04 Мај, 2024
0.0297

Бајден и бае на Србија

Објавено во: Колумни 23 Јануари, 2024

Добивај вести на Viber

„Ако заминеме и Русија го издржи нивниот напад и ја победи Украина, што мислите што ќе се случи во балканските земји? Што мислите што ќе се случи со Полска со Унгарија?“, праша американскиот претседател, Џо Бајден, кон крајот на минатата недела,  и на тој начин во целата низа причини додаде уште една, зошто Западот не треба да ја прекине помошта на Украина.  Не станува збор за Полска и за Унгарија. За нив веќе поодамна, особено за Полска, на Западот велат дека ќе бидат наредна цел на Русија? Станува збор за Србија.

Зошто Бајден ги спомна балканските држави, па и Полска и Унгарија, а воопшто не ги спомена земјите од Балтикот, што е многу пореално да бидат цел на Русија, ако веќе таа реши да удри на НАТО. Очигледно Американците, паралелно со Русија, сакаат да се занимаваат и со Балканот, бидејќи тука не им е завршена работата со нивните планови. А тоа е целиот Балкан да биде вовлечен во НАТО, а потоа и ЕУ, да нема енклави, слободни или неутрални, кои би можеле да бидат цел на Русија и Кина, кои би сакале да соработуваат паралелно и со Русија и Кина. Но и со Западот. Под „балкански држави“, Бајден секако смета на Србија. Зашто уште таа остана надвор од Алијансата, а има влијание врз развојот на настаните во Босна и Косово, кои се’ уште важат за не самоодржливи држави. Оттука искажувањето на американскиот претседател личи на баење на Србија. Но, зарем таа е толку болна за да и се бае?

Главната болка на Западот во случајов, но и на Србија е Косово. Западот, посебно ЕУ, а и САД што се’ не направија да дојде до решение на тој проблем. Потпишани се многу документи, но работите никако да тргнат по несопирлив пат. Деновиве во Скопје, а и во посета на Балканот е помошникот на американскиот државен секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Џејмс О’ Брајaн. Изјавата на Бајден како да беше намерно дадена пред неговото доаѓање. О’ Брајан сигурно ќе има сериозни разговори со српскиот претседател Александар Вучиќ. Ќе му ја предочи американската загриженост од развојот на настаните во Украина и ќе притиска за побрзо решавање на косовското прашање. А ќе има подготвено и одговор за евентаулното српско прашање, зошто Америка го вооружува Косово? Иако, првата изјава на српскиот претседател Владимир Вучиќ беше дека одлуката за испорака ружје е разочарувачка, но дека ќе работат со САД на зачувување на меѓусебните односи.

НИШТО НЕ Е СЛУЧАЈНО ВО ПОЛИТИКАТА

На испораката  на оружје реагираа од руското министерство за надворешни работи. Портпаролот Марија Захарова на последниот брифинг со новинарите соопшти:„Во јавноста се појавија информации за намерата на Вашингтон да и достави на самопрогласената „Република Косово“ партија оружје - противтенковски ракетни системи Javelin со импресивно количество муниција. Добрите цели декларирани од американската страна за „зајакнување на безбедноста на европскиот партнер, промовирање на заштитата на неговиот суверенитет и територијален интегритет“ се јасен пример за цинизам и дволичност. Би сакала да поставам прашање до новинарите (Вашингтон е бескорисен). Соединетите Држави велат дека го испорачуваат ова оружје на Косово, работејќи на „зајакнување и заштита на суверенитетот и територијалниот интегритет на својот европски партнер“. Но, во исто време Вашингтон изјавува дека за таков го смета и Белград. Кажете ми, како Вашингтон ќе им го гарантира на Белград, Србија и на српскиот народ нивниот суверенитет и територијален интегритет во овој случај? Или Вашингтон нема да и го гарантира територијалниот интегритет и суверенитет на Србија? Овие два процеси не само што се контрадикторни еден со друг, туку се и неспоредливи“. Таа испораката на оружјето ја поврзува со најновите изјави дека Русија е подготвена да ја префрли војната во Европа, а тамошните раководства го плашат сопственото население со почеток на војна и таму. Оттка и прашањето дали испораката на противтенковското оружје на Косовците не е поврзано со тие планови на англосаксонците кон континентална Европа, вели Захарова?

Дека развојот на настаните во Украина може да влијае врз Балканот уште во 2015 година најави американскиот државен секретар Џон Кери. По присоединувањето на Крим кон Русија, почнаа да се влошуваат односите на САД со Русија, и во една прилика Кери изјави дека Балканот се наоѓа на линијата на огнот, која се протегаше од Украина, преку Молдавија и Романија, кон балканските земји. Затоа и прашањето дали давањето оружје на косовските сили е случајно или долгорочна намера на САД да се одговори на вооружените провокации, како што беше онаа во Бањска. Сигурно не е дадено за да има косовски провокации кон Србија, зашто тоа најмалку би им одговарало на Американците. Како и да е, во политиката нема ништо случајно. Па и вооружувањето на безбедносните сили на Косово не е случајност. Претходно тоа го направи Турција, а и Албанија најави воена помош вредна десетици милиони евра.

Може да се зборува дека испораката на Javelin е дел од американската стратегија на Балканот, гледано вкупно со она што се случува во Украина. Со еден замав да се решат повеќе прашања. Замавот е кон Русија, но со американската стратегија во Украина војната да се одолжува, а по пат да се решат и отворените бзбедносни и политички прашања на Балканот. Прашања за кои нема да биде потребана многу енергија, оружје и пари. Целта е да се оттргнат од Балканот Русија и Кина. Да не се слушне уште еднаш од устата на Вучиќ, како што беше неодамна во Давос, дека Србија сака да тргува и со Западот, но и со Кина. И конечно и Србија и Косово и БиХ да станат членки на НАТО, колку и да не изгледа тоа брзо остварливо. Но, што побрзо, тоа подобро, зашто ако дојде до примирје или пак Русија победи во Украина, тогаш работите ќе се искомплицираат.

БОРБА НА НАТО СО РУСИЈА

Изјавата на Бајден беше дадена во контекст на нерешавањето на финансирањето на Украина, кај нив во Америка. Упорноста на конгресмените да го поврзат тоа прашање со миграцијата во САД, но и барањето на јасна стратегија за намерите и целите на Американците во војната во Украина. Бајден, одговарајќи на молбите на украинскиот претседател, Владимир Зеленски, притиска врз Конгресот да се одобри нов пакет помош за Украина вреден над 61 милијарда долари.  Кон крајот на декември од Белата куќа соопштија дека веќе е испратен последниот пакет помош за Украина. Оттогаш нема ништо ново.

А во НАТО не сопираат со предупредувањата дека ќе има отворена борба со Русија. Де после три, после пет, де после 20 години! А и за тоа ќе бидат потребни големи пари. Од Алијансата ги предупередуваат воените министри, раководствата на државите, а и обичните граѓани дека треба да се подготват за војна. Како да не знаат, како таа би почнала или како би завршила? Во Русија одново се зборува за нуклеарно оружје. Воената вежба на НАТО која треба да почне неделава, воопшто не ги загрижува нив. Но сигурно Русите внимателно ќе ја следат.

Ќе се случува ли нешто значајно на Балканот, во воено-безбедносна смисла или не, ќе чуеме деновиве. Можеби уште денес или утре. И главно од Србија. О’Брајан, ќе си ја турка работата за која е пратен на Балканот. Вучиќ ја прими пораката од Бајден. Тој ќе тврди дека Србија не е толку Болна за да и’ се бае. Нему му е јасно дека зјавата на Бајден е дадена повеќе за внатрешна употреба во САД, отколку за вистинска воена опасност за Балканот од страна на Русија. Србија не одлучува за парите за Украина што треба да ги одобри Конгресот.

А дека војната меѓу НАТО и Русија може да почне за 20 години, тоа не може да се исклучи. Но дотогаш можат да се случат и мноштво други работи. На пример до тогаш во светот може да се појават една милијарда хуманоидни роботи, како што прогнозира милијардерот, Илон Маск. Други истражувачи на вештачката интелигенција, пак сметаат дека до 2060 година во светот би имало дури 100 милијарди роботи во целиот сончев систем. „Можно е нешто такво, доколку основите на цивилизацијата бидат стабилни“, вели Маск.

А кој друг може да ги наруши тие основи, ако не човекот. Ако не војните и користењето на нуклеарно оружје од обете страни во судирот во Украина. Русија и посредните актери во војната, САД и другите западни земји. Украинците немаат нуклеарно оружје, тие се и, во евентуална таква војна, ќе бидат само топовско месо.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина