ПИШУВАЛА АНТИВОЕНИ ГРАФИТИ: Руска тинејџерка е осудена на 3.5 години затвор
Објавено во: Свет 26 Април, 2024
Тинејџерка во Русија e осудена на 3,5 години затвор поради антивоени графити и објави на социјални мрежи.
Тинејџерката од сибирскиот град Чита, Љубов Лизунова (17) е осудена на 3,5 години, соопшти денеска рускиот суд. Ученичката e приведена заедно со Александар Снежков (19) и Владислав Вишневски (23) во октомври 2022 година, неколку месеци откако Русија ја нападна Украина.
Лизунова, која се опишува себеси како анархистка, тогаш имала 15 години, пишува „Москва тајмс“. Тие првично беа обвинети дека ја испишале фразата „Смрт за режимот!“ на вратата од гаражата, а подоцна и дека почнале канали против војната и правата на животните на апликацијата за пораки – Телеграм.
Лизунова и Снежков се вклучени во регистарот на терористи и екстремисти на Државниот финансиски надзорник Росфинмониторинг, кој им овозможува на властите да ги замрзнат нивните сметки без судски налог.
Судот на првиот источен воен гарнизон денеска соопшти дека ја прогласил Лизунова за виновна по две обвиненија за поттикнување тероризам и екстремизам. Таа е осудена на три години и шест месеци малолетнички притвор и тригодишна забрана за користење интернет. Руските медиуми пишуваат дека ова е прв пат малолетник да биде осуден за антивоени ставови. Руската инвазија на Украина почна на 24 февруари 2022 година, а луѓето кои се против војната се соочуваат со судење. Луѓе со критички ставови доживеаја мистериозна смрт.