СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ го одбија „пазарот“ на ДУИ
Објавено во: Македонија 14 Април, 2024
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не ја прифаќаат понудата на ДУИ да му ги даде гласовите на оној претседателски кандидат во вториот круг од изборите во замена на тоа шефот на државата да се избира во Собранието по Бадентеров принцип.
– Претседателот на државата во иднина да се избира во Собранието, ова е условот за да се добијат гласовите на ДУИ во вториот круг по завршувањето на претседателските избори, рече вчера вицепремиерот за координација на политички прашања на ресорите и министер за политички систем Артан Груби.
И СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ недвосмислено го отфрлија условот на ДУИ за претседателска поддршка, односно застанување зад претседателскиот кандидат во претстојниот втор круг. Условот со кој се бараше следниот избор на претседател да се одржи во Собранието, а не од граѓаните, беше брзо отфрлен од двете партии.
Од штабот на Пендаровски утринава се огласија и со соопштение, во кое го повторија ставот и целосно го отфрлија условот на ДУИ.
Опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ најостро ја осуди она што тие го сметаат за „уцена“ на Артан Груби, истакната личност во ДУИ.