски рамки, која ќе ги уништи нивните земји“, истакна Володин, кого некои го сметаат за можен наследник на претседателот Владимир Путин.

Појавата на германски тенкови на руска територија е камен-меѓник во секоја војна, изјави генералот Андреј Гуруљов, депутат во Државната дума. „Овие момци се прилично дрски. Немаат кочници“, нагласи Гуруљов, имајќи ги предвид најавите за испораки на ново оружје на Украина. Тој е заговорник за примена на нуклеарно оружје во случај на напад на руска територија. Гуруљов ги вклучува во неа и новите територии присоединети кон Русија од Украина.  Според експертот Михаил Ходоренко  наскоро ќе почне испораката на основните борбени тенкови од западно производство на Украина. Тој додава дека Американците не ги даваат тенковите M1 Abrams, не од тоа што се тешки за експлоатација, туку од можноста за нивно дискредитирање во текот на воените дејства. Особено ако ги нема во доволно количество и со подготвен екипаж.., може да се урне легендата за тенкот, уште повеќе ако публиката види како гори американски тенк. За успешна операција на Украинците би им биле потребни најмалку 300 тенкови, вели Ходоренко. Тој претпоставува дека  новите пакети воена помош од САД и Британија ќе и овозможат на Украина наскоро да создаде ударна група војска, која би делувала во насока на Запорожје. Оттука и пораката до командата на руските сили дека „покрај борбата со брадите на војниците, највнимателно треба да се следи ситуацијата и да се помогне на ударните групи на „Вагнер“ во сите насоки“. Изминативе денови руското командување беше критикувано од влијателни поединци дека повеќе води сметка за тоа дали војниците имаат брада, отколку за тоа колку и како се опремени. Во медиумите се зборува за голем број загинати за последните воени операции околу Соледар и Бахмут(Артјомовск). За конфликт меѓу генералите и оставки.

Не им е лесно и на Украинците. Донеодамнешниот советник на Канцеларијата на Претседателот Зеленски, Алексеј Арестович, во една изјава на Јутјуб се сомнева дека Украина ќе победи во војната со Русија. Дека нема гаранција за победа на Украина и дека постои голем ризик од пораз од Русија. Тој зборува за можно исчезнување на Украина, на што предупредил и полскиот претседател Анджеј Дуда. Според Арестович наредните месеци се решавачки за Украина. „Нели ви се чини дека ние сме во историја, што не ја создаваме ние“, вели тој. Достапот до информации што го имал му овозможува да тврди дека „со ситуацијата на Украина сега управуваат други земји“. Но и дека во земјата почнале да „се јадат едни со други“ политичарите и претставниците на власта. Подоцна тој го смени акцентот на изјавата за „негарантирана победа“ на Украина. Па изјави дека Киев нема да ја изгуби победата. И дека таа зависи од сплотеноста на Украинците и од испораките на западно оружје.

РАДИОАКТИВНИ ГРОБИШТА

За единство и сплотеност зборуваше и претседателот Зеленски. Тоа се условите за победа во војната годинава. „Брзината (за завршување на војната) зависи од цврстината внатре во Украина и цврстината од надвор – помошта од партнерите. И не треба да се дозволи забавување на надворешните процеси, или внатре, затоа што со тоа ќе се одолговлечува војната“, изјави Зеленски. Но Украина има проблеми и со личниот состав на војската. Тој не споменува подробности за мобилизацијата, но јасно е дека има проблеми со обновувањето на силите на војниците по воените дејствија. Затоа побарал од военото раководство да создаде резерви, „затоа што е тешко од разни причини, ранувања, психолошки состојби.., тоа треба да биде нормално“, рече Зеленски.

Војната е можност и за корупција, која во Украина има длабоки корења. Па раководството на Министерството за одбрана е повикано во надлежна комисија на парламентот во врска со скандалите при купување на прехранбени производи за војската за што се плаќало по зголемени цени. И тоа по неколку пати. А не станува збор само за прехранбени стоки, туку и за други потреби на министерството. На, пример мали дронови од Кина.

Развојот на ситуацијата во Украина предизвикува загриженост кај многумина. Па така новинарот на Mailonline, Питер Хиченс околу испораката на  тенкови во Украина вели дека за него тоа е „огромна глупост“. Според него, резултатите од користење на тенкови од страна на Украина не се познати, но „постои реална можност, голем дел од Европа да биде претворен во радиоактивни гробишта“ , а „американската освета“ да ја претвори Европа во „свет на ужаси, загуби и сиромаштија“. Тој смета дека светските држави треба да придонесат за траен компромис, како што било после 1945 година. „Наместо тоа ние праќаме тенкови. Тоа личи на пожарникарски тим, кој распламтува оган“, пишува Хиченс. Тој признава дека не е воен експерт, но и без тоа знае дека тенковите не се предвидени за одбрана. Хиченс, исто така, ја обвинува британската влада дека не дозволува слободно разгледување на важни прашања од националната политика, а оние кои што се обидуваат да раскажат за конфликтот почнуваат да ги навредуваат.

Но не е само Хиченс загрижен за развојот на настаните. Илон Маск, деновиве одново ја спомна Украина и рече дека е „крајно опасно“ доколку САД го поддржат ударот на Украинците врз Крим. „Јас во целост ја поддржувам Украина, но безмилосната ескалација е крајно опасна за Украина и за целиот свет“, напиша тој на Твитер. Тоа беше негов коментар на текстот во  New York Times, каде што се зборува дека во Белата куќа се разгледува давањето оружје на Украина со чија помош може да се нанесуваат удари врз Крим. Според весникот американските власти „почнуваат да се склони дека на Киев можат да му бидат неопходни“ средства за нанесување удари врз Крим, „дури доклку таквиот чекор го зголеми ризикот од ескалација“.

Има луѓе кои тврдат дека „Третата светска воја  е веќе почната“. Тоа го вели во интервју за „Фигаро“, Емануел Тод. Во неа се вовлечени САД, Русија и Кина. А во воените дејства во Украина е вовлечен и Западот. На прашањето да не преувеличува дека Западот е директно вовлечен во војната Тод одговара:„ Ние, во секој случај, испорачуваме оружје само на една страна од конфликтот - Украина. Ние убиваме Руси, иако притоа се трудиме да не бидеме присутни на местото на гинење на луѓето за да не се откриеме себе си. Но останува факт дека ние ги чувствуваме последиците од конфликтот, преку инфлацијата и дефицитот на редица стоки“.

Не еднаш сум напишал дека двете страни во конфликтот, Западот, пред се САД и Русија, постојано го зголемуваат влогот во воената игра. Спиралата на војната се’ уште оди нагоре.  Опасноста од Трета светска војна станува се пореална. Иако Западот има, се чини, и друга тактика. Да и дава оружје на Украина колку да не биде победена, но не и да победи, бидејќи за такво нешто Русија прво треба да ги истошти своите војски, па да ги потроши своите арсенали... Но дали некој ќе ги брои жртвите во таков случај?  А што ќе стане со нуклеарните арсенали? Медведев еднаш изјави дека „нуклеарните сили не сакаат да бидат поразени. Било да станува збор за Русија или за САД...Тоа може да биде и појдовната точка за вин-вин решение на украинската криза. Освен ако не решиле до крај да се уништат. Деновиве во „Фајненшел тајмс“ имаше текст од автор кој учествувал во симулација на нуклеарна војна. Катастрофа. Стотици милиони би загинале во првите бранови. Самиот факт дека некој прави симулации зборува дека има луѓе кои сакаат војна, само прашање е цената што треба да се плати.

Мирче Адамчевски  

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?