14 Мај, 2024
0.0248

Западниот Балкан и нецаринските мерки и бариери

Објавено во: Мои пари 21 Август, 2019

Добивај вести на Viber

Царините влијаат врз покачување на цената на увозниот производ со што потенцијално се намалува неговата конкурентност и се штити домашниот пазар, но тие секогаш дејствуваат линеарно (во принцип ниту преферираат, ниту дискриминираат) и никогаш не предизвикуваат физичко запирање на увозните текови. Административниот протекционизам или вонцаринските (нецарински) инструменти се оние кои директно или индиректно го ограничуваат движењето на стоките и увозот.

Постои разлика помеѓу „нецарински мерки“ кои подразбираат политики кои се во согласност со преземените обврски со меѓународни договори и се во функција на остварување на легитимните домашни цели (иако тие можат да влијаат врз намалување на трговските текови) и „нецарински бариери“, кои опфаќаат политики во судир со претходно договорените обврски со меѓународни договори и за кои треба да постои заложба за елиминирање.

Бидејќи, истите брзо се воведуваат, менуваат и укинуваат, а економските субјекти на нив бргу реагираат ефектите од нецаринските мерки и бариери се видливи на кус рок, па Владите во различни држави често ги употребуваат. Но, токму овие својства на нецаринска заштита генерираат несигурност и неизвесност кај фирмите кои се засегнати од нив, клима на нестабилност во надворешната трговија која предизвикува домино ефект врз цените заради антиципираното заострување на увозниот режим и дестимулирање на идните инвестиции во тоа подрачје.

Во Западниот Балкан постојат бројни примери на нецаринска заштита, како за нецарински мерки, така и за нецарински бариери. Актуелен е примерот со забраната за увоз во нашата земја на рибен подмладок и икра од Косово, кој во својата суштина претставува нецаринска мерка, а која кај нас се воведе како резултат на меѓународни прописи (и не се однесува само за Косово, туку и за сите останати земји кои немаат мониторинг) и одговорот со забрана за увоз на мед и компири од нашата држава, што во суштина претставува нецаринска бариера. Ако се земе предвид дека извозот на мед во Косово во 2018 година е во вредност од околу 464.000 долари, додека во првите пет месеци од годинава е во вредност од околу 212.000 долари, како и дека во Косово годишно се извезуваат  не повеќе од 1.000 тони компири, може да се заклучи дека со ваквата забрана не се постигнуваат цели кои се од фискална природа, туку намерата е поинаква.

Пример за нецарински мерки се и постапките кои се спроведуваат од страна на Србија согласно нивната регулатива која се однесува на радијација и нуклеарна сигурност и безбедност, а се поврзани со обврската за контрола на секоја пратка која се увезува кај нив. Имено, согласно нашата регулатива радиоактивноста на стоките при увоз, извоз и транзит се контролира на граница, со посебни уреди, а доколку се утврди износ над дозволениот се вршат дозиметриски испитувања. Во случај пак кога наши компании извезуваат во Србија задолжителни се дозиметриски мерења, односно задолжително мерење на нивото на радијација во лабораториски услови за руди, неметали (како мермер, травертин, гранит и сл.), отпадоци од метали, прехранбени продукти (како млеко и производи од млеко, јајца, мед) и многу други производи. Компаниите чекаат на граничен премин и по неколку дена за да се утврди дека стоката не е радиоактивна, што значи загуба на време и средства.

Стопанската комора на Македонија во април оваа година спроведе мерење на проток на стоки на граничните премини Ќафасан и Табановце со цел утврдување на времето во кое камионите се задржуваат на граничните, при што се утврди дека постапките пред надлежните органи за царинска и пасошка контрола при извоз од нашата држава не траат повеќе од 5 минути, додека во колона од македонска страна се чека не повеќе од 15 минути во денот во кој се вршеше мерењето. При увоз на производи во нашата држава голем дел од времетраењето на постапките на граничниот премин Табановце отпаѓа на фитосанитарната и ветеринарната контрола. Доколку стоката не подлежи на фитосанитарна и ветеринарна контрола, царинската постапка се завршува просечно за еден час, а ако станува збор за стока која подлежи на фитосанитарна контрола (на пример, пченица), царинската постапка во просек трае околу 3 часа, а во случај на ветеринарна контрола (за стока како месо, риба, кашкавал, млеко и сл.), постапката трае многу подолго, во одредени случаи и повеќе од еден ден.

Првенствено како резултат на барањето на бизнисот во двете држави на граничниот премин Табановце-Прешево ќе започнат заеднички контроли од страна на македонските и српските служби, што ќе значи релативно скратување на времето кое товарните возила го поминуваат во чекање на граничниот премин за увоз и извоз на стоки во и од нашата држава на овој граничен премин. Но, за суштинско намалување на времето и трошоците на фирмите неопходно е потпишување на меѓудржавни договори за меѓусебно признавање на резултатите од спроведени фитосанитарни и ветеринарни контроли, бидејќи најголем дел од времето кое се минува на граничните премини отпаѓа на овие процедури.

Постојат и други примери за административен протекционизам на Западниот Балкан како забраната на нашиот извоз на лекови во Албанија и извозот на вино во Србија од пред некој година, извозот на брашно од Србија кај нас, но и многу други.

Во услови на постојаното меѓусебно поткусурување на балкански начин преку нецаринските мерки и бариери се потврдува фактот дека овде се уште постигнувањето на одредени политички или други цели се поважни од економските.

Во регионот е потребна доверба за да растеме заедно. Земјите од Западна Европа ова го разбраа многу одамна, ние само треба да ја следиме нивната практика.

Укинувањето на нецаринските бариери, сведувањето на царинските мерки на минимум во регионот, меѓусебното признавање на сертификатите и олеснување на протокот на стоки е императив за создавање на конкурентен регион.


Анета Димовска, самостоен советник 
во Стопанската комора на Македонија

Можеби ќе ве интересира

Нов “дијамант” на македонската кошарка

Нов “дијамант” на македонската кошарка

„Браво сине“ и „Арс Ламина“ со збирка од 24 „Нови бајки од Македонија“

„Браво сине“ и „Арс Ламина“ со збирка од 24 „Нови бајки од Македонија“

Имлек Протеин - моќ и енергија за 1650 спортисти на “Скопје трча”

Имлек Протеин - моќ и енергија за 1650 спортисти на “Скопје трча”

Благодарност до македонската ракометна јавност

Благодарност до македонската ракометна јавност

Прв регионален Health & Fitness форум во земјава

Прв регионален Health & Fitness форум во земјава

Заборски од „Макпетрол“ петти во Европа на шампионатот во Задар

Заборски од „Макпетрол“ петти во Европа на шампионатот во Задар

Развојот на првиот Porsche 911 со хибриден погон заврши успешно

Развојот на првиот Porsche 911 со хибриден погон заврши успешно

Денеска се одржа 8. издание на „Халк Еко Скопје Трча 10км“ 1650 учесници застанаа на старната линија

Денеска се одржа 8. издание на „Халк Еко Скопје Трча 10км“ 1650 учесници застанаа на старната линија

БРАКО ЌЕ ПРОМОВИРА НОВО ЕЛЕКТРИЧНО ВОЗИЛО НА САЕМ ВО МИНХЕН

БРАКО ЌЕ ПРОМОВИРА НОВО ЕЛЕКТРИЧНО ВОЗИЛО НА САЕМ ВО МИНХЕН