03 Мај, 2024
0.0272

Лебедова песна за Пригожин

Објавено во: Колумни 26 Јуни, 2023

Добивај вести на Viber

„Оркестарот Вагнер“ за 24 часа му ја отсвири лебедовата песна на својот газда Евгениј Пригожин. Некои медиуми пишуваат дека финалето на настапот на „Оркестарот Вагнер“ било не помалку неочекувано од неговиот почеток. За едно деноноќие тие кренаа бунт, влегоа во Ростов на Дон и го напуштија. Од „полезна алатка“, Пригожин за два месеца стана извор на проблеми за Русија, но и лично за претседателот Владимир Путин. Човекот кој го создаде и му даде се’ на „ситен крадец“  за да стане „проблем над проблемите“. До тој степен за да ја загрози внатрешната стабилност на Русија, да ја загрози „специјалната воена операција“ во Украина и да ја загрози повеќе од дводецениската власт на Путин.

Да се направи такво нешто за неполни два месеца не е лесно. Војната во Украина и учеството во неа на „Оркестарот Вагнер“, беше само почва врз која Пригожин требаше да продолжи да работи за и натаму да ги заслужи големите воени тендери, коишто го доведоа да стане еден од побогатите луѓе во Русија, миленик на „дворот“. Исто онака, како што работеше во Африка, на Блискиот Исток, каде што неговата приватна армија ги поддржуваше лидерите на одделни земји во нивната борба со противниците. А за возврат на Пригожин му даваа рудници и други природни богатства. Тој стана бизнисмен. И наместо да го тера бизнисот, се занесе дека може да биде и војсководец.

Низ медиумите можат да се сретнат десетици фотографии на Пригожин во воена униформа и опрема. Често наведнат над штапски карти, чиниш тој е главен стратег, а професионалците околу него и творци на стратегиите, ученици подредени на неговите воени „знаења и умеења“. Некои луѓе што го познаваат велат дека заболел од „бонапаризам“.

Се чини последиците од таа„болест“ кулминираа деновиве. А огнот тлееше со месеци. Тој околу битката за Артјомовск(Бахмут) постојано кукаше дека Министерството за одбрана не му дава доволно оружје и муниција. Па се закануваше дека ќе го напушти фронтот. А од друга страна Украинците нагласуваа дека не можат да кренат глава од количеството муниција што го трошат припадниците на приватната воена компанија „Вагнер“. Пригожин ги критикуваше министерот Сергеј Шојгу и началникот на генералштабот Валериј Герасимов. Но откако нивните позиции се зацврстија тој во своите обраќања индиректно ги повикуваше руските војници да се побунат против командата. „Во оваа безумна војна, единствениот светец и апсолутно невин во сите про*бувања е рускиот војник, кого го оставија на немилост на судбината и решија дека тој треба да умре,  како што сакаат од нивните кабинети од  махагони. И затоа, кога овој руски војник ќе разбере што се случува наоколу, ќе ја крене главата, уверен сум,  ќе сфати кој го подметнува и ќе го искине задникот...на виновните во таа трагедија, во која него го фрлија“, велеше Пригожин. Веќе стануваше збор за реторика која може да биде запаллива. Реторика која и одговараше на Украина во поглед на деморализација на руската армија во предвечерието на најавената украинска контраофанзива.

ВНАТРЕШНИ НЕПРИЈАТЕЛИ

Заканите дека ќе го напушти фронтот кај Артјомовск и нападите врз воените офицери за Кремљ беа поминување на сите „црвени линии“. Па оттаму се заканија дека тоа ќе биде прекинато од страна на војската. Еден од изворите на опозициониот руски медиум „Медуза“ од Кремљ укажа дека Пригожин сега не дејствува во „заеднички интерес“ со руската власт, форсирајќи го својот проект – Бахмут(Артјомовск). „Тоа е негов личен проект за да може да влијае врз Министерството за одбрана, за „Вагнер“ да стане победничка сила“, смета соговорникот на „Медуза“.

Изјавите на Пригожин се „крајно опасни“, рече во мај еден од водечките руски националисти, критичар на Путин и на начинот на водењето на војната во Украина и бивш „министер за одбрана“ на Доњецката Народна Република Игор Стрелков - Гиркин. „Јавната полемика меѓу Пригожин и молчаливото Министерство за одбрана, тоа се противречности исфрлени надвор од внатрешноста на владејачкиот клан, веќе почна борбата за живот после Путин. Внатре во власта се одвиваат нам неизвесни, но многу опасни процеси – процеси на распад на путинскиот систем, кој што се создаваше 20 години. Изјавите на Пригожин се крајно опасни“, изјави Гиркин. Тој во мај сметаше дека отстранувањето на Путин сега би значело „уривање на Руската Федерација“. Според негово тогашно мислење очигледно било дека Пригожин ќе оди во политика. Па затоа му се потребни внатрешни непријатели. Особено, кога работите со надворешниот непријател, не му одат како што посакува.

Кон средината на месецов Пригожин кој замина од фронтот во своите бази се јави со нови барања. „Ми требаат 200 илјади луѓе на линијата на фронтот Луганск – Доњецк. Со помалку не може да се заврши работата. Подготвени сме да ја преземеме одговорноста“, рече Пригожин, додавајќи дека проблем претставува само обезбедување на војските со оружје и муниција. Тој го повика Путин да објави општа мобилизација. И дека тоа треба да се работи под итно. Затоа што ќе бидат изгубени територии. А не е чудо Украинците да дојдат и до Мариупољ. Но наместо одговор од руското МО стигна наредба потпишана од Шојгу за потпишување договори на МО со одредите на доброволците. Станува збор за ставање под една капа на сите воени формации. Иако се вели дека „потпишувањето на договорите ќе овозможи државните мерки за поддршка на војниците да се однесуваат и за нив и за нивните семејства и ќе се зголеми ефикасноста од примената на доброволните формации“.

ПОДГОТОВКА ЗА ВОЕН БУНТ

Реакцијата на Пригожин не изостана. „Наредбите и декретите што ги потпишува Шојгу се однесуваат на соработници на МО и на војниците. Приватната воена компанија „Вагнер“ нема да потпишува никакви договори со Шојгу“, изјави Пригожин. Очигледно МО намерно го става „Вагнер“ пред избор. Или ќе потпишете договор или нема. Ама тогаш ќе нема ни пари, ни оружје, ни муниција. Ова, бидејќи „Вагнер“ не се финансира од џебот на Пригожин, туку од државна сметка. Во таков случај и „Вагнер“ ќе го нема на фронтот. Каков избор ќе има Пригожин во таков случај? Еден е да му се оствари надежта дека ќе му викаат:„помагајте“, кога ситуацијата на фронтот ќе се влоши за руската војска. Втор избор е одење во Африка. А трет е она што тој го најави во една прилика околу навлегувањето на проукраински трупи во Русија, кај Белгород. Тогаш Пригожин изјави дека ако не го повикаат да помогне, тогаш тој само ќе замине да ја брани границата.

Вo мај имаше една интересна анализа од украинскиот портал Strana.news. Таму уште тогаш беше спомената можноста од воен бунт на Пригожин и неговата воена компанија. Повод за анализата беше најавата на Пригожин дека ќе го напушти фронтот. Односно позициите кај Артјомовск. Дека ќе им ги предаде на војските на МО, а наемниците ќе одат да ги „лижат раните“. Се разбира сето тоа проследено со критики врз Шојгу и Герасимов и за недостигот на оружје.

Меѓу повеќето верзии на однесувањето и изјавите на Пригожин, една вели дека „станува збор за личен став на Пригожин кој решил дека неговото влијание и значење за Русија е толку големо, што тој може да си дозволи себе си отворено да  притисне и неговите барања ќе бидат исполнети од Кремљ. Конечно, тоа може да биде и подготовка на Пригожин за воен бунт и обид за преземање на власта во Русија. Можеби во согласност со Украина и Западот. Забележливо е што  претставниците на Украина , посебно, првиот човек на военото разузнавање , Буданов, во поледно време, уверено изјавуваа дека веќе годинава ќе има големи успеси на фронтот. Иако нема никакви воени претпоставки за тоа(Украина нема бројна предност  над руската армија, ни предност во оружјето). Меѓутоа, ако во Русија почне бунт(како во 1917 година) тогаш секако  во блиска иднина многу се реални распад на руската армија и разорување на Русија во Украина“.Во анализата се додава дека „се ќе зависи од натамошниот развој на настаните. Ако властите успеат брзо да го потиснат „бунтот на Пригожин“ или да применат силни аргументи кон него за тој да ги повлече неговите зборови, изјавувајќи дека „проблемот е решен“, тогаш ситуацијата нема да има значително влијание врз текот на настаните на фронтот. Ако јавниот конфликт понатаму се развие, тогаш последиците за Руската Федерација можат да бидат многу посериозни“.

За работите да станат покомплицирани, веќе пишувавме, за тоа се потруди „Вашингтон пост“ со едно интервју на претседателот на Украина Владимир Зеленски, а во кое се споменува и Пригожин. Набргу по публикувањето во мрежите е забележано дека од интервјуто „исчезнал“ еден фрагмент. И токму оној во кој што новинарот вели дека военото разузнавање на Украина контактира со Пригожин, па дури се водени разговори меѓу разузнавачи од Украина и соработници на Пригожин во Африка. Исто така дека украинското разузнавање му кажало на Пригожин дека од страна на Русите ќе  биде објавено дека е предавник, кој што работи за Украина. Зеленски беше раздразнет поради ова и  ги обвини новинарите дека „работат за Русија“. Одговорот на новинарите беше дека не сакаат  да и „помогнат на Русија“, туку дека таква информација има во документите што протекоа од Пентагон. Коментарот на Пригожин за овие документи беше во негов стил, изјавувајќи дека тој „се’ уште е во Африка со Кирил Буданов, првиот човек на украинското разузнавање “. Во Москва тогаш и до ден денес се’ уште нема реакции на овие искажувања, но нема да изостанат.

МАРШ НА СПРАВЕДЛИВОСТ

Наскоро ќе се откријат многу работи. Повлекувањето на „Вагнер“ од позициите на фронтот, и замена со армиски единици, за да можат „вагнеровци“ да си ги „лижат раните“, веројатно не беше случајно решение на руското МО. Пригожин се покажа на периферијата на настаните. Украинската контраофанзива наиде на силен отпор од страна на руските единици. И покрај тврдењата на Пригожин дека Украинците за кратко време ќе ги вратат териториите. Кај Бахмут Украинците тврдат дека ќе ги повратат изгубените позиции.  Но факт е дека бунтот на Пригожин ќе го засили воениот настрој на украинските сили. Со тоа секако ќе ја загрози и „специјалната воена операција“. Контраофанзивата можеби ќе се засили. А тоа значи и нови крвави борби.

А се’ почна со изјавата на Пригожин за наводни напади врз неговите сили од страна на руската армија. „Овие ѓубриња извршија ракетни напади врз нашите логори во позадината. Огромен број наши борци загинаа. Ние ќе одлучиме како ќе одговориме на ова злосторство. Следниот чекор е наш“, предупреди Пригожин. Тој всушност го најави почетокот на воениот бунт во Русија. Тој изјави дека советот на командантите на Вагнер одлучил да го запре военото раководство на Русија и рече дека ќе ги уништи сите што ќе се појават на неговиот пат. Тој го изјави ова, но се сепна, па веднаш ретерираше. Па наместо „уништување на сите што ќе му се јават на патот“, најави „марш на справедливост“. Но возот веќе замина.

Уште во петокот навечер од Федералната служба за безбедност реагираа и го обвинија Пригожин за бунт. Во саботата се јави со петминутно обраќање и претседателот Путин. Тој дејствијата на бунтовниците ги нарече криминална авантура, удар во грбот на Русија и предавство, кон кое довеле преголемите амбиции и лични интереси. Сите тие кои тргнале по патот на предавство, уцена и терористички методи,  неминовно ќе бидат казнети, вооружените сили на Русија добија неопходни наредби, додаде Путин.

Попладнето во саботата од прес - службата на белорускиот претседател Александар Лукашенко соопштија дека тој имал разговори со Пригожин, а како резултат постигнат е договор за „ недозволивост за разврзување крвава војна на територијата на Русија“. Пригожин го прифатил  предлогот на Лукашенко за прекинување на движењето на вооружени сили од „Вагнер“ на руската територија и за натамошни чекори за деескалација на напнатоста. Во  врска со тоа од Кремљ соопштија дека борците од „Вагнер“ кои учествувале во настаните нема да бидат гонети. Оние кои што сакаат можат да потпишат договор со руското МО. Лукашенко и Путин се договориле за посредништво на иницијатвива на белоруското претседателство. Најважна цел била да се спречи крвопролевање и внатрешни конфронтации. Пригожин може да оди во Белорусија и се прекинува кривичното дело за бунт. Ситуацијата нема да влијае врз „Специјалната воена операција“, се дава голем отпор на контраофанзивата. Инаку, според некои извори, од Кремљ сакале да преговараат со Пригожин, тој сакал да преговара со Путин, но овој го „откачил“, па Пригожин се согласил за преговори со Лукашенко.

ПОГОЛЕМО КРВОПРОЛЕВАЊЕ

Вечерта на 24 јуни Пригожин, откако виде дека нема ништо од неговите најави дека ќе му се приклучи „пола армија“, дека никој не го сопира на патот кон Москва, но и дека никој не му се приклучува,  изјави дека неговите наемници застанати на двестотини километри од Москва, „ според планот тргнуваат обратно во логорите“. Причината за своето решение Пригожин ја објасни со тоа дека „сега настапи моментот кога може да се пролее крв“. Но сите знаат дека тоа беше лажна формулација. Зашто за еден ден бунт, според некои извори, загинаа 13 руски пилоти, урнати беа неколку хеликоптери и еден товарен авион. Загуби кои што во еден ден Русија ги немала за цело време на војната во Украина. 

Реакциите во светот на бунтот во Русија беа различни, но најмногу на Запад, на пример, се интересира со судбината на нуклеарното оружје. Американците очекувале поголемо крвопролевање, и не така брзо прекинување на бунтот. Во САД утре треба да бидат обнародени нови санкции против Пригожин и „Вагнер“. Ќе биде интересно да се види дали ќе ги има и какви. Украинците беа разочарани од прекинот на бунтот на Пригожин. Но се острат за контраофанзивата, иако предупредуваат да нема брзи и големи очекувања.  Блиските земји на Русија и дадоа поддршка, прва Турција, па Иран, па Кина и други. Судбината на Пригожин на многумина им е загатка. И ситуацијата воопшто. Американците  очекуваат таа да се разјасни за неколку денови. За Пригожин некои сметаат дека нема да биде безбеден ни во Белорусија. Зашто Путин најмногу од се’ мрази предавство. А тоа го има кажано и во едно интервју. Во Москва новинарите - пропагандисти веќе тврдат дека гаранциите на Пригожин за Белорусија не му ги дал Путин, туку Лукашенко.

Дали е загрозена власта на Путин? Засега не е. Но сигурно е ослабена. Тоа некои го гледаат во фактот што наместо него штафетната палка во преговорите ја држеше цврсто Лукашенко. Факт е дека се води борба зад кулисите меѓу политичката елита, но и меѓу бизнис елитата. Опкружувањето на Путин. Идната година треба да има претседателски избори, па Путин мора да ја зацврсти и вертикалата во власта. Има предупредувања од опозицијата, од офицерскиот корпус во оставка, или тој да се однесува како врховен командант или да ја предаде власта, по законски пат, на други. Може да се очекуваат кадровски промени во армијата. Но не како последица на барањата на Пригожин. Ќе се види тоа наскоро по тоа како се одвива украинската контраофанзива. 

А Пригожин? Најверојатно ќе ја напушти Русија, а можеби и Белорусија. Ќе оди во Африка, каде што има и негови сили, а и големи бизниси. Нема да чуди, ако дојде и до распад на „Вагнер“, онаков како што е сега. Пригожин имаше голема политича поддршка за воените операции надвор од Русија. Во Русија полека, но сигурно ќе му ги затвораат бизнисите. Барем додека е Путин на власт. Епилогот од бунтот зборува дека станува збор за лоша проценка. Дали негова или на некои негови куратори, но човекот извиси. Најголем дел од Русите беа рамнодушни кон него и неговиот бунт. Но и кон потезите на власта. Оние во Ростов што му аплаудираа кога заминуваше го поздравуваа повеќе што заминува, отколку што го поддржуваа. Дента кога влегоа во Ростов дури имаше сцени каде неговите трупи ги обвинуваа за создавање хаос во градот. Тоа е. Лебедовата песна за Пригожин е отсвирена. Се додека власта не создаде некој нов Пригожин.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина