01 Ноември, 2024
0.0253

Како Скопје 2014 го уништи квалитетот на јавните финансии?

Објавено во: Колумни 16 Ноември, 2012

Добивај вести на Viber

пишува Џевдет Хајредини Во извештаите на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за последните три години се изнесуваат крајно лоши оценки за квалитетот на јавните финансии. Во Извештајот за 2010 година се констатира дека „квалитетот на јавните финансии се влоши“. Со други зборови ова значи дека во 2010 година состојбата на јавните финансии станала полоша во споредба со 2009 година. Во Извештајот за 2011 се вели дека „квалитетот на јавните финансии не се подобри значително“, додека во Извештајот за 2012 год. се изнесува дека „буџетското планирање и управувањето со јавните расходи значително се влошија и квалитетот на јавното трошење остана слаб“. Не е за чудење што надлежните од Владата на Република Македонија овие оценки намерно ги премолчуваат. Меѓутоа, изненадува фактот што и стручната јавност и опозицијата, се чини, недоволно ги анализира и потенцира овие важни и точни оценки. Не е јасно од кои причини извештајот за оваа година во целина се смета за најдобар досега. За јавните финансии очигледно оваа констатација не треба да важи и министерот за финансии не само што нема причина да биде задоволен туку треба да се замисли дали и натаму да остане на таа функција. Три години со ред да се влоши квалитетот на јавните финансии и планирањето и управувањето со јавните расходи значително да се влошат, а најодговорниот за тоа и натаму да остане на иста функција може да се случува само кај нас. Сите можеме да бидеме задоволни ако Извештајот е најдобар досега (ако стварно е така), освен министерот за финансии и премиерот на Владата. Сега, се поставува прашањето, како може некој да очекува позитивна оценка за планирањето и управувањето со јавните расходи, ако Владата на државата со најголем број невработени, со најголем број сиромашни и несреќни граѓани, за проектот „Скопје 2014“, за кратко време да троши не 80, колку што јавноста се обидува да ја убеди премиерот, туку можеби не помалку од десет пати повеќе милиони евра, пари на овие сиромашни граѓани. А, бидејќи парите во буџетите од овие години целосно не се обезбедени, Владата не ги плаќа обврските кон изведувачите на работите во рокови утврдени со договор, туку премиерот, како лош и моќен должник, на немоќните и уценети доверители им ветува дека обврските ќе ги изврши ве некој нареден период, од пари за кои ќе се задолжи кај странски банки, кои имале голема доверба во владите што ќе дојдат после сегашната. А кои банки немаат доверба во владите?Ако доверба во Владата имаат и домашните банки, многу повеќе би инвестирале во откуп на државни обврзници, отколку да одобруваат кредити на приватните компании. Упорното криење на податоците за долговите на буџетот спрема приватните компании и буџетските корисници е колку апсурден толку смешен изговор дека состојбата се менува секој ден, е сосема јасен индикатор дека долгот е многу поголем отколку што може да се претпоставува. Владата може да го крие податокот за височината на јавниот долг дури и од пратениците, но не може да ги крие последиците што ги предизвикува овој долг во стопанството во вид на голема неликвидност кај компаниите. Компаниите кои не можат да ги наплатат своите побарувања од буџетот, вклучувајќи го и повратот на ДДВ-то, не се во можност да ги измират своите обврски спрема добавувачите, банките и платите на работниците. Од друга страна компаниите не можат да добијат кредит од банка, ако имаат стасани а неплатени ануитети од претходно користените кредити. Нема сомнение дека една од главните причини за влошениот квалитет на јавното трошење е финансирањето на проектот „Скопје 2014“. Проектот „Скопје 2014“ освен што предизвикува крупни економски последици, ќе има и повеќе политички реперкусии. Со него се прави  етничка, територијална и генерациска дискриминација. Етничка, затоа што објектите повеќе се врзани со афирмацијата на македонската историја и уметничката и културната традиција. Територијална, затоа што објектите се градат само на потесното подрачје на Скопје, кое не е поголемо од половина квадратен километар, додека парите во буџетот ги плаќаат сите граѓани на Македонија, и тие од Тетово, Гостивар, Битола, Струмица, Куманово итн. Генерациска, зашто економскиот товар го носи една генерација и тоа во време на најголема сиромаштија и невработеност. Небулозно е тврдењето дека во иднина ќе се остварат приходи од туризмот, домашен и странски, што ќе се оствари со посета на објектите. Во Атина и Рим туристите од целиот свет не одат да ги видат делата на современите  грчки и италијански автори, колку и да се тие познати, туку уметничкото наследство од античкиот период. Впрочем, за да ги демантира скептиците, градот Скопје нека ги објави податоците за остварените приходи од туризмот во изминатиот период откако се изградија сите поважни споменици. Друга тема е уметничката вредност на делата и реномето на авторите на проектот „Скопје 2014“. Џевдет Хајредини авторот е економски аналитичар и поранешен Mинистер за финансии

Можеби ќе ве интересира

БРИКС мировна – наместо антизападна

БРИКС мировна – наместо антизападна