26 Април, 2024
0.0279

Анализа: Има ли лек за популизмот и токсичноста на социјалните мрежи врз демократските процеси?

Објавено во: Анализа 03 Ноември, 2020

Добивај вести на Viber

На глобална сцена се поизразено е токсичното влијание на социјалните мрежи врз демократските процеси. Една од топ вестите во 2016 година по победата на Трамп беше за работата на велешките сајтови со лажни вести кои исклучиво од финансиски интереси ја ширеа целата пропаганда околу американските кандидати за претседател. Неодамнешните истражувања прикажани и преку филмот The Great Hack открија како влијателни ПР компании како Cambridge Analytica биле присутни во двете клучни кампањи.

Првата за успешноста на Брегзит движењето и Leave.EU што резултираше со референдумско изјазнување на Британците за излез од Европската Унија, како и за кампањата Make America Great Again со која Трамп победи на изборите. И во двата случаи забележливо е, без оглед дали имало координирани настапи, дека се користеле податоците за корисниците добиени од Facebook, врз база на кои се креирале цели кориснички профили за гласачите за потоа на истите да им се пласираат таргетирани реклами преку социјалната мрежа, добар дел од нив и со лажни или заведувачки содржини.

За тоа какоКако Leave.EU и Make America Great Again ја превртена западната доктрина на сојузништво, но и колку го променија ткивото на демократските процеси анализираме со Иво Ранѓеловиќ, политиколог и економист дипломиран на Бостонскиот универзитет, и магистер на политички науки на Универзитетскиот колеџ Лондон.

- Централното место во филозофијата на овие две пракси, Leave.EU и Make America Great Again, е дека хаосот е всушност систем. Велам пракса, но не идеологија, бидејќи ваквата пракса не нуди приказна за во иднина или нов светски поредок, туку лута за време на криза во постојниот поредок. Наместо иновативност, во генезата на овие наративи ќе наидете на носталгија за некое златно минато како и горчливо чувство за динамиките на глобализмот, сето тоа зацврстено со расчекорот во општествената нееднаквост. Од една страна, политиката веќе не е судир помеѓу традиционалното и новото. Онаа Хобсова димензија на констатацијата „Америка на прво место“ или сите останати на второ, ја решава неистомисленоста со ѕидови долж физичките границите и неуморно го редефинира американскиот идентитет. Или во случајот на Leave.EU, се надоврзува на општиот анти-имигрантски сентимент кај се поголем број на западно-европски земји. Од друга страна, оваа пракса не ги демантира во целост содржините на либерализмот во однос на слободни и фер избори, отворена економија итн, па така, доаѓа до израз непостојаноста на главните дејци, како што вели Јувал Ноа Харари во неговото дело „21 лекција за 21-от век“, тие гледаат како на шведска маса и ги одбираат исклучиво политиките на либерализмот кои ним најмногу им одговараат.

Западната доктрина на сојузништво е конкретна жртва на отсуството на логично следство низ овие пракси. Имено, повлекувањето на Британија од ЕУ, но пред се, на САД од агората на политичките збиднувања, не само што не оди во полза на нивните его-центрични политики, туку создава вакум кој го исполнуваат уште поопасни политики. Конкретно, резервираноста овозможува иредентистички практики и ревизионистички пристап на помали актери кои го насетуваат отсуството на главните актери. Само дел од нив се Индискиот стремеж да ги наметне националните вредности и интереси над граѓанските (национализам), Кинеското проширување во Жолтото море (експанзионизам), Турскиот обид да ги ревидира важечките политички догми пред се во Егејското море (ревизионизам), во последно време и политиканството на полската десница (популизам).

Светскиот поредок е несомнено во криза. Просторот во кој запна синергијата помеѓу идеолошките поставки (демократски, капиталистички) и институционалните двигатели на Бретонвудскиот систем е широка тема за елаборација. Но, она што суштествува помеѓу живите генерации е сведоштвото на некаква транзиција на поредокот за која ни самите не сме сигурни. Сигурно е само дека исходот од претстојните претседателски избори во САД ќе понуди многу појасни одговори во тој дел, смета Ранѓеловиќ.


Интернетот од најдемократската зона до зона на самракот

Социјалните мрежи се дефинитивно успешна алатка која политичките елити ќе ја користат за освојување на гласачи и начелно нема ништо спорно за нејзина употреба споредено со било кое друго средство на пропаганда и партиска кампања. Сепак, инвазивноста, деталноста на приватните податоци, создавањето на целосни профили од сите активности на гласачите и уште повеќе злоупотребата на довербата во институциите создаваат идеална почва за раздор и конфликти.

- Различните методи и алатки со цел некаква социјална и политичка организација на општеството датира многу поодамна во историјата. Од времето кога црквата како институција палела книги од науката, до медиумската контрола од страна на бројни владини структури низ светот. Денес, интернетот, социјалните мрежи и ПР агендите се само еволуција на овие методологии преку кој се постигнуваат, најчесто, политички цели. Токму овие алатки се и ќе бидат амблемна тема на 21-от век. Меѓутоа, начинот на кој го најавивте прашањето ме потсетува на комплексноста на оваа проблематика особено кога интернетот и неговите екстензии се спротивставуваат на цивилизациски вредности.

На пример во Народна Република Кина, одредени социјални мрежи се забранети меѓу другото и во име на националната кохезија. Низ призмата, пак, на западната цивилизациска матрица ваквото нешто пркоси на основните начела на човековите права. Но, доколку земеме предвид дека кинеското разбирање на концептот за човекови права го фаворизира колективот наместо индивидуалецот, ни станува јасно дека секоја нација води своја војна со социјалните мрежи. Во тој контекст, во САД и западна Европа, дебатата главно гравитира околу оската наречена достоинството на индивидуалецот под закрилата на човековите права и вредности, но наместо да цели кон било каква форма на цензура, повикува да престане злоупотребата на интернетот од страна на државниот апарат, дури и на ПР агенциите.

Опасноста од влијанието на социјалните мрежи и ПР сферите исклучиво во контекст на политика, повеќе ја гледам во инфериорноста на корисникот/примателот отколку во нивната генерална моќ. Добар дел од светската популација не успеа да фати чекор со глобализмот, но не секогаш по сопствена вина. Низ таквото време пресушено од надеж, секој од нас може да падне во искушение на лажните вести или завери кои му се спротивставуваат на системот. Особено низ социјалните мрежи, човек често знае да согледа удобно место за своите емоции и да потпадне под влијанијата за кои говорам. Таквата состојба предизвикува поделби и фрустрации се до моментот кога луѓето ја губат довербата во институциите, наоѓајќи прибежиште во кластерот на истомислениците. Тогаш настапува популизмот, тврди Рангеловиќ.

Дали популизмот е новото политичко нормално?

Популизамот станува се поуспешен рецепт за победа на избори и тоа неодамна го видовме во повеќе големи и значајни земји од Г20 групацијата, еко-коморите на социјалните мрежи се повеќе стануваат рефлексија на поларизараноста на општествата. Ако прочитате неколку коментари под било која објава ќе добиете впечаток дека овие луѓе се полни со омраза, немаат никаква потреба од разбирање на туѓото мислење и став, подготвени се и да клеветат, колнат и псујат, цврсто уверени во сопствената политичка определба. Можеби такви сентименти нема на улиците, но поделеноста остава простор за сите пукнатини на општественото ткиво да се распрснат и при најбенигна пропаганда и малициозна информациска кампања.

Главната одлика која го разликува човекот од останатите суштества е комуникацијата, односно размената на идеи и искуства. Еко-коморите се антипод на овие универзални вредности, кои шетаат по маргините на секојдневието навидум небитни. Учесниците во социјалните мрежи се повеќе се затвораат во балонот кој кореспондира со нивните лични мислења, оставајќи се помалку простор за различни идеи и искуства. Ваквата сајбер-балканизација станува поприсутна во теми надвор од политиката, како на пример негирајќи научен консензус од типот на климатските промени или вакцинацијата. Станува очигледно дека еко-коморите се столбот врз кој се потпира популизмот во политиката.

И, додека пишаниот збор се бори да ја дефинира оваа идеолошка поставка како популизам, хибриден режим, авторитарна демократија и што уште не, земји како САД, Индија, Бразил, Филипини, Полска, Унгарија, Ел Салвадор, Турција и други, не останаа имуни на тој бран. Причината за тоа што популизмот на почетокот (кога и да бил) често се поистоветува со десничарските партии низ светот, е делумно и неуспехот на еминентни левичарски влади. Имено, сетете се на технократскиот пристап на владите како онаа на Тони Блер, Бил Клинтон, Герхард Шредер и др. кои не успеаја да се справат со предизвикувачките струи во своето време, како на пример феминизмот или мултикултурализмот. Овие и останатите апологети на либерализмот едноставно беа понесени од меритократските принципи на поредокот, кои несомнено го доведоа демократскиот дух на колена. Подоцна и конзервативните партии не останаа должни и во своите политики го злоупотребија популизмот – парадигма која во политичката наука често знае да биде пласирана во позитивен контекст. 

Сепак, би завршил со оптимистичка нота. Изборите во САД би можеле да го променат текот на политичките состојби во светот, како поделбите кој ги наметна популизмот и оние ѕидови кои веќе не се само физички. Затоа пред да се конфронтираме на социјалните мрежи, пред да се делиме по било кој основ, да запомниме дека во секоја битка, како и во онаа помеѓу ,,нив“ и „нас“, првата жртва е секогаш вистината, заклучува Ранѓеловиќ