МАКЕДОНИЈА, СРБИЈА, БОСНА - ИДНА ТАМПОН ЗОНА ЗА БЕГАЛЦИ? Европа и Британија го зголемуваат притисокот
Објавено во: Македонија 25 Мај, 2025 10:16
Балканот повторно се најде во фокусот на миграциската политика на Европа и Велика Британија. Во последниот месец, неколку иницијативи најавени од западните земји го поставуваат регионот како потенцијална централна точка за сместување и враќање на мигранти и одбиени баратели на азил, стратегија која веќе предизвикува загриженост кај некои влади од Западен Балкан.
Британија и ЕУ со планови за центри за враќање во Балканот
Најгласен е новиот план на британската влада, која во мај 2025 година објави дека ќе воспостави т.н. „центри за враќање“ за лица кои не добиле азил во Обединетото Кралство. Како локации се споменуваат земји од Западен Балкан, вклучувајќи ја нашата земја, Албанија, Србија и Босна и Херцеговина.
Според информациите од „The Guardian“ и „The Telegraf“, британските власти веќе оствариле контакти со неколку влади во регионот. Целта е одбиените азиланти да не останат на британско тло, туку да бидат преместени во трети земји, каде ќе чекаат враќање или ќе добијат нова можност за азил.
Во екот на новите иницијативи на Велика Британија за справување со зголемениот број на мигранти, британскиот премиер Киер Стармер објави дека се разгледуваат договори со земји надвор од ЕУ за отворање на т.н. „return hubs“ – бегалски центри за одбиени азиланти. Според пишувањето на британски The Telegraph (20 мај 2025), меѓу потенцијалните партнери за вакви центри се наведени Србија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија.
Целта на овие центри е да прифатат мигранти кои не добиле азил во Обединетото Кралство и ја исцрпеле целата правна постапка. Тие би биле задржани во овие „return hubs“ додека се подготвува нивна депортација во земјите од потекло. Велика Британија би финансирала секој поединечен трансфер, според изворите на „Телеграф“.
Истовремено, според информациите на Associated Press, пак Европската унија разгледува предлог што би овозможил депортација на мигранти дури и во земји со кои тие немаат никаква очигледна врска. Новата насока, предложена од Европската комисија, има цел да ја засили можноста за враќање на лица што немаат право на азил, со тоа што критериумот за „врска со третата земја“ би се проширил, на пример, ако мигрантот ја има транзитирано таа земја на патот кон Европа.
Ова веднаш предизвика реакции од организации за човекови права. Силвија Карта, застапничка во европската мрежа PICUM, предупреди дека новите правила може да доведат до разделување на семејства и депортации без соодветна правна процедура, во држави „кои мигрантите дури ни не ги познаваат“. Организациите истакнуваат дека ваквите политики се спротивни на европските вредности и дека би наметнале несразмерен товар врз посиромашни држави – како што се земјите од Западен Балкан.
Но, не сите се согласија со овој пристап. Премиерот на Албанија, Еди Рама, отворено го одби британскиот предлог, истакнувајќи дека Албанија веќе има сличен договор со Италија и дека не сака да стане депонија за мигрантскиот товар на Западна Европа. Во меѓувреме, и други влади од регионот внимателно го следат развојот, воздржано коментирајќи ги дипломатските преговори.
Европската Унија со нови механизми и повици кон Балканот
Паралелно, Европската Унија во мај 2025 година предложи нови механизми за управување со миграцијата, кои вклучуваат можност за враќање на мигранти во „безбедни трети земји“ дури и без директна врска со тие држави. Во декември 2024 година, ЕУ веќе го отвори прашањето за вклучување на Западен Балкан во новиот Пакт за миграција и азил – процес кој треба да започне во јуни 2026 година.
Целта, според Европската комисија, е да се зајакне регионалната соработка, да се олесни враќањето на нелегални мигранти и да се поттикне усогласување со европските стандарди. ЕУ досега има инвестирано преку 350 милиони евра во управување со миграцијата во регионот, а најновата транша од 60 милиони евра е одобрена во 2024 година за поддршка на Србија, Северна Македонија, Босна и Црна Гора.
Граѓански и правни организации со сериозни предупредувања
Иако западните влади инсистираат на „хуман и одржлив модел“, граѓанските организации и правниците предупредуваат дека ваквите шеми може да ја загрозат безбедноста и достоинството на бегалците. Има извештаи за насилство и нехуман третман во некои постоечки центри во Бугарија, против кои веќе се водат и постапки пред Европскиот суд за човекови права.
Од УНХЦР велат дека „центри за враќање“ можат да бидат опција само доколку се во согласност со меѓународните хуманитарни стандарди. Иницијативата е дел од поширока стратегија на британската влада за справување со зголемениот број на илегални преминувања преку Ла Манш, кои оваа година надминаа 12.000, што е пораст од 40 отсто во однос на 2024.
Додека правните дилеми и политичките реакции се множат, сѐ повеќе се зборува дека Балканот ќе стане новата тампон-зона за Европа, притиснат меѓу политичките амбиции на ЕУ и реалните предизвици од миграцијата. Засега, не постои официјална потврда од македонските власти за какви било преговори или договори во врска со бегалски центри на територијата на државата.
Анита Буховски
фото: EPA-EFE/FEHIM DEMIRМожеби ќе ве интересира
ФАКТОР НА ДЕНОТ: Полицијата го уапси Бујар Дардишта, поранешен директор на Управата за водење на матични книги
Тошковски објасни во кои случаи полицијата ќе одзема возило
Toшковски откри кога „Безбеден град“ ќе се спроведе на целата територија на Македонија
Орце Ѓорѓиевски: Со едногласна одлука, реизбран сум за претседател на ЗЕЛС
ИЈЗ: Кога квалитетот на воздухот е лош – заштитете го вашето здравје!
СДСМ ИЗГУБИ НА СУД ОД МИЦКОСКИ: Апелација пресуди дека изнесувале невистини и клевети против него
ПОВЕЌЕТО ОД ОСУДЕНИТЕ ЗА 27 АПРИЛ, ДОБИЛЕ УСЛОВЕН ОТПУСТ: Издржале повеќе од две третини од казните
Европското знаење го применува дома: Милијана Богданоска праќа големи пораки преку еко начинот на живот




