01 Ноември, 2024
0.0384

Синдром на самоуништување

Објавено во: Колумни 05 Јули, 2013

Добивај вести на Viber

Етноцентризмот подразбира глорифицирање на сопствената нација, уважување и величање на обичаите, нормите и севкупната сопствена култура, а истовремено омаловажување на културата на другите, сметајќи ги културно, религиски и етнички поинаквите за помалку вредни и недостојни за културно внимание, културно оплотување и културно развивање. Вака перцепираниот и практично применетиот етноцентризам има негативни постулати и подразбира еден и теоретски и во пракса применет однос кон другите во кој доминираат стереотипи, предрасуди и етикетирања и во кој доминира улогата на надредени и подредени. Во одредени случаи етноцентризмот може да биде продуктивен и да има позитивна конотација, посебно во случаи кога ти е загрозен националниот, културниот, етничкиот, религискиот идентитет и кога делува во функција на сплотување и интегрирање на припадниците на една етничка група. Во такви околности, кога некој те оспорува, те негира, се сомнева во твоето потекло, се исмејува со твојата култура и традиција, ти ги брише корените можеби е и добро да се поткрене и поткрепи етноцентризмот, разбран во една поинаква формулација. Само неук и незрел човек ќе оцрнува и нагрдува дела на признати и познати дејци Да си ја сакаш сопствената држава, да си го величаш сопствениот народ, да уживаш во културните достигнувања на признати и познати културни дејци, музички и уметнички да се оплотуваш восприемајќи дела на врвни уметници и музичари, литерарно да се надградуваш од големи мајстори на перото, да осознаваш за сопствената култура, традиција, за сопствените корени од интелектуалци кои со својот опус се искачиле на пиедесталот на великани е привилегија, можност која треба да ја искористиш, момент кој треба без двоумење да го грабнеш, големина и чест за секој добронамерник и патриот кој со сето срце и душа вистински и правдољубиво ја љуби татковината во која се родил, живее, твори и битисува. И секој умен, емотивно созреан и мисловно изграден човек ќе се радува на достигнувањата на доајените од неговата држава, ќе ужива во благодетите кои ги вкусува благодарение на оние кои нешто создале, направиле и оставиле длабок печат во сопствената историја. Секој мудар и трезвен поединец ќе знае да препознае и расуди кои мудури создавале, пишувале, ги изнесувале своите размисли, разменувале мисли и дејанија со други, граделе и развивале историја и држава. И тие треба да се почитуваат и со посебен пиетет да се гради однос кон нив, бидејќи тие се втемелувачи на нешто што значи мудра мисла, норма, наука, суштественост во секој сегмент, добробит и државност. Само неук и незрел(мисловно и емотивно) човек ќе оцрнува и нагрдува дела на признати и познати дејци, само оној кој со црни очила ја чита, оценува и проценува историјата не ќе може рационално да оцени и процени нечија вредност, само оној кој се одликува со егоизам, егоцентризам и интелектуална некритичност не ќе може вистински, правилно и објективно да ги процени и протолкува делата на одредени интелектуални дејци. Сведоци сме на бескрупулозно валкање на делата и имињата на одредени македонски великани Деновиве сведоци сме на бескрупулозно валкање на делата и имињата на одредени македонски великани, луѓе кои биле признати и познати надвор од границите на сопствената држава, дејци чие име некогаш значело страхопочит, воодушевеност и фасцинираност од она што го создале, имиња кои по сите критериуми оставиле длабока трага во историјата на сопствената држава. Секој оној кој бил литерарен вљубеник ги голтал со посебна жар редовите испишани во нивните дела, но и секој добронамерник и почитувач на убавиот збор имал можност, па дури и привилегија да ги впие соковите од нивните мудрости. За мене искажаните мисли, стиловите кои биле вткаени во нивниот опус, зборовите искажани во нивните писанија-некогаш директни, некогаш метафорични, биле основа за мое литерарно осознавање и созревање. Едноставноста на писанието, а истовремено комплексноста на  поентата и пораката која ја испраќале ме терало постојано да се навраќам на тие пишани редови, да размислувам со денови и да барам причина, но и последица на кажаниот збор. Што е тоа во луѓето тажно што живеат во животи туѓи... Горчина и пелин на душата ми навира кога гледам како се девалвира нечие дело, нечиј труд кој оставил длабоки траги во развојот на многу генерации. Многумина тинејџери ја осознале убавината на пишувањето читајќи ги делата на великаните, други културно се оплотиле, на трети им се одредила животната професија и судбина со помош на тие дела, четврти онемено ги голтале нивните зборови и фасцинантноста од нив придонела да изградат позитивни модели на идентификација и имитација, петти растеле и созревале..... Само едни стихови ми ги размрдуваат мозочните ќелии деновиве...Што е тоа во луѓето тажно што живеат во животи туѓи.....Синдромот на самоуништување навлегол длабоко во нашите пори, не глода, не јаде и не знам со каков лек да се бориме, кој против отров да го земеме бидејќи постои опасност да ни се отруе душата. Едно треба да разбереме-кога другите те негираат ти треба да се сплотиш со твоите, да се зацврстиш и камено да стоиш за да мошеж да ја одбраниш сосптвената самобитност, култура и држава. Затоа не го обезвреднувај сопственото, бидејќи со сопствен камен по глава се удираш. Чувај го создаденото како зеница во окото бидејќи тоа е доказ за твоето битисување, постоење и опстојување. Проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

БРИКС мировна – наместо антизападна

БРИКС мировна – наместо антизападна