МНР: Избегнувајте патувања во Израел, Иран, Либан и Палестинските територии
Објавено во: Македонија 12 Април, 2024
Министерството за надворешни работи(MНР) упатува апел до државјаните на Република Северна Македонија да избегнуваат патувања кои не се неопходни, во Израел, Иран, Либан и Палестинските територии.
Ова следи по информациите за можно влошување на безбедноста во Израел и во регионот.
„Во оваа прилика, посочуваме на дежурниот телефон на Амбасадата на Северна Македонија во Тел Авив + 972 549 267 378 (мејл адреса telaviv@mfa.gov.mk ) како и дежурните телефони на Министерството за надворешни работи +389 75 273 732/ +389 268 736 (меил адреса globalsos@mfa.gov.mk )“, велат од МНР.
Израел се подготвува за директен напад од Иран во рок од два дена, но Иран сè уште нема донесено конечна одлука за нападот, се вели во најновиот извештај на светските агенции.
Како што пренесува агенцијата „Anadolu“, повикувајќи се на извор, американскиот „Wall Street Journal“ тврди дека по нападот на Израел врз зградата на конзулатот во комплексот на иранската амбасада во Дамаск, се очекува потенцијалната одмазда на Техеран да биде директно насочена кон Израел.
Тел Авив се подготвува Иран да изврши директен напад врз јужен или северен Израел уште во петок или сабота, рече изворот за овој медиум.
foto freepik.com/renatahamuda