Од што „Македонијатурист“ годинава ќе ги прави големите пари?
Објавено во: Економија 19 Март, 2024
И покрај тоа што располага со пет хотели во Скопје од кои 2 се во строгиот центар на главниот град „Македонијатурист“ и годинава веројатно големите пари ќе ги направи од приноси од вложувања во акции, удели во инвестициски фондови и камати од депозити. Лани од овие вложувања оваа успешна компанија оствари финансиски приходи вредни 1,6 милиони евра
Најголемата македонска хотелиерска компанија „Македонијатурист“ годинава очекува да ја зголеми добивката од дејноста за 12 отсто. Ова е декларирано во корпоративниот деловен план за 2024 година објавен деновиве на информативната платформа СЕИ НЕТ на Македонската берза за хартии од вредност.
„Македонијатурист“ очекува профитот од дејноста годинава да достигне 755.000 евра и тоа би било 79.000 евра повеќе од минатата година. Според достапните податоци од корпоративниот план се гледа дека приходите се проектирани на 5,81 милиони евра. Растот би бил 5 отсто во однос на приходите од 2023 година или 253.000 евра повеќе.
Што се однесува до трошоците тие се планирани на 5,05 милиони евра и би биле за 4 отсто поголеми од претходната година. Од увидот во ставките кои ја сочинуваат структурата на расходите се гледа дека најголем раст е планиран кај вработените и тоа за 7 отсто. За нив се планирани 1,5 милиони евра во тековната година.
Својата дејност „Македонијатурист“ годинава ќе ја врши со хотелите: „Холидеј Ин“, „Бест вестерн“, „Белви“, „Карпош“ и „Турист“.
Од бизнис планот се гледа и оваа година најголем генератор на профит за „Македонијатурист“ ќе бидат нејзините вложувања во акции, други хартии од вредност, удели на инвестициски фондови и депозити.
За потсетување „Македонијатурист“ во различни типови хартии од вредност вложува 20 милиони евра. Од приноси на тие вложувања лани компанијата заработила 1,58 милиони евра. И по тој параметар во континуитет години наназад „Македонијатурист“ е една од најуспешните компании во земјава. Конкретно само од нејзиниот пакет акции во „Комерцијална банка“ доколку уште ги чува „Македонијатурист“ само од дивиденда за еден месец од сега ќе добие 800.000 евра.
Повеќе детали за минатогодишната работа на оваа компанија може да прочитате на следниот линк https://faktor.mk/koj-skopski-hotelier-od-dividendi-i-kamati-zaraboti-11-milioni-evraР.Ф.
foto freepik.com/dit26978