10 Август, 2020
0.0315

Анализа со Бошњаковски: ООН не е совршена, но нејзин распад би бил катастрофален за Македонија

Објавено во: Колумни 26 Јуни, 2020

На 26 јуни е потпишана Повелбата на Обединетите нации, основачкиот документ кој ги постави темелите како на глобалното тело за одржување на мирот, така и на поствоената реалност по поразот на фашизмот и силите на Оската. Денес, по 75 години експертите за меѓународни односи и дипломатите ги поставуваат прашањата дали оваа организација треба да се реформира, особено по критиките на американскиот претседател Доналд Трамп кој се закани дека САД повеќе нема да ги финансира нејзините клучни институции како СЗО и тоа во време на пандемија со КОВИД-19.

Од македонски аспект присуството во ООН е од исклучителна важност, смета Владимир Бошњаковски, магистер по меѓународно право и дипломатија, адвокат и консултант за стратегија и преговори. Со Бошњаковски анализираме каде треба да се подобри македонската дипломатија, кои врски треба да се градат и како Македонија целосно да се интегрира во западните институции, покрај аспирациите и стратешките определби за членство во НАТО кое веќе е реализирано, како и членството во ЕУ.

Фактор: Ова лето Организацијата на Обединетите Нации (ООН) полни 75 години. Долго време се говори дека ООН ја изгубија својата смисла и улога. Возможна ли е целосна реформа на ОН и што тоа ќе значи за меѓународните односи, особено сега со судирот меѓу САД и Кина како и обидот за зближување со Русија?

Јас не со согласувам со тезата дека ООН ја изгубила својата смисла и цел на постоење. Таа не е совршена институција, но животот без нea сигурно би бил полош. Еден поранешен секретар на ООН – Hammarskjold – многу прагматично рекол дека „целта на ООН не е да го претвори животот на човештвото во рај, туку да го спаси човештвото од пекол.“ Земете го во предвид само овој податок: мировните сили на ООН или т.н. плави шлемови денеска бројат над 120.000 членови од 120 земји и даваат заштита од насилство и прогон на над 125 милиони луѓе во светот. Ова го прават со буџет кој што е помал од тој на градот New York (6.1 милијарда долари) или помалку од два годишни буџети на Република Македонија.

Исто така, да не заборавиме дека ООН не се занимава само со крупни и политички интересни прашања како мирот, глобалното затоплување и пандемиите. Таа преку нејзините т.н. специјализирани агенции се бори против гладот, сиромаштијата, организираниот криминал, како што се бори и за заштита и унапредување на образованието, културата и општиот развој на стандардите на живеење. Додатно, институциите во нејзиниот систем даваат значителен придонес за развојот на меѓународната трговија и тоа преку воведување на заеднички стандарди и норми за заштита на трговијата, интелектуалната сопственост, техничка и финансиска на земјите во кризи или во развој. Во тој систем спаѓаат UNESCO, UNHCR, WIPO, IMF, WTO, World Bank Group, ILO, Food and Agriculture Organization како и многу други агенции без кои што модерниот свет не може да се замисли.

Сепак, ништо од наведеното не значи дека ООН нема потреба од реформа. Имено, таа како организација го рефлектира меѓународниот систем кој што постоеше во 1945 година, а не тој што постои денеска. Имено, во петте перманентни членки на Советот за Безбедност се САД, Русија, Кина, Обединетото Кралство и Франција. Односно таму нема ниту една латиноамериканска држава, афричка држава, муслиманска држава или јужно-азиска земја (се мисли на Индија и на земјите од југоисточна Азија).

Како ќе се реши тој дебаланс никој не знае. Тешко е да се одреди на кои држави додатно да им се даде перманентно седиште во Советот за Безбедност, без тој да се направи премногу гломазен или тоа проширување да загрози нечии интереси. Главни претенденти се Германија, Јапонија, Бразил, Индија, Пакистан, Индонезија и Египет.

Во секој случај сметам дека на никого не му одговара крах на овој систем. Секој светски поредок си има време на траење. Поредокот од Вестфалија до 1648 траеше скоро два века. Поредокот од Конгресот од Виена во 1815 траеше скоро еден век. Версајскиот поредок од 1919 траеше само неколку години. Но, да не заборавиме дека крахот на секој од овие поредоци беше пропратен со огромни и катастрофални војни. Затоа, да се надеваме дека овој поредок од Сан Франциско ќе трае многу повеќе од 75 години.

Фактор: Трамп се закани дека САД се повлекува од Светската здравствена организација. Ова доаѓа во време на тешка пандемија со КОВИД-19. Колку е отежната работата на СЗО и какви може да бидат последиците во справување со здравствената криза на глобално ниво?

Надворешната политика на Трамп го изразува бесот и незадоволството на еден голем дел од американското општество, кое што е разочарано од авантурите во Авганистан и Ирак. Но таа политика не се базира на калкулирање на реалните национални интереси на САД, туку на моменталните фрустрации. Имено, саботирањето на работата на СЗО е всушност само еден пример од серијата на саботажи на меѓународните институции што токму Америка ги изгради по Втората Светска Војна и кои што се столбови на американскиот светски поредок или Pax Americana. Секое повлекување на САД од тие институции ќе создава вакум кој што ќе биде пополнет од други сили.

За отежнатата работа на СЗО за време на Ковид-19 кризата и последиците од тоа, сметам дека има луѓе кои што се многу постручни од мене да дадат мислење. Toa што генерално можам да го коментирам е дека во претходните здравствени кризи – како свинскиот грип, еболата, MERS и ХИВ вирусот – доминирала размената на податоци, заедничките напори за развој на вакцини, лекови и стратегии за елиминирање на болеста. Денеска, доминираат обвинувањата, недовербата и инатењето.

Еден интересен факт е дека во 2014 година Советот за Безбедност едногласно донел одлука во која Еболата ја нарекува закана за меѓународниот мир и безбедност и ги охрабрува државите да соработуваат во нејзино сузбивање. За време на оваа корона криза, Антони Гутереш генералниот секретар на ООН поднел до Советот за Безбедност резолуција со која требало да бидат повикани сите завојувани групи на примирје за време на пандемијата. После долго расправање, Советот за Безбедност не успеал да ја донесе резолуцијата.

Фактор: Како би ја оцениле македонската дипломатија вклучувајќи го и присуството во Обединетите нации, знаеме ли да одбереме сојузници и имаме ли партнерства кои на нас би ни донеле поволности како во сегашната поставеност на ОН така и при евентуална промена во највисокото глобално тело?

Прво би сакал да кажам дека држави како Македонија имаат исклучиво голем интерес да потрае стабилноста на поредокот кој што го имаме денеска. Поради се уште неизградените институции, нарушениот безбедносен систем, политички и етнички поделби, се плашам дека Република Македонија не би можеле да го преживее хаосот кој што доаѓа со промена на еден светски поредок.

Во однос на нашата дипломатија и надворешна политика генерално, може да се каже дека е екстремно слаба. Добро е што во континуитет сите клучни политички субјекти и институции се залагаат за влез во НАТО и ЕУ, како и стратешко партнерство со САД. Тоа неспорно е наша примарна цел. Сепак, мојата забелешка е дека ниту во овој дел не постои некоја јасна стратегија или координиран напор, туку дека процесите се водат инертно и независно од нас. За наша среќа, вака-така влеговме во НАТО и сме поблиску до влегувањето во ЕУ. Но, влегувањето не значи интеграција. Ние допрва ќе треба да ги градиме врските внатре во самите институции и тоа што се нарекува Западна Цивилизација.

Додатна критика за нашата меѓународна политика е што се чини дека таа завршува кај НАТО и ЕУ. Јас сум голем поддржувач на таа интеграција, но исто така знам дека светот не завршува во Брисел, Берлин или Вашингтон. Постојат, други значајни држави и региони со огромни пазари со кои што ние треба да градиме односи со цел развој на нашата економија и подобрување на нашата позиција во меѓународни рамки.

Токму во овој дел сметам дека ООН може да одигра многу важна улога. Имено, таа организација претставува еден форум на кој што се претставени сите држави на светот - од огромната Индија со 1.4 милијарди жители до микроскопската Тувалу со 14.000 жители. Така преку засилена активност во ООН ќе можеме да ја компензираме нашата ограничена можност да отвораме амбасади во многу држави. 


Можеби ќе ве интересира

Повеќе кибицери од играчи

Повеќе кибицери од играчи

„Танцот со ѓаволот“ ја однесе шегата и ја расипа забавата

„Танцот со ѓаволот“ ја однесе шегата и ја расипа забавата

Лукашенко за претседател ќе се бори со жена, ако претходно не ја затвори

Лукашенко за претседател ќе се бори со жена, ако претходно не ја затвори

Универзална

Универзална