СИЛЈАНОВСКА ДАВКОВА: Jас ќе дебатирам со празно столче, да го потсетам Пендаровски дека последната дебата е закажана за понеделник
Објавено во: Македонија 02 Мај, 2024
Кандидатката за претседателка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова излезе со свој коментар на социјалната мрежа X, по повод отсуството на противкандидатот Стево Пендаровски на денешната тв-дебата на Македонската телевизија.
„Вчудоневидувачки е како во најзначајната претседателска дебата пред националниот сервис, Македонската телевизија, јас ќе дебатирам со празно столче. Не разбирам зошто мојот противкандидат им оневозможи на граѓаните повторно да ги соочиме нашите програми и ставови. Би сакала да го потсетам господинот Стево Пендаровски дека последната дебата е закажана за понеделник, па го повикувам да се одважи и да се појави пред мене и пред граѓаните на Македонија. Основна задача на шефот на државата е да гради консензус преку дијалог со сите“, пишува Силјановска Давкова.
Таа претходно рече дека разликата во гласови од 2 наспроти 1, може да биде 3 наспроти 1. На 8-ми мај граѓаните ќе гласаат.