„АУТ“ ОД ВМРО ДПМНЕ: Скоро 30 години Мијалков е дел од партијата, сега му следи исклучување
Објавено во: Македонија 23 Октомври, 2018
Лани во јули соопшти дека се повлекува од партиските функции во ВМРО-ДПМНЕ, а денеска му се заканува исклучување од партијата во која е член безмалку 30 години.
Сашо Мијалков се најде на листата на високи партиски членови и државни функционери во владеењето на Никола Груевски на кои им претстои исклучување поради како што соопштија синоќа од партијата, однесување спротивно на интересите на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија.
Пред три ипол години, во 2015та Сашо Мијалков се повлече од партиските функции во ВМРО-ДПМНЕ и реши да ја стави во мирување политичката активност.
„Со цел да се завршат судските постапки кои се во тек, а во кои што кај мене постои лично убедување дека ќе се докаже вистината, донесов лична одлука да се повлечам од сите партиски функции.
Низ целиот мој животен и работен век со своите можности, сила и знаење се вградував во партијата, почитувајќи и верувајќи во нејзините определби и идеја, и залагајќи се за доследност и посветеност кон истите.
Останувам со убедување дека мојот ангажман и професионални заложби за Македонија за време на моето работење во државните институции ќе бидат уште повеќе валоризирани и верификувани низ една историска дистанца.
Продолжувам и понатаму силно и убедено да ги поддржувам вредностите на партијата и она во што секој наш член верува, каузата на историското ВМРО и визијата за просперитетна Македонија, напредна и модерна, членка на ЕУ и НАТО“, соопшти тогаш преку писмено соопштение, Сашо Мијалков.
Членот на највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ и екс директорот на УБК раководеше со тајната полиција во земјава а е еден од осомничените во случаите „Таргет“ за незаконско прислушкување, „Трезор“ и „Тортура“ на Специјалното јавно обвинителство.
Многумина знаеја да кажат дека појавата на братучедот на премиерот Груевски, Сашо Мијалков, која оддава авторитет, но и моќ, го прави еден од највлијателните луѓе во Македонија.
Мијалков е син на Јордан Мијалков, првиот министер за внатрешни работи на Македонија.