29 Април, 2024
0.0485

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари

Објавено во: Агробизнис 15 Април, 2024

Добивај вести на Viber

Сточарите од сите краеви на Македонија велат дека многу тешко наоѓаат овчари кои ќе се грижат за нивните стада, а платата достигнува и до 1.000 евра. Додаваат дека последниве 5 години е особено тешко да најдат овчари. Единствено овчарите од Албанија се нафаќаат да дојдат во земјава и да чуваат стока. Македонските граѓани ја одбиваат оваа работа.

„Не сака никој да се зафати со таа работа. Ние почнавме да исплаќаме по 700, 800 до 1.000 евра плата. Посебно нашите од Македонија не сакаат. Останаа од Албанија да доаѓаат, оние кои не успеале да заминат во Европа, инаку ќе бегаат и тие. Ориентационо 20-тина овчари од Албанија има во Дебарско. Порано имаше и поевтина работна сила и поквалитетни овчари и повеќе на број. Сега останаа неквалитетните. Треба да е паметен, да знае што е стока, да е љубител на стока, основно, потоа другото се учи, молзење, тоа се учи. Најбитно е да е човек. Да сака да работи. Сега од 15 до 20 години се овчарите, но и малку имаме од повозрасните, вистински стручњаци за сточарство. Со помош на пријатели бараме овчари. Работниците кои се долго кај нас, тие ни помагаат, ни наоѓаат некој друг кој би сакал да работи“, вели Скендер Аме од Здружението на сточари Даши од Дебар.

Сточарите објаснуваат дека многу од нашите граѓани попрво ќе бидат невработени, отколку да се грижат за стока.

„Ние самите си ги чуваме овците. Порано баравме овчари, а веќе три години сами работиме. Тогаш од околните села наоѓавме овчари. Тие треба да ги напасуваат и да ги молзат овците, а за другите работи, евентуално болести кај стоката, газдите си водат сметка. Некои овчари си бараат 1.200 евра плата. И пред 6 години имаше овчар кој бараше работа за плата од 800 евра. Тие што се искусни си бараат повеќе пари. Потребни се искусни овчари. За Македонците е понижување да се биде овчар, инаку ние со генерации си чуваме стока. Ако сме поканети на свадба или ако имаме друга работа, некој мора да се грижи за стоката, сепак во сточарството е поинаку од земјоделството каде можете да си дозволите еден ден или два-три дена да бидете отсутни“, вели велешанка чија фамилија чува овци.

Оној кој ќе се нафати да биде овчар, ќе има обврски скоро цел ден и во лето и во зима. Работата воопшто не е лесна.

„Бидејќи нема овчари, многу луѓе ја продадоа стоката. Ако имаат некој постар член дома кој знае да чува стока, ги чуваат овците, затоа што постарите луѓе се навикнати на таа работа, а младите не сакаат да се занимаваат со чување на стока, полесно им е да си одат на работа. Овчари ем не се наоѓаат, ем се скапи“, додава сточар од пехчевското село Умлена.

Пред неколку години, медиумите пишуваа дека македонските овчари одат во Хрватска да ја работат истата работа за повеќе пари.  Според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС), вкупниот број на овци во 2023 година бележи намалување од 9.2 отсто. Точната бројка е 587.073 грла.

Сања Атанасовска

foto freepik.com

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?