28 Април, 2024
0.0261

7 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ДОЛЖАТ ГРАЃАНИТЕ И ФИРМИТЕ КАЈ БАНКИТЕ

Објавено во: Колумни 23 Август, 2023

Добивај вести на Viber

Од официјалните извештаи на монетарците, испратени до стручната јавност, можев да извлечам заклучок дека граѓаните должат кај банките, заклучно со јули 2023 година износ од 3,6 милијарди евра, додека фирмите се нешто помалку задолжени или 3,4 милијарди евра. Заедно, формираат една, би рекол, висока бројка од 7 милијарди евра. Сега, ако, се погледне од друга страна, вкупната активата на сите 13 комерцијални банки во македонскиот монетарен систем изнесува нешто над 11 милијарди евра. Од ова, вкупната задолженост на граѓаните и фирмите е околу 63 отсто од вкупната актива на ниво на банкарски сектор. Значи, ни претстои тешка финансиска година и таа по неа. Практично, на тест се става издржливоста на домашните компании, во периодот што следи.

Зошто, вака сум на мисла, а важам во стручната јавност како умерен оптимист?

Ајде, да започнам. Од кризната 2020 година па наваму, во стручната јавност, кога почна да станува темата за инфлацијата, важна, и да не оптоварува сите, па и надвор од банкарските кругови, јас често истакнував една важна карактеристика во таа насока. Имено, кога говориме за инфлацијата треба да знаеме дека тоа означува проблем со инфлација на трошоците. Од основи на контролинг, знаеме дека трошоците се елементи на цената на чиниење на производите и услугите и тие се најсилната алатка за контрола на резултатот (читај: профитот). Кога профитот оди надолу, не ви преостанува ништо друго, за економски да преживеете, освен да ги покачите цените нагоре. Парадоксална е состојбата кај нас. Ова е така, затоа што голем дел од компаниите, кои, највеќе ги покачија цените во кризата, денес, во билансите покажуваат многу повисоки профити од оние бројки на профит во претходниот период. Ова, според мене е одлична тема за анализа од страна на регулаторот.

Оттука, сега станува јасно дека кога трошоците растат, особено кога ќе ни забави бизнисот со работа (читај: во годината на пикот со пандемијата) еден дел во нив, наречен фиксни трошоци, станува најголем непријател на бизнисот. Згора на сето ова, кога ќе се ограничи понудата, глобална, а од друга страна државите „штампаа“ свежи пари во економијата, кои, ние како стопанство и граѓанство не ги одработивме, можам да кажам дека тоа беше причинителот на состојбите кај инфлацијата со две цифри. Ако, во таа насока уште и флертуваме со инфлацијата, како што, тоа, беа минатите искуства кај некои од властите во глобалната економија, тогаш, состојбите се усложнуваат и стабилизацијата на ниво на инфлација посакувана од ФЕД (Федералните резерви на САД) и ЕЦБ, може да се очекува евентуално на крајот од наредната 2024 година (инфлација од 2 отсто). Од стојалиште на монетарец, си велам, што можеше една монетарна власт, еве нека е ЕЦБ или ФЕД, да направи во насока на брзо санирање на последиците со високата стапка на инфлацијата, ако се има во предвид фактот кој вели дека во вакви услови монетарната политика нема простор за делување или не е толку ефикасна како што се мерките кои се преземаат од страна на фискалната власт. За таа цел, лани, јули чинам беше, ЕЦБ и останатите монетарни власти, почнаа да затегаат, но задоцнија. Мораше, побрзо и порано. Зошто?

Во банките од еврозоната, па и кај нашите банки, нема таква меѓузависност помеѓу мерките што ги преземаат централните банки и нивната потреба од нови кредити. Барем така беше изминатата година и пол. Но, сега веќе таквата супер ликвидност се троши и новите позајмувања на комерцијалните банки кај централните, ќе бидат со значително повисоки каматни стапки, што, на крај, таквата состојба ќе се одрази со поскапување на кредитите кај граѓаните и фирмите. Оттука, подигањето на референтните каматни стапки на Централните банки има многу поспоро влијание во оние банкарски системи кои пливаа во ликвидност (земјите од еврозоната, ние како систем и САД). Ете затоа, јас сум на мисла дека треба да бидеме загрижени во идните текови на периодите на отплата на износите за  задолженост кај граѓаните и фирмите. Имено, износот од 3,6 милијарди евра, граѓаните во наредните години, а во согласност со договорот за периодот на враќање кај банката, тие ќе го враќаат со повисока каматна стапка. Исто така, ова важи и за стопанството. Фирмите, во иднина ќе мораат да враќаат износ од 3,4 милијарди евра, но со повисока камата.   

Охрабрува состојбата кај депозитите. Таму, растот е евидентен и очекуван, а како последица на рестриктивните политики во континуитет. Затоа, вкупните депозити се зголемени за повеќе од 11 отсто во споредба со минатата година. Депозитите кај фирмите се покачиле за нешто помалку од 19 отсто, во споредба со лани, додека граѓаните заштедиле повеќе за 6,4 отсто во банките, во споредба со минатата година.  

Инфлаторни состојби во летниот период

Јулските состојби на стапките на инфлација во македонската економија, а согласно последното соопштени на ДЗС, објавено во првата половина на месец август, покажува олабавување на стапката на инфлација. Оттука, индексот на трошоците на животот, бележи зголемување од 8,4 отсто. Тука, се истакнува порастот на индексите на трошоците на животот забележан кај свежото и разладеното овошје за 12,6 отсто, лебот и житата за 3,8 отсто. Исто така, таквиот пораст се истакнува кај воздухопловниот патнички транспорт 30,9 отсто, електричната енергија за 4,3 отсто и услугите за сместување за 4,2 отсто.

Состојбите во САД, покажуваат годишната стапка на инфлација, за јуни од 3 отсто, која, според тамошната влада, драстично е намалена од врвот, кога изнесуваше до 9,1 отсто во јуни 2022 година. Во насока на тоа, ќе го цитирам претседателот на ФЕД, Џером Пауел: „Процесот на намалување на инфлацијата до 2% има долг пат да помине“. Од ова, јасно е дека Пауел стави до знаење дека борбата против инфлацијата не е завршена. Во земјите од еврозоната, иако од ЕЦБ беа упорни во нивната рестриктивност, сепак, инфлацијата опстојува на ниво од 5,5 отсто за јуни, 2023 година. Да подвлечам дека јадрото на инфлацијата е значајно покачено, кај трите анализирани макроекономии (МКД, ЕУ и САД).

Еврејскиот народ е многу мудар, можеме да заклучиме од нивните поговорки и изреки. Еве една: „Ако некој проблем може да се реши со пари, тоа не е проблем, туку трошок“.

проф. д-р Синиша Наумоски,

Извршен директор во АБИТ и контролинг професор на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје 


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД