Добивај вести на Viber
пишува
Кире Наумов
Сапунската серија околу тоа дали Русија се смилувала да им потпише на кумашините еден крак од Јужниот поток, станува крајно досадна и воедно понижувачка за цела држава. Тоа што првиот и вториот човек на Македонската влада решиле да ја „свиткаат кичмата“ накај исток, и при тоа неможат ниту да стигнат тој ритуал да го изведат пред Путин туку коленичат пред некои руски бирократи од шесто ниво, е мазохистички избор на нив двајцата. Бидејќи кај нас никој не сака да се занимава со анализи дали некој потег е корисен или не за нашата држава, а режимската новинарска машинерија единствено пренесува готови текстови подготвени во владеачката партија и министерствата, нам ни останува да видиме како другите го третираат проектот Јужен поток. Во принцип, овој проект онака како што замислен и поставен, засекогаш ќе ја дели политичката судбина на Путин и пред се економскиот опстанок на неговиот Гаспром. Од таа причина, пред да ги извозиме со панорамски автобус и да организираме дочек на Груевски и Ставревски на плоштадот доколку некогаш стварно го потпишат договорот за Јужен поток, не е лошо да видиме што напиша Фајненшел тајмс за положбата и судбината на руската државна мегакомпанија Гаспром.
Во овој обемен аналитички текст се изнесени интригантни тези дека Гаспром „ја губи својата сила“ и дека после годините на големиот напредок, тој станува „стагнирачка компанија“ затоа што минатата година, првпат во последните десет години забележа пад на профитот од 9,5 отсто. Дека Европската Комисија спроведува обемна истрага за наводните монополски злоупотреби на фирмите на Гаспром во ЕУ. Дека постепено „слабее неговата пазарна преговарачка позиција во Европа“, па мора да ја напушти индексацијата на цената на гасот поврзана со нафтата (тоа веќе го чини 3,2 милијарди долари годишно) и формулата за наплата „полно за празно“ според долгорочните договори (загубата по овој основ е 900 милони долари, плус неизвесната наплата од Украина во вредност од дополнителни 7 милијарди долари). Значи дека Гаспром е принуден да се соочи со стабилна и можна долгорочна тенденција на пад на цената на гасот и да прифати поврзување на цената на природниот гас со движењето на цената на „спот пазарите на гас“. Понатаму во анализата се вели дека „неговиот кеш оди во инвестици кои не носат пари“, односно дека многу вложува во гасни полиња, а при тоа не може да го зголеми производство на природен гас кое е во пад. Дека пазарната капитализација на Гаспром од 2008 (кога првиот човек на компанијата Алексеј Милер прогнозираше дека во догледно време ќе достигне трилион долари) од 250 милијарди долари падна на 90 милијарди долари. Дека Гаспром неподготвено ја дочека „неконвенционалната треска“ (експлозија од понуда на неконвенционален гас од САД и Канада), па е принуден да се откаже од експлоатацијата на огромните гасни наоѓалишта Стокман во Баренцовото море („го оставаме тоа на идните генерации“ соопштено е во Москва). Дека Гаспром неубедливо објасни зошто пред некој месец го напушти тендерот за купување на грчката гасна дистрибуција, иако единствен ја откупи тендерската документација ( и најверојатно така таа мрежа му ја препушти на Азербејџан, па отвара можност за поврзување на неговите наоѓалишта, преку Турција и Грција, со пазарот со Италија). Дека во самата Русија, Гаспром ја губи монополската позиција па се очекува Росњефт и Новотек до 2020 да превземат околу 20 отсто од домицилната испорака на гас. И конечно ( и најважно за нас) дека со проектот мегагасовод – Јужен тек, кој ќе го чини околу 21 милијарди долари (без Македонија), Гаспром го нарушува правилото дека новите гасоводи се исплатливи само ако водат кон нови пазари.
Во овој текст на Фајненшел се наведуваат и некои противаргументи на ова погоре, а во корист на Гаспром. Па така, се вели дека во Европа, дури и според конзервативните процени, во наредните десет години се очекува пораст на годишната потрошувачка на природен гас за 110 милијарди кубика (пред се поради гасењето на електраните на јаглен) што е блиску до денешната годишна испорака на гас од Русија на европскиот пазар. Дека падот на потрошувачката на гас во Европа од 8 отсто во 2011 и 10 отсто во 2012 година е последица на минлива европска рецесија. Дека и покрај минатогодишниот пад на профитот на Гаспром од 37 милијарди долари и понатаму се работи за висина на профит кој е респектибилен во светски размери. Дека драстичниот пад на пазарната капитализација на Гаспром е последица на падот на сите светски, а пред се на руските хартии од вредност за три четвртини во текот на 2009 година. И конечно, дека Гаспром и понатаму останува главен финансиски столб на кој се потпира Путин и неговото владеење, затоа што создава 8 одсто од БДП на Русија и полни 20 одсто од неговиот државен буџет. ( Бојаров, 2013).
Како и да е, повнимателното следење на економската моќ на Гаспром, може да ни открие многу за иднината на Јужен поток. Но не само тоа. Доколку евентуално „издише“ Гаспром, тоа понатаму сигурно ќе значи и почеток на крајот на владеењето на Путин, а двете заедно ќе му ја запечатат судбина на Јужен поток иста како онаа на нашата пруга кон Бугарија.
Кире Наумов