Богати кинески компании го купуваат FIAT Chrysler
Објавено во: Економија 17 Август, 2017
Кинеските богати државни компании Dongfeng Motor, Geely и GAC, кои имаат искуство со производство на западни модели за кинескиот пазар, односно работат заедно со странски компании, се заинтересирани за преземање на групацијата FIAT Chrysler и останатите брендови кои се дел од FCA.
Од нив најпознат во меѓународните води е Geely кој е сопственик на Volvo по чија соработка и вложувања шведската компанија доживува вистински ренесанса со серија успешни нови модели.
Кинеските власти донесоа нова стратегија со која ги поттикнуваат домашните компании да излезат на светскиот пазар и да се претворат во глобални играчи, но засега тоа во одреден степен го направи само Geely,кој неодамна го купи и малезискиот гигант Proton, во чија сопственост беше британската класика Lotus.
Се претпоставува дека ако дојде до договор FCA ќе ги продаде Chrysler, Dodge, Jeep, Ram, FIAT и Lancia, но не Maserati и Alfa Romeo, кои се очекува наскоро да излезат на светските берзи, по примерот на Ferrari.
Засега финансиски детали од потенцијалното преземање не се соопштуваат.