04 Мај, 2024
0.0249

Русија: Кој се плаши од волкот лош?

Објавено во: Колумни 12 Јуни, 2023

Добивај вести на Viber



На долгиот фронт во Украина минативе денови започна одамна најавуваната украинска контраофанзива. Првите кучиња се фрлаат во вода. Па така засега не може со голема веројатност да се зборува за вистината околу она што се случува на фронтот. Првите резултати, според западни извори, зборуваат за големи човечки и материјални загуби на Украинците, но и на некои мали пробиви од нивна страна на првата одбранбена руска линија. Па така повеќе за резултатите офанзивата ќе може да се зборува наредниве недели.

Сите се согласни дека борбите ќе траат долго, дека ќе има големи жртви и дека ова е големата шанса за украинскиот претседател Владимир Зеленски да им покаже на сојузниците и спонзорите на војната дека Украина може на рамна нога да води војна, па и да ја победува Русија. Особено на прагот на НАТО самитот во Литванија, каде што ќе се дава оценка за украинската подготвеност за членство во Алијансата, но и за продолжување и зголемување на воената поддршка. Ако контрофанзивата биде успешна, тогаш Зеленски може да се надева на добри работи. Во спротивно на Запад некои му навестуваат да се подготвува за преговори со Русија.

Ова особено што САД и Франција сега се најгласни за организирање на Самит на мирот, најверојатно во Париз, каде што ќе се разговара за патот до него. На самитот се планира да бидат поканети сите земји сојузници на Украина, но и големите од Глобалниот југ, од БРИКС, но не и Русија. Ќе се направи обид да се понуди некое решение, кое ќе биде прифатливо и за Кина, ако дојде на Самитот, но и за Индија, Бразил, Јужна Африка, Индонезија и други држави. Се со цел и тие да го зголемат притисокот врз Русија и да се откажат од спротивставувањто на воведување санкции кон неа. За таа цел сигурно ќе биде притиснат и Зеленски да го промени донекаде неговиот план од десет точки за мир во Украина. А со кој, меѓу другото, се бара Русија да ги повлече војските на границата од 1991 година, да го врати Крим, да плаќа репарации, да има судења за воени злосторства...

ВНАТРЕШНА КОНКУРЕНЦИЈА“

И додека течат подготовките за собирите во Вилнус и во Париз, Русите имаат за решавање и свои домашни работи. Насловот од текстов не се однесува на волкот од приказната за него и за трите прасиња. Туку за Евгениј Пригожин, кој се чини станува волк – самотник. Волк кого сакаат да го прогонат, но тој не се дава така лесно. Пред еден месец овде пишував за него и се’ она што се случува околу него и неговата приватна воена компанија „Вагнер“, која со големи жртви успеа да го освои Бахмут, а што не можеше да го направи руската регуларна армија. Секако „музикантите“, како што ги викаат припадниците на „Вагнер“, имаа голема поддршка од руските вооружени сили, но и тука во минативе месеци имаше запалливи изјави. Кои зборуваа за судир меѓу Пригожин со министерот за одбра на Русија, Сегеј Шојгу и началникот на штабот Валериј Герасимов. Пригожин демантира дека во неговите критики цел е и врховниот командант, претседателот Владимир Путин, иако има набљудувачи на состојбите, кои така толкуваа некои изјави од Пригожин. Дека се навредливи и насочени кон Путин.

Тогаш напишав дека на прашањето зошто се случува ова, се даваат многу одговори. Во зависност од авторите. За едни постојат многу теории со различен степен на заговор. Дека ова е борба меѓу клановите за контрола над Министерството за одбрана на РФ и за правото да се освојуваат огромните парични текови за војната. За други дека станува збор за „лукав план на Путин“, кој на овој начин, наводно, се обидува да создаде „внатрешна конкуренција“ за да ги одржува генералите во добра форма. Има и други верзии. Која од нив е точна, сега е тешко да се процени, но има еден очигледен заклучок што произлегува од се' што се случува. Фактот дека војната во Украина станува фактор во внатрешната политичка борба, може да се претвори во важен проблем за Кремљ, што создава се’ поголем ризик од дестабилизација во Руската Федерација. И со оглед на вмешаноста на воените кругови во неа - и ризик од деморализација на армијата.

Работите до ден денес воопшто не се променети. Па дури имаше и заострување на реториката. И закани кон Пригожин. Но не од власта. Туку од некогашните партнери на Пригожин во критиките на руското Министерство за одбрана и генералите, чеченското крило. Соборците на Рамзан Кадиров, првиот човек на Чеченија, поттикнати од некои изјави на Пригожин го повикуваа на „дуел“. И Кадиров потврди дека разговарал со Пригожин, откако овој се искажа за учеството во војната во Украина на чеченскиот батаљон „Ахмат“. Пригожин го потврди разговорот и рече дека се договориле да „притиснат на кочниците“. Кадиров го укори Пригожин за критиката на военото раководство на Русија. Демек и тој неколку пати критикувал решенија на Министерството за одбрана, но подоцна сфатил „една едноставна работа: од висината на видното поле на врховниот командант(Путин), работите подобро се гледаат“. Кадиров забележа дека во војна „секогаш по нешто недостасува“ и оружје и муниција и дека „не е вистина“ дека Генералниот штаб и МО не им помагаат на војниците на фронтот. Тој „боцкајќи“ рече дека може да му зададе и други прашања на својот воен другар Пригожин. На пример, кој испорачува разни прехранбени производи за потребите на Министерството за одбрана од што остварува стабилни приходи? Ние ги знаме сите чувствителни детали на тој процес, изјави Кадиров. Станува збор за фактот дека Пригожин, „куварот на Путин“, е главен снабдувач со храна и прехранбени производи на целото Министерство за одбрана, што значи храна за касарни, за воени објекти, за илјадници луѓе...

НАРЕДБИ И ДЕКРЕТИ

Но не помина долго време, па Пригожин минатата недела , во вторникот, со иронија зборуваше за „успесите“ на МО во спречувањето на украинската контраофанзива. Во смисла дека според портпаролот на руското МО Украина веќе не може да се бори и треба да се очекува крај на „специјалната воена операција“. По тој повод Пригожин се потсмеваше и рече дека тој ќе оди во салон за тетовирање и како што на времето на делови од телото ги тетовирале Маркс, Енгелс и Ленин, тој ќе ги тетовира Шојгу, Герасимов и посебно портпаролот генерал Игор Кононашенков за „убавите вести“. Во истиот ден тој побара 200 илјади војници да ја сопре украинската контраофанзива за да не се изгубат веќе освоени територии. „Ми требаат 200 илјади луѓе на линијата на фронтот Луганск – Доњецк. Со помалку не може да се заврши работата. Подготвени сме да ја преземеме одговорноста“, рече Пригожин додавајќи дека проблем претставува само обезбедување на војските со оружје и муниција. Тој го повика Путин да објави општа мобилизација. И дека тоа треба да се работи под итно. Затоа што ќе бидат изгубени територии. А не е чудо Украинците да дојдат и до Мариупољ.

Капак на атаците врз Пригожин беше вчерашната наредба на министерот Шојгу за потпишување договори на МО со одредите на доброволците. Очигледно станува збор за ставање под една капа на сите воени формации. Иако се вели дека „потпишувањето на договорите ќе овозможи државните мерки за поддршка на војниците да се однесуваат и за нив и за нивните семејства и ќе се зголеми ефикасноста од примената на доброволните формации“.

Реакцијата на Пригожин не изостана. „Наредбите и декретите што ги потпишува Шојгу се однесуваат на соработници на МО и на војниците. Приватната воена компанија „Вагнер“ нема да потпишува никакви договори со Шојгу“, изјави Пригожин. Тој додава дека „Вагнер“ е дел од системот, вградена во него и своите дејства ги усогласува со генерали на теренот, командири на одделенија, а како резултат на тоа има големо искуство и е високо ефикасна структура. „За жал, таква ефикасност немаат мнозинството воени единци и токму поради тоа што Шојгу не може нормално да управува со воените формации. Сега, после оваа наредба може да се случи нам да не ни даваат оружје и муниција, но ќе се разбереме кога ќе „удри гром“, ќе дотрчаат и ќе ни донесат оружје и муниција со молба „помагајте““, изјави вчера Пригожин. Што се однесува до потчинетоста, според него, „Вагнер“ е потчинета на интересите на Русија и на врховниот командант, Путин. На теренот, според наредбите од Герасимов и Шојгу, воената компанија ги усогласува сите свои дејства и ги исполнува своите задачи, дадени од генералот на армија Сергеј Суровикин. За Пригожин генералот Суровикин е искусен и образован војсководец, па задачите што ги разработуваат заедно се исполнуваат ефикасно и со успех.

Што сака да каже Пригожин со фразата:„Сега, после оваа наредба може да се случи нам да не ни даваат оружје и муниција, но ќе се разбереме кога ќе „удри гром“, ќе дотрчаат и ќе ни донесат оружје и муниција со молба „помагајте““. Можеби МО намерно го става „Вагнер“ пред избор. Или ќе потпишете договор или нема. Ама тогаш ќе нема ни пари, ни оружје, ни муниција. Ова бидејќи „Вагнер“ не се финансира од џебот на Пригожин, туку од државна сметка. Во таков случај и „Вагнер“ ќе го нема на фронтот. Како избор ќе има Пригожин во таков случај. Еден е да му се оствари надежта дека ќе му викаат:„помагајте“, кога ситуацијата на фронтот ќе се влоши за руската војска. Втор избор е одење во Африка. А трет е она што тој го најави во една прилика околу навлегувањето на проукарински трупи во Русија, кај белгород. Тогаш Пригожин изјави дека ако не го повикаат да помогне, тогаш тој само ќе замине да ја брани границата.

КАВГА НА СУЕТИТЕ

Сето вакво однесување во време кога Украинците сериозно се зафатија со контраофанзивата, потпомогнати со сојузничка помош од стотици тенкови, авиони, оклопни транспортери, самоодни артилериски орудија, противракетни системи, дронови и тешка артилерија, и обучени во странство војници, не им дава простор на Русите за кавга на суетите. Од Пригожин изгледа кренаа раце и Герасимов и Шојгу, и некогашните негови воени другари од Чеченија, не се знае само каде е Путин во сето ова. И дворската камарила. И меѓу неа има приврзаници на Пригожин. Но и противници. Што може да го очекува Пригожин, осмаен и напуштен од сите, како волк прогонет од сите.

Внуката на Никита Хрушчов, некогашниот генсек на КПСС, НИна Хрушчова во текстот озаглавен „Нов Распутин во Русија“ става подзаглавие: „Првиот човек на групата што втерува страв, „Вагнер“, Евгениј Пригожин, го напаѓа военото раководство на Русија и предупредува дека обичните Руси, се’ повеќе разочарани од отсуството на напредок во војната во Украина, можат да кренат востание. Режимот на претседателот Владимир Путин е во реална опасност“. Податоците од некои истражувања покажуваат дека бројката на можни востаници е нешто над 20 проценти од испитаниците. Што и е, но и не е застрашувачка. Но ако се има предвид ставот на младиот Ленин кога на своите соборци им велел(парафразирам):„ Ние сме мала партија, но да молиме бога да се продлабочи кризата во империјата. Што подлабока криза, тоа подобро за нас“.Режимот на Путин, засега, може да биде спокоен, но се ќе зависи од развојот на настаните на фронтот. Пригожин, а пред некој ден и депутатот Константин Затулин јавно го поставуваат прашањето што стана со целите од „специјалната воена операција“? Нема ништо од „денацификацијата“, нема ништо од „демилитаризацијата“.Напротив, Украина во моментов можеби е највооружената земја во Европа. Што прави раководството. И веднаш го критикуваа, па дури имаат намера да го исклучат од думската фракција.

Пригожин цело време не го предизвикува Путин. Туку само генералитетот од МО. Во еден свој пост за состојбите на фронтот, зборуваше за некој „дедо“, многумина мислеа дека се работи за Путин, па стигна демант од Пригожин дека не мислел на претседателот. Вчерашната наредба на Шојгу за договори со доброволците, можеби е поттикната и од Путин. Но него го нема никаде да се искажи кога му ги критикуваат воените раководители. Тој не може да го скроти Пригожин, како што го скроти Кадиров, после критиките од него кон некои генерали и МО. А што зборува тоа? Можеби Путин донекаде се поистоветува со Пригожин. А можеби имаат нешто заедничко од времето во Санкт Петербург. Или пак мисли дека Пригожин ќе му биде верен до гроб. Сето ова зборува и за одредена слабост на врховниот командант. Наместо да излезе и да пресече тој како маша го користи Шојгу. А овој влече молчаливи потези или дава наредби на хартија. Но Пригожин не му останува должен во ниту една прилика. И тоа гласно го соопштува.

Се чини оттука и паралелата на Нина Хрушчова за Русија денес, со состојбите во империјата во 1917 година. „Пригожин е надор од системот, но му служи на системот. Во таа смисла тој многу потсетува на Григориј Распутин, „мистичниот монах“, кој се дружеше и изврши големо влијание врз последното императорско семејство во Русија, на Романови, до револуцијата во 1917 година. Во двата случаи на државата и недостигаше согласност, а одговорниот човек не демонстрираше потребно лидерство, дури и кога даваше наредби. Се појавија екстремни елементи, за да ја пополнат празнината, не обидувајќи се да погодат, што сака шефот, и тоа да го исполнат, туку се етаблираа себе си како сили на кои треба да се смета и сето тоа на фонот на народниот бес“, пишува Хрушчова. Таа укажува и на можноста Путин да се идентификува со Пригожин и да го цени придонесот на групата Вагнер во напорите да се уништи Украина. „Но, тој мора да разбере дека независноста, храброста и амбицијата на Пригожин го поткопуваат социјалниот мир, неопходен за опстанок на режимот. На Распутин му дојде ужасен крај откако беше цел на декадентна елита. Пригожин би можел да тргне по истиот пат“, порачува Хрушчова“.

Развојот на настаните на фронтот во наредниве недели, но и денови ќе покаже дали Пригожин ќе го викаат на помош или пак ќе го прогонат во Африка. А можеби некои сакаат и да биде убиен „ѕверот“, како што беше убиен и Распутин.

Мирќе Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина