СПРЕЧЕН АТЕНТАТ НА ЗЕЛЕНСКИ: Уапсен е полски државјанин
Објавено во: Свет 18 Април, 2024
Уапсен е полски државјанин, кој со Русите планирал атентат на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Полски државјанин е уапсен под обвинение дека бил подготвен да шпионира за руската воена разузнавачка служба и да помогне во планирањето на убиството на украинскиот претседател, соопштија полските обвинители, а пренесува Асошиејтед прес.
Полското национално обвинителство соопшти дека човекот, идентификуван само како Павел К., е обвинет дека сакал да им пренесе информации за безбедноста на аеродромот на руските агенти и е уапсен вчера во Полска.
Човекот побарал контакт со Руси директно вклучени во војната во Украина и се очекувало да пренесе детални информации за аеродромот Жешов-Јасионка во југоисточна Полска, во близина на границата со Украина, кој е портата за меѓународни воени и хуманитарни снабдувања за Украина. Аеродромот е под контрола на американски војници. Тој може да добие и до осум години затвор.
Обвинителите рекоа дека апсењето е резултат на блиска соработка со обвинителите и безбедносните служби на Украина, кои обезбедија клучни докази.
Откако почна војната во Украина пред повеќе од две години, како што соопштија украинските власти, имало повеќе обиди за атентат на Зеленски. Дел од тие обиди беа во првите денови од руската инвазија на Украина.