СЕ ТРАГЕШЕ ПО ИЗГУБЕНО ЛИЦЕ НА ВОДНО: првомајската прошетка низ парк шумата за некого заврши проблематично
Објавено во: Македонија 02 Мај, 2024
Потрага по изгубено лице во парк шумата Водно заврши успешно.
Како што објавија од Центарот за управување со кризи (ЦУК), во текот на вчерашниот ден добиле пријава дека едно лице залутано низ планината и му е потребна помош за да излезе од неа.
Како што истакнуваат, веднаш е постапено по оваа пријава и лицето е пронајденов за еден час и спасено.
- Регионалниот ЦУК Скопје известува дека на 112, вчера во 15.23 часот била добиена пријава за изгубено лице во „Парк шумата Водно“ при што веднаш беа известени надлежните структури и институции за нивната понатамошна постапка, по што лицето е пронајдено за околу еден час.
Конкретно, од Полициска станица „Карпош“ во 16.34 часот во ЦУК е добиена добиена информацијата дека лице од Водно е на пат за градот - објаснуваат од ЦУК.
Воедно од оваа институција укажуваат дека следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, според најавите на Управата за хидрометеоролошки работи.
- Од пладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Дневната температура од утре до сабота ќе биде во постепено опаѓање, а во недела ќе се покачи за 2 до 4 степени - посочуваат во соопштението.
Поради ова, ЦУК апелира на внимателност, граѓаните да ја имаат предвид временската прогноза при престој во природа и да се засолнат при периодите на наглите метеоролошки нестабилности во наредните неколку денови, а по локалните пообилни врнежи на терен, да внимаваат на пороите, да не се движат блиску до корита на реки, покрај суводолици, во длабоки и стрмни долови.