28 Април, 2024
0.0288

Преговори за Украина- блеф или сериозен приод во сенката на Кримскиот мост

Објавено во: Колумни 10 Октомври, 2022

Добивај вести на Viber

Роденденската „честитка“ од Украина до рускиот претседател Владимир Путин, уривањето на дел од Кримскиот мост, деновиве фрли во сенка изјави, кои, како да најавуваат дека има се повеќе стремежи за прекин на војната во Украина и почеток на преговори. Велиме како да најавуваат, бидејќи во политиката, особено во кризни ситуации не се знае што е блеф, а што сериозен приод. Но интензитетот на таквите изјави зборува дека сепак нешто се тркала по патот за преговори.

Во Индонезија на Бали на 15 и 16 ноември ќе се одржи самит на Г-20. Американскиот претседател, Џо Бајден, деновиве го прашаа дали ќе се сретне цо Путин на Самитот, а тој рече дека останува да се види. Средбата не ја исклучи. Во минатиов период кога стануваше збор за Г-20 Американците по секоја цена инсистираа на неа да не биде поканет Путин. Па најавуваа негово бојкотирање или пак недоаѓање на самитот. Мнозинството од земјите членки на Г-20 немаат воведено санкции против Русија и отсуството на Американците ќе се толкуваше како нивен дипломатски пораз. А таму на инсистирање на Запад треба да биде и Зеленски. Во минатото Американците тврдеа дека Русите не се подготвени за значајна дипломатија, па затоа тие не се ангажираат. Но, во моментов, постои зголемена загриженост за можноста од нуклеарен напад. „Зарем не мислите дека е одговорност на Соединетите Држави да иницираат дипломатија со Русија во вакво време?“, го прашаа државниот секретар Ентони Блинкен во петокот во Перу.

Ентони Блинкен, рече дека САД се подготвени за дипломатија со Русија за прашањето на украинскиот конфликт, доколку „Русија покаже такво настроение“. Но тој додаде дека рускиот лидер, Владимир Путин и Русија не демонстрираа апсолутно никаков  „стремеж кон дипломатија“. „Ние секогаш зборувавме, а и претседателот Владимир Зеленски,  дека на крајот се’ ќе биде решено по дипломатски пат. Ако, и кога Русија ќе покаже дека има некакви сериозни намери да се вклучат во дипломатија, ние ќе бидеме подготвени. Но, за жал, секој знак сега води во спротивна насока“, рече Блинкен.

ТУРЦИЈА ПОСРЕДНИК ВО ПРЕГОВОРИ

Нешто слично изјави вчера изјави и Џон Кирби, координаторот за стратешки комуникации во Советот за национална безбедност на Белата куќа. Според него  Сите сакаат оваа војна да заврши. И САД би сакале брзо завршување на војната во Украина преку дипломатски преговори, бидејќи таа трае предолго. Неопходно е двете страни да седнат и да се договорат, да најдат излез од ова на мирен и дипломатски начин. Во исто време, Кирби изјави дека Русија го спречува почетокот на преговорите и „не покажува никакви знаци на подготвеност да го стори тоа. „Ситуацијата е сосема спротивна“, вели Кирби искажувајќи го своето видување за настаните.

Очигледно е дека САД не сакаат да го поканат Путин на преговори. Тие поаѓаат од ставот дека Украина треба да каже кога е подготвена за преговори. Или пак Путин да му се јави на Бајден. Со оглед на тоа што ниту едниот ниту другиот нема да го направат тоа, во улога на посредник ќе се јавува Турција. Турски „Милиет“ пишува дека Турција планира да организира разговори меѓу Русија и четирите најголеми западни земји: САД, Франција, Германија и Велика Британија. „Во моментов Турција планира да стави четири големи западни земји на иста маса со Русија: САД, Франција, Германија и Англија. Овој план сè уште не е доставен до сите западни престолнини, но е пренесен во САД преку приватни канали. Првично за ова имаше „позитивни коментари“ во Вашингтон“, пишува весникот. „Нивното прашање е само дали е можно да се контактира со Русија за таков дијалог. Турција, која има акумулирано големо искуство во шатл-дипломатијата, недвосмислено одговара потврдно“, забележува авторот. Патем, Димитриј Песков, прес секретарот на Путин изјави дека Русија досега не добила предлог за преговори со земјите од Западот. Претходно и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, изјави дека воспоставувањето на „најлошиот мир“ во Украина би било подобро отколку „продолжување на војната“. Тој исто така истакна дека очекува да се сретне со Путин во следните три до четири дена. Целта на Турција е да се одбегне нуклеарна војна. Преговорите би можеле да се одржат во Истанбул. Се разбира доколку сите земји се согласат за средба.

Интересно е што повик за преговори доаѓа и од Романија, земја која се залага за потврди односи со Русија. Министерот за одбрана на Романија Василе Динку, во едно интервју, вели дека преговорите меѓу Русија и Запад се единствена шанса за завршување на војната во Украина. Преговорите со Москва треба да ги водат НАТО и САД. Би се разговарало за гаранции за безбедноста на Украина и за мир со Русија. Тој претпоставува дека Украина сама не може да се договори со Москва, бидејќи „украинската политичка класа“ во моментов не може врз себе да ја преземе одговорноста за „губење на територии, во крајна линија, неправедна загуба на територија“. Притоа Русија има ресурси да ги одолговлекува воените дејства. „Идеално би било да се дојде до преговори, дури тоа да значи и замрзнување на конфликтот. Преговорите, сеедно, ќе донесат повеќе полза од она што сега го имаме – уништување на човечки животи и имот“, изјави Динку.

ИЛОН МАСК И ЗЛАТНАТА РИПКА

И Доналд Трамп, поранешниот американски претседател, вели дека се потребни преговори меѓу Украина и Русија. „И сега имаме војна меѓу Русија и Украина со потенцијална смрт на стотици илјади луѓе. Ние треба да дојдеме до итни преговори за мирно завршување на војната или ќе завршиме со Трета светска војна“, изјави Трамп. Кон крајот на септември тој пројави желба да биде посредник и да придонесе во евентуални преговори меѓу Русија и Украина.

Но сметка без конобар не бива. Особено ако крчмарот му го чува грбот. Украина не сака преговори. Михаил Подољак, советник на шефот на Кабинетот на претседателот, се спротивстави на преговорите меѓу Русија и Западот и бара создавање на суд против Руската Федерација. „Помалку фантазија, повеќе реалност“, повика Подољак, поттикнат најверојатно од воените успеси на Украина во последно време. На 30 септември Владимир Путин ја повика Украина итно да ги прекине воените дејства и да се врати на масата за преговори. Одговорот на Зеленски беше дека може да се преговара со Москва, но не со Путин, туку со некој друг на негово место. Овде е интересен приодот на Илон Маск, кој во последниве денови излезе со идеи за решавање на воената криза во Украина и прашањето на Тајван. За што беше напаѓан од Украинскиот политички врв, иако со неговите сателити „Старлинк“ им овозможи непречена комуникација во услови на оштетени интернет врски. Илон Маск сакајќи да ја опише состојбата воопшто во светот искористи една народна приказна. Според неа, беден жител на едно село фатил златна рипка, која му ветила исполнување на било која желба. Селанецот долго размислувал за разни богатства, но рибата му рекла дека има еден услов. Се’ што тој ќе побара, ќе го добие и неговиот сосед, но двојно повеќе. Тогаш селанецот побарал да му го извадат едното око.  „Око за око ќе не остави сите слепи“, резимира Маск“.

Има најави дека Путин се стреми да склучи со Западот „нова голема зделка“. Така тврди турскиот советник на Ердоган, Ибрахим Калин во едно интервју. Можеби затоа Москва сака преговори. „Сметаме дека Путин сака да направи нова голема зделка со Западот. Таа, несомнено, делумно се однесува и на Украина. Но прашањето е поглобално – а тоа е нов договор на Русија со западниот свет“, смета Калин. Според него договорите меѓу Русија и Западот, според Путин, не ја одразуваат денешната руска реалност. Коментирајќи го решението на Зеленски да не води преговори со Русија се додека претседател е Путин, Калин вели дека е веројатно обновувањето на преговорите во определен момент во иднина. „Но прашање е кога ќе се случи тоа и колку штета ќе се нанесе дотогаш?“, забележа тој.

КОМПРОМИСИ НА МОСКВА ЗА УКРАИНА

Официјална Москва низ устата на Марија Захарова, прес секретар во руското МНР, се искажа за изјавата на државниот секретар Блинкен. „Јавните сигнали кои доаѓаат од американската администрација во последните денови во контекст на она што се случува во Украина, комбинираат провокативна милитантност и хаотични алузии на можноста за соодветен руско-американски дијалог. Државниот секретар Ентони Блинкен беше нејасен во овој поглед. Тој рече дека САД ќе бидат подготвени да одговорат доколку Москва покаже „било какви сериозни намери“. Во меѓувреме, пред неколку недели, тој категорично ја негираше самата можност да се бара дипломатско решение. Сепак, главната работа се вистинските чекори што ги преземаат Американците и нивните сателити. И тие радикално се спротивни на наметнатата реторика, која тврди дека е мирољубива. Снабдувањето со оружје на режимот на Зеленски се зголемува, бројот на западните платеници и инструктори расте директно „на теренот“, Соединетите Држави навлегуваат се подлабоко и подлабоко во повеќеслојната поддршка на своите клиенти во Киев. И тоа на фонот на лудите повици на Владимир Зеленски до неговите господари да извршат превентивен нуклеарен напад врз Русија. Ваквата неодговорна демагогија, очигледно, почнува да ги плаши дури и оние кои бараат „да ги поразат Русите на бојното поле“. Оттука, очигледно, произлегува „шантрањето“ на тимот на Џо Бајден, кој и самиот го негуваше злото, изгледа, дури не размислувајќи за катастрофалните, а најважно за себе, последиците“, рече Захарова.

Членот на Советот за меѓунационални односи при рускиот претседател, Богдан Беспаљко, смета дека западните земји би можеле да ги искористат можните преговори во Истанбул за да ја принудат Москва да се согласи со редица компромиси за Украина. Според него, преговорите можат да бидат инспирирани од стравот дека Русија може да се „концентрира“, во смисла на целосна мобилизација, обновена опрема и замена на воениот персонал.  „После тоа ситуацијата на фронтот ќе се промени, но не во полза на Украина. И преговорите ќе имаат друг карактер. Можеби затоа сега сите тие земји брзаат да го зацврстат успехот. Т.е. да ја принудат Русија да се согласи со некакви отстапки и компромиси“, вели Беспаљко.

МЕДВЕДЕВ: УНИШТУВАЊЕ НА ТЕРОРИСТИТЕ

Сите погоре кажани намери и стравувања можеби нема да значат ништо по денешниот ден, за кога е закажана седница на Советот за безбедност на Русија. Путин можеби ќе „одговори“ на „ честитката“ од почетокот на текстов. Ситуацијата од ден во ден ескалира. По уривањето на дел од Кримскиот мост Русија ги засили бомбардирањата. За Путин мостот беше „витален инфраструктурен објект“. Сега кога , според него, Украинците со терористички акт го оштетија тој објект, не треба да изненади ако Русите почнат да уништуваат граѓанска инфраструктура. Кримскиот мост да биде само повод, Нешто како што правеше Западот при бомбардирањето на СР Југославија. Но сега од поголеми размери. И што е поопасно - на прагот на зимата. Кога стотици населени места можат да останат без струја, греење, комуникации. А од друга страна Украинците атакуваат на повеќе места. И, како што им посочи Пентагон, да се обидат да го ослободат југот на земјата до почетокот на зимата. Димитриј Медведев, заменик претседателот на Советот за безбедност на Русија, синоќа во едно интервју, рече дека нема сомневања за тоа кој го урнал делот од мостот. „Сите извештаи и заклучоци се направени. Одговорот на Русија на тоа злосторство може да биде само директно уништување на терористите. Онака, како што тоа е прифатено во светот. Токму тоа го очекуваат граѓаните на Русија“, рече Медвдев.

По ова тешко дека може да се зборува за почеток на некакви преговори. Ниту пак за прекин на воените дејства од што се плаши Украина. Во таков случај може да дојде до замрзнување на конфликтот. Што би и одговарало на Русија. Вчера Бајден и канцеларот на Германија Олаф Шолц разговараа, но освен безбедносна, политичка и економска поддршка на Украина, енергетиката, продолжување на санкциите против Русија, ниту збор за некакви преговори. Се подготвувале за самитите на Г-7 и Г-20. Надвор од темава, а можеби е поврзано и со неа, предизвикува внимание дека разговарале за Западен Балкан! Во соопштението од Белиот дом се вели:„...тие ги разгледаа напорите насочени кон зацврстување на регионалната стабилност и процутот на Западен Балкан“.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД