Промоција на твининг проект за органско земјоделско производство
Објавено во: Агробизнис 06 Јуни, 2013
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и шефот на делегацијата на ЕУ амбасадорот Аиво Орав ќе се обратат на конференцијата по повод почетокот на твининг проектот финансиран од ЕУ „Органско земјоделско производство и заштита на квалитетот на земјоделските производи“.
Целта на проектот е да се придонесе за развој на земјоделството во земјата низ јакнење на институционалните и административните капацитети за имплементација на политиките во земјоделство и руралниот развој. Проектот, во чија реализација ќе учествуваат италијански експерти, воедно ќе ги поддржи реформите фокусирани на пазарот и развој на сектор во областа на органското земјоделско производство и политиката на заштита на националниот квалитет во согласност со ЕУ легислативата.
За време на проектот експертите ќе ги анализираат потребите на институциите и ќе се изврши избор на продукти кои би биле заштитени и регистрирани по основ на различни критериуми – економски аспекти, обем на продукција, маркетинг потенцијали, заштита на традиционални аспекти и заштита на биодиверзитетот.
Проектот, за чија реализација е предвиден буџет од околу 700 илјади евра, треба да биде имплементиран до мај 2014 година.