08 Мај, 2024
0.0252

Бездушници – за оставките и отстапките

Објавено во: Колумни 25 Февруари, 2015

Добивај вести на Viber

Да тагуваш и липташ,  да гориш од бол и да викаш од бес, да ти се кине душата на парчиња и да ти плаче срцето, да патиш и чемрееш, да врескаш од дно на душичката и траорно и немо да гледаш, и молчешкум да одиш во колоната, чекор по чекор, а мислите таму далеку, залутани, изгубени, отидени во неповрат. Само извиците кои ја параат бездушната атмосфера и криците, болни и остри, ве враќаа во реалноста. Солзите сами се леат и веќе не е важно дали некој ве гледа, дали вие некого гледате, не е важно кај сте, до кого сте, со кого сте...само едно беше вистинито и реално-однесен детски живот, таму горе, меѓу ангелите, замина една насмевка која грееше и топлина ширеше, замина едно дете кое најмалку беше виновно за судбината која ја носеше...а можеше, можеше уште многу насмевки да дари и топли прегратки да подели. Ова ме потсетува на Хобсовата војна на секој против секого Гледајќи во толпата немо, на миг ќе се запрашате дали ова навистина се случува, дали е ова вашата држава, дали се ова институциите на системот кој сите ние заедно ги потхрануваме, дали навистина злоботијата толку длабоко не навјасала и полека, грицкајќи не одвнатре, забораваме на човештината. Сето ова ме потсетува на Хобсовата војна на секој против секого и на една природна состојба која требаше да остане таму некаде многу далеку, децении и векови зад нас. Та нели држава градевме, та нели институции правевме, та нели демократија созававме, е почитувани мои ни првите букви не останаа од она што децении се градело и зацврстувало. Можеби прегрубо звучи, но во денешново совремие, кога треба се да се развива со молскавична брзина, ние се јадеме и колваме меѓу себе, си кинеме мевце и гледаме да се повредиме и навредиме, и гледајќи во секојдневието ја заборавивме суштината, полека урнисувајќи се што не правело горди и вечни. Спилберг би ни позавидел на сценаријата катадневни, чии сведоци сме А глумци и глумици насекаде, небаре театар е сета држава. Простете ми на малициозноста, но ми се лоши од хипокризијата која секојдневно ја гледаме. Хипократовата заклетва не е само за на ѕид, да драги мои, таа треба и да се знае, но и да се практицира, посебно од оние кои ја положиле. Спилберг би ни позавидел на сценаријата катадневни, чии сведоци сме. Можеби некој падна на милозливиот и затреперен глас и солзните очи на првата фондовска дама, која за воља на вистината изгледаше скршена давајќи ја изјавата и жалењето за загубениот детски живот, но дали искреноста беше докрај присутна и мораше ли да се спомене и да се потенцира дека се во нивна моќ било направено? Господа со моралот не се тезгари и вредностите не се пазарат, ако имаш морални скрупули и вредносен дискурс нема да чекаш некој да те опомене и да побара одговорност, не, внатрешниот судија-совеста, е таа дава санкции за морален прекрош, но таа не затајува и нејзе не и треба опомена, таа, доколку се има, веднаш воскликнува и се исполува. Само се прашувам дали со истите солзни очи сите ќе ја погледнат мајката на Тамара, која обвиена во црно, здушена од болка, гордо се исправува и во името на нејзиното непреболено чедо вели да не се заборави, да не се повтори.... Ниту оставки, ниту отстапки можат да смират нечија совест Огавност ви се јавува и ви иде да бидете лоши и злобни, иако тоа не сте вие, ви иде да навредите и повредите, ви доаѓа да изговорите псовка која ни во зла намера ни во лудило не би ја споменале, но ви доаѓа, бидејќи бесот и болката се појаки од разумот. Е тоа е драги мои собеседници, пријатели, познаници врвот, кога емоциите ќе ви го завладеат разумот, тогаш доаѓа до изнедрување на сето она ваше длабоко скриено, сето она што тлеело во вас, било маргинализирано, сето лошо кое несвесно го исполуваме, тогаш разумот молчи, а емоциите, посебно негативните, оро вијат. И во тие мигови може брат на брата да му е непријател, во тие мигови човечното се затскрива, но тоа се мигови кога едноставно силината на гневот и болката е толку голема, што сето друго останува затскриено. И тогаш вреснувате...Бездушници, морални злоби, бесчувствителни битија, со каква мисла легнувате и станувате, дали мирно спиете и сонувате, дали воопшто нешто чувствувате и дали можете да се наречете луѓе кога на два дена после смртта на едно дете праќате на истата адреса писмо со содржина која би ја распорила и најцврстата душа...имате ли усул....Не пријатели, ниту оставки, ниту остапки можат да смират нечија совест.... П.С. 1 Не паметат одамна ден и миг кога сум имала мошне измешани емоции, дијаметрално спротивни, но денес тоа го доживеав. Во сенката на протестот одекна една друга бомба, една бомба за подобро студентско и образовно утре, една голема победа за пленумците и со сласт и насмевка ќе кажам-браво вие го обеливте образот и покажавте дека кога имате визија и јасна цел, ниту една мисија не е невозможна. П.С.2 Без оглед на мојата докторска титула и професура, можеби не доволно сум се задлабила и проникнала во суштината, но верувајте до ден денес не разбрав одредени луѓе од што ме бранат, дали не е малку параноично тоа однесување, вака гледајќи како човек што се занимава со социјална патологија ќе го цитирам Барик-морална патологија. Само едно ќе напоменам-ПАТРИОТИЗМОТ НЕМА ЦЕНА, не се верификува со финансии за театарска престава, патување, книги, не пријатели, ПАТРИОТИЗМОТ НЕ СЕ КАЖУВА, ТОЈ СЕ ПОКАЖУВА И ДОКАЖУВА-СО ДЕЛА А НЕ СО ЗБОРОВИ. Д - р Татјана Стојанска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина