Добивај вести на Viber
Навистина е тешко принципиелно да им се забележува на популистичкото однесување на политичарите. Не само кај нас, туку и во светот. Но, она што може од далеку да се забележи во некои општества е дека некаде популизмот е дел од политикатата, додека пак на други места, популизмот е сржта на политиката. А тоа не е добро за развојот. Впрочем кога е така, тоа значи дека општеството е во канџите на популизмот.
Јасно е дека партиите секаде водат борба за власт и во намерата да го привлечат гласачкото тело нудат стратегии и тактики во кои гласачите можат да ги препознаат своите и интересите на своите идни поколенија. Во таков контекст замената на власта не е само промена на елитите, туку претставува основа за промена на реалните односи во општеството во полза на мнозинството. На примерот на неодамнешните претседателски избори во САД јасно се видоа позициите на демократскиот и републиканскиот кандидат. Во дози ги дефинираа своите односи кон улогата на пазарот и на државата, кон висината на јавната потрошувачка и кон порастот на даноците, имајќи ги предвид забавената стапка на раст, високата стапка на невработеност (според нивни мерила-8%), високиот буџетски дефицит и надворешниот долг. Додека Републиканскиот кандидат поголемо значење му придаваше на пазарот, но не ја потценуваше ниту улогата на државата, со тоа што бараше таа да биде редуцирана (за да не го загрозува развојот), демократскиот кандидат не го негираше пазарот, но се залагаше за остварување на поголема еднаквост во општеството (вклучувајќи и повисоки даноци за најбогатите), без да се загрози интересот на капиталот, како претпоставка за развојот. Мнозина набљудувачи, особено од противничкиот табор, политиката на Обама ја означија како популистичка. Во определен степен таа може да се смета за таква, особено во проширувањето на здравствената заштита на милионите неосигурани граѓани. Но, таквата забелешка се релативизира со огромната државна финансиска поддршка на клучните институции во почетокот на финансиската криза во 2008-2009 година. Државата значи не е за едни мајка, а за други маќеа. Таа настојува да ги усогласи спротивставените интереси во општеството, а притоа, да не го загрози развојот.
Во светлината на овие односи и расправи состојбите во Македонија се загрижувачки. Без соодветен модел на избалансиран однос меѓу улогата на пазарот и на државата, на низок степен на развиеност на каков се наоѓа Македонија, макроекономската политика лесно запаѓа во популизам од најпримитивен вид, водена од дневно политичките интереси на владејачките партии. Додека во развиените земји популизмот се остварува со зафаќање на дел од профитите за да се задоволат потребите на одделни категории од населението, незагрозувајќи ги пазарните услови на стопанисување (противниците, на пример во САД, републиканците, само се жалат дека им се намалува профитот, а со тоа и можностите за развој), кај нас, нагласениот популизам оди дотаму што ги потиснува објективните пазарни законитости. Не се разговара за развојот, за мерките кој треба да го обезбедат развојот , за ефектите. А многу пати слушаме што се‘ се изградило и се гради, но ретко се презентира колку се потрошило и колкава е економската оправданост.
Кај нас популизмот станува алфа и омега на водечките елити . Во недостиг на јасна развојна стратегија меѓупартиските препукувања се приземни- кој што направил односно другиот не направил, независно од цената која е платена; кој крадел повеќе, а кој помалку; кој е повеќе заинтересиран за состојбите на одделни слоеви од населението, со намера да се покаже дека тие имаат намера да ги задоволуваат нивните потреби (независно од цената). Се‘ на се‘ тоа се аргументи според кои гласачите не го избираат подоброто од постојното, туку помалото од поголемото зло.
А, за гласачите, попривлечно е кога имаат можност да се определат поради успешна реализација на најавените проекти. Меѓутоа, се покажа дека е недоволно само да се наведуваат бројни проекти ако нивните ефекти не претставуваат критична маса за подобрување на развојните перформанси- зголемување на растот на БДП, пораст на вработеноста, намалување на сиромаштијата, пораст на извозот и урамнотежување на економските односи со странство и тн. Се разбира, не треба да се потценува ниту корисноста на било кој проект со чија реализација се остваруваат определени користи за луѓето во определени средини. Меѓутоа, невкусно е кога се сака јавноста да се придобие со големината на бројот на изведените проекти и бројот на проектите кои ќе се изведуваат, а притоа главните макроекономски индикатори се неповолни.
Во последно време како „крунски“ аргумент во привлекување на гласачите за преземање односно за задржување на власта е споредбата на остварените резултати на партиите во периодите кога биле на власт, без да се води сметка за внатрешните и надворешните услови во кои ја вршеле власта. Нема сомнение дека и на ваквите аргументи ќе се „фатат“ некои од гласачите, а некоја од спротивставените партии ќе ја добие довербата да ја врши власта. Но, и овој аргумент е од арсеналот на популизмот, особено со оглед на тоа што двете најголеми партии во македонскиот блок имаат речиси исто време на владеење. Од овој аспект безсмислено е и не може да се бара кој е поголем виновник за состојбите во земјата. Повеќе или помалку двете се одговорни за големата сиромаштија, невработеност, низок стандард, за рапидно зголемување на надворешниот долг без соодветни ефекти во динамизирањето на растот и тн. Крајно време е нивната меѓусебна конфронтација во борбата за власт да ја претворат во конкурентска борба на идеи, стратегии и програми за развој со чија реализација ќе се менуваат дведецениските неповолни состојби во земјата.
Д-р Крсте Шајноски