26 Април, 2024
0.0262

АКТУЕЛНА НЕПОПУЛАРНА ПОЛИТИЧКА ТРОЈКА - Димитар Ковачевски, Талат Џафери и Фатмир Бесими

Објавено во: Колумни 01 Септември, 2022

Добивај вести на Viber

Наведената тројка се актуелни виновници за лошата, незавидна, а по многу од нас професорите катастрофална положба во високото образование, а посебно на УКИМ како  најстар и прво рангиран универзитет во државата.

Ги прашувам тројцата актери, да ми посочат една држава во светот каде универзитетски професор  добива две минимални плати како месечни примања.

Мислам дека добро знаат колку изнесуваат платите на нашите колеги во соседството и колку изнесува бројот на задолжителните часови во неделата.

Толку да не се води сметка за високото образование, за науката, за едукацијата на нашите млади а со тоа и за иднината на нашата ни жална Македонија е навистина чудно и запрепастувачки. 

Да ја потсетам споменатата тројка дека кога некој гази по честа, угледот и достоинството на човекот прави насилство. Речиси две децении трае ова агонија на маки и проблеми што ги засега врботените во високото образование.

Да бидам коректен, виновници за таквата незавидна и катастрофална положба, не е само актуелната тројка. Не помалку криви се: Зоран Заев поранешен премиер,  Нина Ангеловска, Драган Тевдовски, Зоран Ставревски, Кирил Миновски и Трајко Славевски (поранешни министри за финансии) и секако Трајко Вељановски (поранешен претседател на Собрание на РМ).

Во оваа прилика да не го заборавиме и најголемиот виновник кој замина  во странство  во еден правец. Човекот кој плукаше по УКИМ, но магистрираше па дури и докторираше на Економскиот факултет на една од единиците на УКИМ. Човекот што сееше страв на универзитетот, е кој друг ако не  Никола Груевски, доктор за чиј потпис на неговата монографија дали од страв или пак додворување во редица чекаа и членовите на МАНУ. Поминаа 6 години од неговото владеење, но состојбата во образованието не се подобри. Двете најголеми политички партии и нивниот сојузник од албанската етничка припадност (ДУИ) не ја научија лекцијата дека не треба да си играат со судбината на академската заедница. Непочитувањето и невреднувањето на интелектуалниот труд може скапо да ја чини државата. За актерите на погрешни политики, последици нема да има, „можеби“ ќе сносат само политичка одговорност, бидејки кај нас и така малку кој одговарал за криминал, а камоли за креирање и спроведување на лоши политики. 

Како ќе биде во иднина останува да видиме. За помалку од две години ќе дознаеме кој ќе одлучува за нашата судбина, а како стојат работите не само во образованието туку и во сите останати сфери на општественото живеење можно е и порано некој да почне да ги решава нашите проблеми.

Сите наведени актери треба да се засрамат, бидејки најголем број од нив биле студенти, магистранти па и докторанди на УКИМ а се однесуваат благо речено индиферентно кон своите професори, колеги, соработници и кон целата академска заедница.

За крај, да бидеме самокритични, голема е и нашата вина, бидејќи цело време молчиме  додека властите не омаловажуваат и игнорираат.

Професорите ја заборавија својата улога во општеството дека треба да критикуваат и да се спротиставуваат на сите погрешни, неоправдани и неиздржани политики кои ги спроведува било која политичка партија на власт. 

Проф. д-р Зоран Киткањ, ФЗФ, УКИМ, Скопје

Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД