01 Ноември, 2024
0.0259

НA СТОЛБОТ НА СРАМОТ

Објавено во: Колумни 31 Јули, 2013

Добивај вести на Viber

Столбот на срамот некогаш претставуваше еден од основните облици на казнување. Овој вид на казна се состоеше во тоа што виновникот се врзуваше за столб на некој од градските плоштади и стануваше предмет на подбивање, исмејување и други облици на стигматизирање. Доколку виновникот се товареше за потешко дело, тој беше камшикуван, каменуван, гаѓан со овошје и сл. Стоењето на столбот на срамот обично траеше по неколку часа.

Во 13-от век столбот на срамот се користеше како облик за казнување на оние лица кои сториле дела против честа и моралот. По извршувањето на казната, виновникот го губеше угледот и статусот во својата средина. Тоа лице повеќе не можеше да учествува во општествениот живот.

За разлика од средниот век, денес столбот на срамот има метафорично значење. Виновниците кои извршиле дела против честа и моралот не ги каменуваат, туку ги изложуваат на сериозен репутациски ризик. Такви времиња дојдоа...

Неодамна владата на Хрватска предложи измени во Законот за данок на добивка. Меѓу другото, измените предвидуваат јавно објавување на имињата на оние работодавачи кои три месеци не им исплатиле плата на работниците. Значи, тие работодавачи ќе се најдат на „столбот на срамот“, па се очекува тоа да доведе до одредени промени во нивниот начин на работа.

Во нашата земја „столбови на срамот“ има на секој чекор. Некои се ставени на тој „столб“ оправдано, други таму се нашле поради нашиот „рекла – казала“ менталитет и потребата „да му цркне козата на комшијата“. Некои се недопирливи, па ни средновековниот столб на срамот не помага, а камо ли овој денешниот со метафорично значење.

Следејќи го примерот на Хрватска, си го поставив прашањето дали можеби и некои од нашите работодавачи треба да се најдат на „столбот на срамот“. По кратко размислување, самиот дојдов до негативен одговор. Некој друг многу повеќе заслужува да се најде на тој „столб“ од оние работодавачи кои не исплаќаат плата или на други начини им го загорчуваат животот на работниците. Еве зошто.

На почетокот на минатата година во нашата земја стапи на сила Законот за минимална плата. Можеби се сеќавате на сите оние дискусии од страна на работодавачите дека минималната плата за дел од нив ќе значи затворање на бизнисот или отпуштање на работници, затоа што ќе работат под прагот на рентабилност. Неодамна прочитав дека ниеден работодавач не е казнет за непочитување на овој закон. Тоа значи дека сите работодавачи се во можност да ја исплаќаат минималната плата на сите свои вработени. Нема затворање на бизнисот, нема масовни отпуштања, нема лелекања поради прагот на рентабилност. Многу интересно. Или финансиската состојба на работодавачите значително се подобрила во изминатата година и пол колку што е на сила Законот, или тие „се снашле“ на друг начин. Како и да е, сите се среќни и задоволни. „Најсреќни“ се работниците кои, барем на хартија, имаат гарантирана минимална плата.

Во јуни оваа година се донесе Законот за заштита од мобинг. Постојат закони кои убаво изгледаат на хартија, а изостанува нивната имплементација. Ама овој Закон уште со самото донесување има повеќе недостатоци. Посебно иритира одредбата посредникот за заштита од мобинг да го избира работодавачот. Ако тој посредник кој треба да ги застапува правата на работниците – жртви на мобинг е избран од страна на работодавачот, не е тешко да се претпостави „за кого ќе навива“. Не дека работодавачот не може да стане жртва на мобинг извршен од страна на неговите вработени, ама таквите ситуации се исклучително ретки. Многу почесто работниците се жртва и ним и е потребна заштита. Ама ете, благодарение на генијалната идеја посредникот за заштита од мобинг да биде избран од страна на работодавачот, најголем дел од мобираните работници се доведени во ситуација „кадија те тужи – кадија те суди“.

Не, драги мои читатели, нема да прашам зошто на ваквите појави не реагираат претставниците на работниците. Оние исти претставници за кои секој месец Ви одбиваат од платата во вид на синдикална членарина. Премногу е од нив да очекувате такво нешто. Политиката на „ној со главата во песок“ сеуште дава резултати. За тие што ја спроведуваат таа политика, се разбира.

И сосема за крај, работодавачите во Република Македонија, и покрај се,  навистина не заслужуваат да се најдат на „столбот на срамот“. Некој друг треба многу повеќе да се засрами.

д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

БРИКС мировна – наместо антизападна

БРИКС мировна – наместо антизападна