ИНФЛАЦИЈАТА ПОВТОРНО ВИСОКА - на годишно ниво е забележан раст од 4 проценти, еве каде има најголемо поскапување
Објавено во: Економија 07 Мај, 2024
Годишната стапка на инфлацијата во Македонија во април 2024 година достигна 4 проценти, во споредба со истиот месец минатата година. Цените на мало се зголемиле за 3,5 отсто, објави Државниот завод за статистика.
- Индексот на трошоците на животот во април 2024 година, во однос на април 2023 година, бележи зголемување од 4,0 проценти, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 3,5 отсто - се наведува во соопштението на ДЗС.
Воедно во него е посочено дека инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во април 2024 година, во однос на март 2024 година, изнесува 0,7 отсто.
- Зголемувањето на инфлацијата во април 2024 година, во однос на март 2024 година, е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во следните групи: транспорт за 2,8 проценти, комуникации за 1,6 отсто, храна и безалкохолни пијалаци, облека и обувки за 0,9 проценти, рекреација и култура, ресторани и хотели за 0,6 отсто, разновидни стоки и услуги за 0,4 проценти и здравје за 0,2 отсто - се наведвуа во соопштението на ДЗС.
Истиот месец во однос на март 2024 година, статистичкарите забележале намалување на трошоците на животот во групите: мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0,5 отсто и домување, вода, електрика, гас и други горива за 0,2 проценти.