08 Мај, 2024
0.0239

Академската фела и небулозите

Објавено во: Колумни 18 Јули, 2014

Добивај вести на Viber

Образованието и воспитанието се основата за градење на една личност, тие се темелот на кој почиваат моралните норми и вредности кои се база за морален и вредносен развој на секоја индивидуа. Образованието и воспитанието се нераскинлив дел еден од друг, тие се онаа нитка која го чини целото, оној сегмент кој ја прави личноста комплетна при нејзиното созревање. Образованието и воспитанието ја насочуваат единката и го трасираат нејзиниот пат, определувајќи го нејзиното место под сонцето. Тие заедно ја моделираат индивидуата и од неа чинат една сеопфатна единка која има свои компетенции, сознајни дискурси, етички стандарди и професионални квалитети. За сето ова да биде срочено на начин најсоодветен на севкупниот општествен сегмент најголема улога имаат оние кои се директно вклучени во самиот процес, а тоа се професорите - едукаторите. Нашиот образовен систем многу повеќе образува, отколку што воспитува Улогата на професорот, едукаторот е несомнено најсилната алка во воспитно-образовниот процес и секако тие се приоритетни кога се говори за квалитетно образование и воспитание или дежурни виновници кога постои одреден проблем или некоја слабост во образовно-воспитниот процес. Денес, во овие специфични времиња, мошне често може да се чуе една сентенца според која нашиот образовен систем многу повеќе образува, отколку што воспитува. Тоа донекаде можеби и има одредена доза на вистинитост, пред се поради фактот што имаме зголемено насилство и други облици на девијации меѓу учениците и како една од причините за тоа се препишува на запоставувањето на воспитниот сегмент во образовните институции. Секако аргументите со кои ја негираат вината самите професори-едукатори е дека постои пребукиран образовен систем, односно, премногу информации им се даваат на учениците и во согласност со таквите наставни курикулуми нема доволно можност да се посвети поголемо внимание на воспитанието. Секако дека сите нивоа на образование не се изземени од оваа критика, без оглед на фактот што основното-примарно образование е базата за втемелување на воспитните норми и вредности на секоја личност, но не помала е улогата и на средното и високото образование. Да се ставаат сите професори во ист ранг не е општествено правилно и вистинито Да се ставаат сите професори во ист ранг, да се прави една општа квалификација и да се генерализира не е пожелно, ниту пак општествено правилно и вистинито. Од сите образовни нивоа постојат во праксата професори кои чесно и праведољубно си ја обавуваат улогата за која се едуцирале и која им е нивна основна професија а тоа е народски кажано учителствувањето. Токму така вистинските учители имаат ука и поука за учениците, поседуваат фонд на знаење кој е на завидно ниво, но и етички квалитети кои со посебен жар ги пренесуваат на своите ученици. Генерации и генерации се сведоци на мудростите, знаењата и моралноста која им ја всадиле, пренеле и вдахновиле нивните учители. Дел од нив нескромно ќе кажат дека благодарение на своите учители и професори станале вистински личности, излегле на вистинскиот пат и го направиле вистинскиот животен избор. Тие професори се гордост и за целиот општествен и образовен систем, тие професори се лика и прилика за тоа како треба да изгледа и работи еден вистински едукатор. Вистината на професорите кои се ставени во немилост е апсолутно на нивна страна Повод и причина за ова мое писание се настаните кои деновиве ја разбрануваат помалку заспаната академска фела, а тоа се отказите на неколкумина универзитетски професори и неможноста тие да напредуваат во повисоко наставно звање. Како социолог не донесувам брзи конклузии и не судам лаички, не носам заклучоци врз основа на непроверени информации и здраворазумски коментари. Токму поаѓајќи од таквите мои морални стандарди внимателно го проучив целиот случај и заклучив дека вистината на професорите кои се ставени во немилост е апсолутно на нивна страна. Небулози во случајот премногу, аргументи премалку, лични фрустрации на површина, а факти чесни и реални во фиока. Слика која секој реален член на академската фела би ја видел и без тронка срам би ја осудил несоодветната постапка при самиот чин на избор. Она што прво испливува на површина е неконзистентноста на една иста личност и навистина е неразбирливо како може универзитетски професор со највисоко звање да напише позитивна рецензија и потоа сам да предложи таа да не биде усвоена, простете ми но за многумина тоа е надвор од здравиот разум. Исто така е несватливо да универзитетски професот кој според сите критериуми (бодирања по низа основи) да биде спречен во негово понатамошно напредување. Коментарите во одбрана на таквата одлука се помалку речено детски, не се базираат на аргументи, па дури и на моменти лаички и без една целесообразност. Да биде срамот уште поголем е молкот на неколкумина кои се дел од универзитетската елита, дел се од тој факултет, но како ноеви ги кријат главите од само за нив познати причини. Си го поставувам прашањето - која е цената што тие ја платиле за молкот и дали правдата и вистината, а на страна колегијалноста, воопшто можат да имаат цена? Има сила во младите интелектуалци кои полека го креваат гласот против неправда Она што навистина импонира единствено во целиот случај е гласот на студентите, е тоа е она што ми вдахновува надеж дека има сила во младите интелектуалци кои полека го креваат гласот против неправда и за задржување на квалитетот во образованието. Тие млади луѓе го кренаат гласот против неправдата, дел од нив актуелни студенти, дел магистранти, дел дипломирани и дел магистрирани се одважија да се спротистават на непромислените потези и одлуки само со една единствена цел-тоа што е добро и квалитетно да остане таму каде што му е и местото-на Универзитетот. Од нивните вознемирувачки гласови избликуваа тонови на немир, бес и горчина за неправдата. Основното мото нивно беше дека тие кои се стопираат во наставниот развој се најдобрите професори-едукатори, од кои не само што впивале знаења, туку и многу животни мудрости и воспитни норми ги научиле токму од нив. Секоја чест млади луѓе но не застанувајте тука, продолжете понатаму бидејќи вие заслужувате да бидете образувани и воспитувани од најдобрите. Дали најдобрите ќе бидат жртвувани, а просечните постојано ќе се кријат под плаштот и ќе живуркаат Дали државата си ги јаде своите чеда и дали најдобрите ќе бидат жртвувани, а просечните постојано ќе се кријат под плаштот и ќе живуркаат, дали способните ќе станат жртви на сопствените квалитети, а просечните и неспособните ќе просперираат на начин кој апсолутно не доликува на еден интелектуален сегмент. Академската фела полека крикнува, но тоа не е доволно, треба, симболички кажано, да се вресне на сиот глас и да се превземат чекори за правдата да исплива на површина. Секоја чест за оние кои собраа сили и храбро воскликнаа во одбрана на своите колеги и порака до секој оној кој е правдољубец, вистински борец за човекови права и интелектуалец, да се обединиме околу оваа кауза бидејќи молкот значи можност секој од нас утре да го снајде иста судбина. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина