Добивај вести на Viber
Фудбалот-најважната споредна работа во светот е следен, перцепиран и обожуван од милиони страсни гледачи, кои најголем дел од своето слободно време го поминуваат покрај големата шарена кутија, со далечинско в раце кое фаќа фрекфенција во тие ситуации само на неколку програми наменети исклучиво за спортски натпревари. За пасионерите и вистинските обожувачи на фудбалот, тој не е само обична игра, не е само натпревар во кој дваесет и двајца играчи во континуитет ја бркаат “црно-белата буба-мара”, тој не е само начин да се помине дел од времето наменето за слободни активности, туку многу повеќе, за нив фудбалот е дел од нивниот живот, тој е механизам за катарза, врвно задоволство-посебно кога има тимот за кој тие навиваат позитивен резултат, тој е за нив чин кој посебно се чествува и како што љубат да кажат “празник за очи и мелем за душа”. Секој вистински вљубеник во фудбалот чинот на следење на спортска утакмица го практицира со освежувачки напиток, прехрамбен продукт кој придонесува за намалување на нервозата и стресот и добро друштво секако, со кого се споделува радоста и тагата за победата или поразот на бодрениот тим.
Сведоци сме на се поголем број на фудбалски натпревари во кои наместо коректен натпревар се почесто гледаме насилство, агресија
Но она што ни се случува последниот период кај нас, посебно на фудбалските терени, не изземајќи ги секако и останатите колективни спортски манифестации, ни оддалеку не наликува на посакувана, борбена и правилна спортска игра, во која ќе ужива секој добронамерник и љубител на фудбалската игра. Сведоци сме на се поголем број на фудбалски натпревари во кои наместо коректен натпревар, во кои главните актери ќе ги покажуваат и истакнуваат своите спортски знаења, умеења и вештини, се почесто гледаме насилство, агресија, нетрпеливост и нетолеранција меѓу активните спортски дејци, но и меѓу нивните подржувачи. Спортските хулигани, оние кои исполуваат насилство-вербално и физичко и агресија на спортските манифестации ги отстранија од спортските гледалишта вистинските вљубеници во спортот, хулиганизмот навлезе во сите пори на спортот, тргајќи ги настрана оние кои вистински го сакаат, почитуваат и подржуваат спортот. Жални се сликите кои секојдневно ги гледаме на мас-медиумите на кои се прикажани стадиони и спортски сали во кои доминираат навивачи опкружени со припадници на безбедносните сили, навивачи кои држат транспаренти на кои се испишани содржини со погрдни и навредливи зборови, навивачи чии гестикулации се во најмала рака безобразни и страмни. Срцето ми се кине кога ќе видам како етнички или религиски другиот го пали знамето на оној кој е припадник на другата етничка или конфесионална група, знамето-симбол на државноста, знамето-гордост на една нација. И секој пат на ум ми доаѓа прашањето до каде ќе одиме, трпението има ли граница, конечно хулиганот ќе сноси ли санкција за страмниот чин кој го сторил, и прашања на кои некогаш останувам занемена, не можам да најдам одговор бидејќи реалноста не ми дозволува да искажам став кој ќе значи осуда, пред се јавна, но и соодветна санкција за “злосторникот”.
Принципите на кои се темели интеркултурниот дијалог се база на која треба да почива секоја спортска манифестација
Токму инспирирани од се позачестеното насилство и агресија на спортските терени, се исполува потребата за преземање на конкретни мерки и чекори за превенирање и сузбивање на насилството и агресијата во спортот, а најдобар механизам и начин за тоа е да се втемели спортскиот бон-тон и меѓу активните и меѓу пасивните чинители во спортот. Имплементирање на спортскиот бон-тон подразбира истакнување на пиедесталот на назначајни вредности разбирањето, почитта, толеранцијата, чесноста, добродетелта како дел од кодексот на секој спортист, но и член на навивачка група и обичен спортски добронамерник. Принципите на кои се темели интеркултурниот дијалог се база на која треба да почива секоја спортска манифестација. Да се научи секој оној кој искрено го сака спортот да го разбере и почитува различниот од себе, како звезда водилка да му се наметне позитивизмот и желбата да се постигне добар успех, без да се повреди и навреди противникот. Спортски да се признае пораз, спортски да се извини за направениот прекршок и спортски да се бодри оној кој го сакаш. Навивачите со ведар дух, позитивни песни и со континуиран аплауз да го бодрат и поддржуваат тимот за кој навиваат, а да ги заборават погрдните зборови и навреди за противничкиот тим. Само така ќе уживаме во секој спортски натпревар и само така ќе може адреналински да го чувствуваме спортот и спортски да се оплотуваме и уживаме. Споротот во рацете на спортистите и неговите подржувачи и вљубеници-таа флоскула треба да го води секој спортски добродетел и таа е гарант на спортски успех.
Д-р Татјана Стојаноска Иванова
Институт за социологија
Филозофски факултет-Скопје