01 Ноември, 2024
0.0289

Парк Чунг Хи

Објавено во: Колумни 25 Јуни, 2013

Добивај вести на Viber

Денес се уапсени скоро сите поголеми бизнисмени во државата. Апсењето го избегнаа само оние кои случајно се затекнаа во странство, или оние на кои им беше дошепнато дека се подготвува големото апсење. За среќа (или за жал) ова не се случува во Македонија во јуни 2013. Се работи за  Јужна Кореја, непосредно после државниот удар кој на 16 мај 1961 го изврши војната хунта на генералот Парк Чунг Хи. Многу автори го третирале овој државен удар од различни политички, општествени и воени аспекти, но и не е мал бројот на економисти кои потрошиле многу време на анализа од економски аспект. (Една од последните која можеби е најблиска со актуелните случувањата во екс-југословенските држви е онаа на Катиќ, па во најголем дел би го парафразирале него). Во периодот кој претходеше на државниот удар, Јужна Кореја беше во економски смисол пропадната држава, на самиот раб на глад и социјална безнадеж, држава без самопочитување, заглавена во корупција и некомпетентност на политичарите и државната администрација. Една од првите мерки на војната хунта беше сеопфатно чистење и разбивање на коруптивниот сојуз помеѓу бизнисот и политиката. Процесот започна со апсење на кремот на бизнис елитата (51 тајкун или олигарх, како милувате) под обвинение за нелегално богатење. Нивниот престој во затвор не траеше долго, само неколку недели, и веќе на 30 јуни сите се пуштени - под еден услов. Сите потпишаа договор со државата во кој се обврзаа дека целиот имот ќе и го дадат на државата доколку некогаш тоа биде потребно за нацинална обнова. Иста таква изјава потпишаа и олигарсите кои на различен начин се затекнале во странство. При тоа, мора да се напомене дека заканата со конфискација и национализација на имотот служеше пред се како моќна дисциплинска и контролна мерка. (Катиќ, 2013). Корејските тајкуни (се до војниот удар) своето богатство и моќ ги граделе во бизнисите со државата, таму каде што државата може арбитрарно да дава и скратува, поклонува или продава под цена, да мести тендери и сл. Тајкуните се занимавале со градежништво и недвижнини, финансии и трговија. Произведувале само по нешто кое не изискувало високо технолошко ниво, а и тоа само за домашниот пазар. Тие ништо не извезувале, и никаде не се сретнувале со странската конкуренција. (Секоја сличност пред се со новокапиталистите креирани кај нас во периодот од 2006 наваму, кои неможат да произведат ниту игла, а произведуваат вагони богатство за себе, е случајна) Генералот Парк преку ноќ ги промени правилата на игра и направи стратешки економски договор кој почиваше на стап и морков. Ако сакаат да останат на слобода и да си го сочуваат имотот, тајкуните мораат да станат индустријалци, мораат да станат извозници, значи својата претприемачка дарба треба да ја стават во служба на државата, на нејзиниот економски развој и стратешки економски интереси. Нивното богатство тогаш нема да му смета никому. Напротив, државата со своите мерки агресивно ќе го стимулира нивното јакнење и богатење. Во времето на Парк, Јужна Кореја ги определи стратешките гранки кои сака да ги развие, а своите тајкуни ги присили да бидат носители на тој развој. Со тој чин започна молневито брза индустријализација на Ј. Кореја и фантастичен економски раст кој не дојде преку ноќ. Еден столб на тоја фантастичен успех беше способната, внимателно бирана администрација во која владееше скоро војничка дисциплина. Државниот апарат е темелно претресен и на крајот на тој процес на чистење, по разни основи се отпуштени 240.000 луѓе, или скоро една шестина од вработените во администрацијата. Тоа овозможи квалитетот на државната управа силно да напредне. Вториот столб беа локалните тајкуни. Така, од 1961 па до денес, од економски пропадната земја, Јужна Кореја прерасна во индустриска и економска велесила. Оваа кратка приказна стара повеќе од пет децении, не учи дека олигарсите се секаде слични и дека секогаш одат по линијата на лесна заработувачка, доколку тоа им се овозможи. Карактерот, менталитетот и етиката на локалните тајкуни не се разликува премногу од држава во држава. Она што ја прави разликата е различниот карактер на политичките и државните елити, нивниот квалитет и капацитет да управуваат со развојот, да ја стимулирааат и усмеруваат својата бизнис елита. (Катиќ, 2013). На крајот оставам на вас драги читатели да направите анализа за тоа како нашите политички елити во овие 22 години се однесувале со својата бизнис елита. Притоа само ќе потсетам дека Црвенковски до последен ден неможеше (а во принцип и не се обидуваше) да објасни зошто со приватизацијата се создаде „олигархија“ која никогаш не покажа желба, а истовремено и никој не ја насочуваше кон тоа, таа сериозно да работи на индустријализација и раст на македонската економија. Груевски веќе осма година јава пропагандистички на оваа мантра, при тоа смислено работи само на т.н. нова прераспределба на капиталот при што создава нова, а понекогаш и старонова „олигархија“, која се разликува од претходната само по тоа што побрзо се богати и е далеку побескрупулозна во својот поход. Имаме 22 години зад нас во кои политичките елити уживаат во создавање на свои бизнис империи кои најчесто на крајот им пресудуваат на своите создавачи, но граѓаните на Македонија стануват се посиромашни. П.С. Ако 400 километри до некоја плажа во Грција можете да ги извозите побрзо и на крајот да се чувствувате понеуморно, отколку 170 километри до Охрид, тогаш најпрво треба да се срами оној кој во последниве 7 години е вмровски пратеник од Охрид. Поврзано со она погоре, ако некој поданички ги бранел и гласал проектите кој му ги нудел шефот Груевски, а кои во основа биле тршење на буџетски пари за непродуктивен кичерај кој е најпогоден за реализација на корупцијата со која се создава „новата олигархија“, и при тоа не се заложил да се вложува во патната инфраструктура до Охрид, тогаш таквиот е беден соучесник во коруптивната креација и воедно свесно ги праќа оние 23.000 Македонци далеку од неговиот град. Кире Наумов
 

Можеби ќе ве интересира

БРИКС мировна – наместо антизападна

БРИКС мировна – наместо антизападна