30 Април, 2024
0.0256

Истражување: Дали олигарсите треба да бидат лустрирани?

Објавено во: Анализа 22 Мај, 2013

Добивај вести на Viber

Ќе го дочекаат ли т.н. олигарси отворањето на нивните досиеја,  но не од страна на Управниот одбор на компаниите, туку од страна на Комисијата за верификација на фактите со цел проверка на нивното минато и откривање, дали во него се крие терминот „соработник“. Лустрациска се „раситнува“, Венецијанската комисија критикува, а Уставниот суд го стави на дневен ред по трет пат оспоруваниот закон овој пат за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработка со органите на државната безбедност.  Времетраењето и опсегот на лустрацијата повторно се главните оспорувани членови со акцент на членот 3, точка 25, според кој, лица опфатени со законот се и оние кои се стекнале со над 5% од капитал во претпријатијата со општествена сопственост, согласно со Законот за трансформација на претпријатија со општествен капитал. „Под поимот поврзани лица се подразбираат физички лица кои се во сродство преку брак или посвојување; деца и родители, браќа и сестри, полубраќа и полусестри, баби, дедовци и внуци; на друг начин се крвно поврзани до втор степен; живееле во заедница пет години непрекинато во однос на родител  - старател и дете, маќеа или очув и посинок и поќерка, снаа, зет и родители на брачните другари“, стои во Законот. Членовите на Комисијата за лустрација, оние кои останаа, се согласни дека процесот на проверка на акционерските книги ќе биде сложен, но се поделени во однос на потребата од отворање на „тајните на приватизацијата“. Според Ѓорѓи Малковски, член на Комисијата, иако до сега не се соочиле со ваков случај методологијата на проверка е иста – ќе се „чешлаат“ активностите, движењето во кариерата, поттикот од материјални или други идеоолошки интереси - дејствија кои ќе треба да дадат одговор на прашањето: Дали некој свесно помогнат од тајните служби добил поголем удел при распределбата на општествениот капитал. Идустриската шпионажа, како што ја нарекува Малковски, одсекогаш постоела. Она што за Комисијата е пресудно  да се утврди е дали таа била правена поради профит и капитал, идеологија, уништување на конкуренцијата или како крајна, но и најопасна цел - поместување на економските текови во државата. „Ваквите лица не се интересни само за домашните разузнавачки служби туку и за странските. Токму од тие причини треба да се проверат овие структури со цел да се утврди дали и понатаму ја користат својата позиција за нанесување на штета на конкуренцијата па дури и на државата“, додава Малковски. Дали лустрацијата на Олигарсите ја губи смислата За Чедомир Дамјановски, пак, нејасно е како Комисијата би ја извела проверката на олигарсите од технички аспект, не сакајќи да го меша правниот. „Треба да формираме семејно стебло на секој акционер, кое треба да го сочинуваат: брачниот другар, неговите деца и неговите родители, браќа и сестри, полубраќа и полусестри, баби и дедовци и внуци, родител-старател, маќеа или очув, посинок и поќерка, снаа, зет и родители на брачниот другар. Е, јас не знам кој ќе ни го даде нам тоа семејно стебло, кој ќе ни даде информации за сите овие лица поврзани со лицето што се здобило со повеќе од 5% од вредноста на тоа претпријатие“, се прашува Дамјановски. Тој останува на ставот дека без почитување на мислењето на Венецијанската комисија и изјаснувањето на Уставниот суд  процесот на лустрација целосно ќе ја изгуби смислата. Но, линијата по која  олигарсите дошле до акции или удели во претпријатијата со општествен капитал е интересна за дел од експертска јавност. Според професорот Ѕвонимир Јакуловски, учесник во пишувањето на првиот текст на законот за лустрација, во Македонија нема класичен приватен сектор. „Ние имавме приватизација односно трансформација на претпријатијата со општествен капитал од  државни во приватни. Излишно е да се зборува за приватен сектор кога најголем дел од претпријатијата беа трансформирани, а при прераспределба на капиталот јавна тајна е дека одредени лица добија поголем дел токму поради тоа што, како што се претпоставува,  биле соработници на тајните служби“, смета Јанкуловски. Идејата на целиот процес не е нарушување на економските текови во државата туку утврдување дали некој свесно преку преку изместување на економскиот поредок во државата дошол до позиција во трансформираните претпријатија и дали се уште оттаму  може да влијае, додава Јанкуловски. „Суштината на процесот не е санкција или одмазда туку конечно воспоставување на правото. Затоа е многу важно да се утврди соработката или несоработката помеѓу олигарсите не за да се изврши нова прераспределба на капиталот туку конечно да се расчисти дали и на кој начин одредени структури се стекнале со тој капитал“, вели Јанкуловски. Ако важи за едни олигарси да важи и за другите За Стојан Андов, креаторот на првиот закон и најгласниот поборник за расчистување со минатото, пак,  спорна е временската рамка, до 2006 година, која ќе ги исклучи новите олигарси што настанаа за време на сегашната влада на премиерот Никола Груевски. „Оваа измена е сосема надвор од концептот што го имавме ние. Лустрацијата треба да се однесува на државните и на јавните функционери, односно на сите носители на јавни функции, а олигарх не е јавна функција. Со новиот закон се навлегува во приватниот сектор, што не смее да се случи“, изјави Андов непосредно по обелоденувањето на новиот предлог закон. Според него, проблем претставува и отсуството на санкциите за нив доколку се утврди дека соработувале со тајните служби.  Законот не предвидува преиспитување на приватизацијата на фирмата од која евентуалниот кодош се „збогатил“, а во принцип, олигарсите не се засегнати ниту од закана со забрана за вршење јавна функција доколку нивното дејствување е само во приватните сфери. „Но, може да се соочат со непријатност во јавноста, бидејќи нивните имиња и доказите дека биле кодоши ќе бидат објавени на интернет-страницата на Комисијата за лустрација, што е предвидено со новото законско решение“, вели Андов. За чуварите на Уставот и заштитниците на човековите права последниот закон за лустрација е најпроблематичен до сега. Според Стамен Филипов, пензиониран адвокат и оспорувач на законот пред Уставниот суд, ова е најнеуставен закон во историјата на Македонија. Филипов токму во својата иницијатива до Уставен го оспорува членот според кој треба да се проверуваат лицата од поблиското семејство на олигарсите. „Со последниот закон  законодавецот целосно излегува од главната цел на лустрацијата – а тоа е казнување на лицата кои преку соработништво за одреден надомест и напредок во кариерата уништувале други животи“, вели Филипов. На овој начин, додава тој, вие оцрнувате, слободно кажано бламирате, еден човек и неговото семејство без прецизно објаснување зошто тоа го правите. Доколку државата беше подготвена да се справи со приватизацијата на вистински начин тогаш требаше да се направат уставни измени според кои кривичните дела поврзани со трансформацијата на претпријатијата со општествен капитал нема да застарат и за нив ќе се одговара преку Кривичниот законик. „Слободно можам да кажам дека ова е најнеуставен закон во историјата на Македонија – а имајќи го предвид односот на владејачката гарнитура кон Уставниот суд најдобро ќе биде тој да се укине кога веќе и онака не се почитуваат неговите решенија“, додава Филипов. Каква е поврзаноста на Лустрацијата и амнестијата на капиталот Пред, речиси две години директорот на УЈП Горан Трајковски ја отвори дебатата за амнестија на капиталот, како мерка која ќе придонесе за подобрување на економијата, но, во исто време ќе биде граничник на еден транзициски период. Тој тогаш рече дека европските искуства во оваа област се добри, бидејќи огромен дел од парите што сега стојат надвор би се вратиле дома. Искуствата на добар дел од земјите што ова го направија го покажаа токму тоа. Дури, Трајковски калкулираше со одлеани 6 до 15 милијарди евра токму од приватизацискиот пакет. „Ако вратиме барем 1 милијарда дома земјава ќе доживее економска преродба“ изјави Трајковски. Се сметаше дека по евентуална амнестија на капиталот, Македонија брзо и лесно ќе расчисти со матните моменти на приватизацијата . Сепак ваквата идеја остана нереализирана, и наместо тоа се тргна во нов поход, ново враќање кон минатото. Да се лустрираат олигарските. Самите бизнисмени изјавија дека немаат ништо против идејата, но дека сепак би било штетно за економијата да се отвораат рани. Всушност има различни мислења. Оние бизнисмени изнедредни од помладата генерација , неповрзана со транзицијата немаат против. „Ако јас лично се прашувам добро е да се знае дали некој бизнисмен просперирал и направил империја со својата деловна успешност или ако тоа го направил затоа што соработувале со службите или поради некои други матни зделки. Еднаш засекогаш тоа прашање треба да се разреши. Јас како бизнисмен сум за тоа. Во моментов поради одиумот на јавноста кон т.н. олигарси сите бизнисмени од тој период се ставаат во иста категорија, и сите се условно речено извалкани, вака би се знаело кој навистина нечесно стасал до голем имот и бизнис, а кој преку својата работа. Тогаш ќе видиме кои се навистина тие олигарси. Сепак, со оглед на тоа што не сум детално запознаен со одредбите од законот не би можел детално да коментирам“, изјави  Златко Калиников. Во Стопанската комора на Македонија, каде се големите фирми, дел од нив произлезени од приватизацијата исто така велат дека немаат ништо против , но за нив, смислата на овој закон е тешко дофатлива. - Немаме ништо против со лустрација да бидат опфатени и лицата што учествувале во приватизацијата. Сепак, не гледаме логика на поврзување на политички закон со економијата. Би имало логика, доколку тоа се компании во кои се уште доминира државниот капитал. Во Македонија има над 1600 приватизирани фирми и ќе се отвори огромен процес чија цел не може да се види каква е. Постојат низа на други закони со кои може да се провери приватизацијата, дали имало криминални или други дејства, не гледаме дека тоа може токму со законот за лустрација да се разјасни. Од друга страна, би се створил додатен проблем во економијата пред се од аспект на правната сигурност. Би се отвориле и други прашања, зошто на пример не се лустрираат лица кои добиле концесии за ископ на минерали, или за користење на води. Иако, повторувам, јас лично, а верувам и комората немаме против обелоденување на имињата на соработници на тајните служби, вели бизнисменот Антонио Пешев од Стопанската комора. Експертите се уверени дека доколку се одеше по обратен модел, за амнестија на капиталот, наместо за одново отворање на овие транзициски рани, тоа секако ќе беше подобро за економијата. Вака останува едно лош чувство дека Владата влезе во игра од која многу полесно ќе контролира еден сектор, врз кој и досега сакаше да стави капа, врз бизнисмените, и тоа врз оние кои, условно речено произлегоа од гарнитурата која порано владееше во Макеоднија. Државата на овој начин ќе неформално контролира сектор за кој не е надлежна За Хелсиншкиот комитет за човекови права исто така нејасна е одредбата за лустрирање на олигарсите. Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет, не сака да изнесува шпекулации за можите причини зошто оваа категорија на лица се наоѓа во законот, но е децидна дека овие луѓе не можат да бидат предмет на лустрација бидејќи точно се знае кој и зошто е предмет на лустрација . „Ова претставува начин државата да контролира сектор кој не е во нејзина надлежност и не може да биде и обид за наметнување на желбите на државата во сектор во кој државните политики немаат никаков удел“, вели Пировска. Ова особено е засилено затоа што не е предвидена никаква санкција во законот. Според членот на комисијата Малковски, единствен начин на кој ќе може да се санкционира одредено лице доколку за него биде утврдена соработка е следниот: „Бизнисмените , вработените во приватните компании откако ќе бидат објавени нивните имиња, како што предвидува новиот закон, ќе бидат оставени на својата или совеста на сопственикот – дали тие самите ќе си заминат или сопственикот ќе ги отстрани од работа заради заштита на угледот на компанијата“, појаснува Малковски. Игрите со лустрацијата, и начинот на кој се спроведува, остава простор за многу манипулации и во овој дел, за нови пазарења и конечно за воспоставување систем на вредности во кој ќе доминира уцената над правото, беззаконието над судот, пазарењето над механизмите што законот ги воспоставил. Дали Уставниот суд, ќе ги има предвид сиве овие забелешки на стручната јавност, е прашање на кое набрзо ќе добиеме одговор. Марија Севриева, Сања Трајковска Истражувањето е поддржано од Фондацијата „Конрад Аденауер“