Австрија ја забрани бурката за побрза интеграција на бегалците
Објавено во: Свет 31 Јануари, 2017
Коалициската влада на Австрија ќе забрани покривање на целото лице, објави германскиот весник „Ди Велт".
Десничарската Народна партија и Социјалдемократската партија се договориле доцна синоќа во врска со владиниот план за реформи, кој се фокусира на создавање на работни места, економски раст и едукација.
Планот вклучува нови мерки за безбедност, кои ќе ја затегнат контролата врз лицата кои бараат азил, иако социјалдемократите првично одбија да ги поддржат. Се предвидува и пакет за интеграција, предводен од министерот за надворешни работи Себастијан Курц кој повикува за дополнително финансирање за германски јазик, интегративни курсеви и забрана на бурки.
„Забраната на антисоцијалните симболи како бурки ќе помогне на Австрија подобро да ги интегрира оние имигранти кои имаат право да останат"- истакна Курц.
Тој изрази задоволство дека социјалдемократите конечно се согласиле на договорот.
Франција беше првата европска земја која забрани бурка на јавни места во 2010 година, следена од Белгија и Бугарија.