01 Ноември, 2024
0.0251

Сензационализам, сладуњав вкус, шунд и кич во медиумите

Објавено во: Колумни 26 Јули, 2013

Добивај вести на Viber

Познатиот порно актер Карло Бос, македонската порно ѕвезда која по своите филмски „квалитети и квантитети“ е далеку познат и надвор од грниците на матичната држава деновиве се поднови со партиска членска книшка... Вест која бомбастично беше најавена и ги преплави интернет порталите како една од суштинските вести на денот. Зетот го прободел дедото со нож бидејќи не му помогнал материјално и во духот на нетолеранцијата многу лесно посегнал по неговиот живот, една од вестите во пишаните медиуми која беше исто така видно забележана. Политички игри, местенки, политички калкулации, кодошења, повреди и навреди, вулгаризирање на настани и дејанија се носечки информации на електронските медиуми... Црна се чума задала во нашата ни мила држава Читајќи ги насловите на сите медиуми, дневни, неделни, пишани, електорнски, интернет се добива впечаток дека црна се чума задала во нашата ни мила држава, дека наместо пофалба, поткрепа и подршка владее омраза, омаловажување и огорченост, дека наместо просветлени вести, издржани анализи кои ќе почиват на факти и на прикосновени аргументи добиваме сензационалистички информации, сладуњави вестички за нешто што е далеку од правилното, естетското и посакуваното, на моменти прикриена вистина, а на моменти добро скоцкана лага. Рекламата го продава производот, а во случајов веста го продава медиумот однсоно интересноста, инвентивноста и несекојдневноста на соодветната вест придонесува за да одреден медиум котира на пиедесталот на врвен медиум или заради едноставните, здодевни, непривлечни, но не помалку значајни информации е маргинализиран и се наоѓа долу, некаде забошотен и заборавен на медиумската скала. Апропо ваквите информации и вести кои секојдневно не бомбардираат прашањата кои си ги поставувате бараат разрешување на следниве дилеми: дали навистина ова е сржта на збиднувањата во нашата држава; дали сивилото безидејноста и атрофираноста кон новитети го имаат завјасано македонскиот етер, па ништо подобро неможе и да се очекува; дали позитивните убави и продуктивни информации не се повеќе на цена и не се приоритети за македонскиот читател; дали станавме крволочни сакајќи да ја намалиме сопствената болка и сопствената немоќ можеби малку уживаме во туѓата немоќ, неспособност и погубност? Каде е читателската публика за која фактите се свети Низа прашања, а безмалку неми одговори бидејќи не постои сериозна и лонгитудинална студија за читателската публика, за да со право може да се донесат релевантни заклучоци и не постои содражајна и функционална анализа која ќе ни ја одгатне дилемата:  која е причината за сензационализмот наспроти објективноста. За суптилно потурнување на шундот и кичот наспроти естетското доживување и продуцирање на вистинската уметност (убавиот пишан збор), за квази и полу информациите кои избоилуваат безмалку со крволочни и вулгарни наслови, наспроти мекото, дозирано и правилно информирање? А каде сме тука ние? Каде е читателската публика за која фактите се свети, а лаицизмот и сензационализмот се туѓи и необјасниви, а каде се тука оние вистинските уживачи на информации, почитувачи на медиумскиот простор за кои важи правилото - вистинската информација и вистинската вест пред и над се. Лошиот ветер ќе го однесе македонскиот медиумски етер Можеби малкумина ќе ме подржат дека ми се наткрева желудникот кога ќе ги читам информациите во кои главни ликови се порно актери, одредени анонимуси кои направиле промена на половиот орган, развратници за кои моралот е мисловна именка, квази политичари и политиканти кои ги полнат насловните страници... Можеби ќе ме осудат дека не ја подржувам идејата на мнозинството дека шпанско, индиско, турските серии биле на некој начин продуктивни во ова време невреме и го одвлекувале вниманието на обичниот граѓанин од суровото секојдневние, дека пластичните барбики кои со своите силикони катадневно ни го окупираат нашиот екран се добри бидејќи го одвлекуваат вниманието и придонесуваат за моментална нечија насмевка, но и покрај тоа гласно и јасно велам: Доста е!  Доста е од шунд и кич, егзибиционизам и воајеризам, доста е од ширење на масовна култура која не е нималку продуктивна, доста ги уништуваме мозочните културни ќелии на адолесцентите сервирајќи им порно актери и турбо фолк певаљки, како модели за идентификација и имитација. Нема изговор ниту за комерцијализација со помош на која се правдаат одредените медиуми, а најмалку пак за јавниот сервис за кој таквите вести, информации и програми треба да се толку далеку, колку што е далеку вселената. Она што под итно ни треба и што е неопходно, а и наша насушна потреба е враќање на продуктивните и вистински информации на врвот на новитети и вести, враќање на убавото, позитивното како приоритетна информација во македонскиот медиумски етер и пред се и над се враќање на естетското, културното и продуктивното во македонскиот медиумски простор, бидејќи ако со овој сензационализам се продолжи лошиот ветер ќе го однесе македонскиот медиумски етер. Проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

БРИКС мировна – наместо антизападна

БРИКС мировна – наместо антизападна