Анѓушев: Светските центри ги ревидираат своите проекции за нашата економија
Објавено во: Економија 14 Октомври, 2019
Кочо Анѓушев, вицепремиерот за економски прашања, денеска пред почесните конзули рече дека очекува растот на бруто-домашниот производ да биде 3,5 отсто на крајот од 2019-та.
- Сите светски центри како Светска банка и други ги ревидираа проекциите за нашиот раст, кој според истите требаше да биде 2,5 отсто за оваа година. Според растот во првиот и вториот квартал, очекуваме развојот за годината да го завршиме со 3,5 отсто. Ние проектираме раст од над три проценти. Имаме сериозен раст на бруто инвестициите и растот на економијата во моментот е генериран од приватниот сектор и индустријата, изјави Анѓушев.
Тој од почесните конзули побара преку нивната економска дипломатија може да помогнат во привлекување кредибилни инвеститори во обновливи извори на енергија, фотоволтаици, гасоводна дистрибутивна мрежа, голем откупен центар на земјоделски производи, како и компании кои вработуваат високо технолошки кадри за задржување на младите и извезување на готови производи.
Наш таргет, нагласи тој, не се инвеститори кои ќе бараат евтина работна сила, туку компании кои се од повисок степен на технолошки развој.
– Не е важно да вработуваат по четири пет илјади работници, поважно е да вработуваат високо технолошки кадар и да бидат со 300, 400, 500 вработени, каде дозволуваат платите да бидат над просекот во државата. Целта е да ги задржиме младите. Наместо да извезуваме луѓе во другите држави, ние да извезуваме готов производ, вели Анѓушев.