Новите биогасни централи во Македонија ќе заработуваат 8 милиони евра годишно?
Објавено во: Економија 10 Мај, 2024
Околу 8 милиони евра вкупно од премиум тарифи може на годишно ниво да наплатуваат новите биогасни централи за производство на електрична енергија кои започнаа со работа на рајот на минатата, односно на почетокот на оваа година.
Струја од органски отпад веќе прават трите биогасни централи во Градско на Вардар Био Процес, чија сопственост е поврзана со бизнисмените Минчо Јорданов и Никола Деребанов преку земјоделскиот комбинат АД Вардар Градско, како и таа на Био Ентерпрајс во Сарамзалино на бизнисмените Кочо Анѓушев, Петар Колевски и браќата Петар и Спасе Спасески.
Вардар Био Процес има три централи за кои се очекува годишно секоја од нив да произведува близу 9 милиони киловатчасови електрична енергија, додека таа на Био Ентерпрајс треба да издејствува повеќе од 16 милиони киловатчасови . Овие проекции на производство веќе се објавени во регистарот на Агенцијата за енергетика и службено од Регулаторната комисија за енергетика.
Сумата доаѓа од тоа што за овие две компании, како и за сите останати биогасни централи доколку ги има во иднина, да биде 0,18 евроценти по киловатчас. Повластената тарифа е највисока за биогасните централи од сите видови на обновливи извори на енергија и ја плаќаме од сметките за струја како енергија која ЕВН како универзален снабдувач е должен да ја преземе.
Според тоа, излегува дека Вардар Био Процес теоретски би можел да наплати повеќе од 4,5 милиони евра годишно, додека Био Ентерпрајс треба да дојде до сума од 3 милиони евра во 2024 во првата година од своето работење
Според регистарот, Вардар Био Процес ги пуштил во погон централите последователно во јуни, јули и октомври лани, додека Био Ентерпрајс тоа го направил во ноември 2023. Конечните лиценци за работа двете друштва ги добиле по одреден период од започнувањето со работа.
Според издадените лиценци, централата од Сарамзалино треба да започне да наплаќа повластена тарифа од почетокот на годината, додека трите од Градско веќе имаа делумно приход за краткиот период на работа минатата година од вкупно 70 милиони денари.
А.К.