Добивај вести на Viber
И шестиот шпански автономен регион најави дека ќе побара финансиска помош од спасувачкиот фонд, формиран од централната влада, јавува агенцијата АФП. На Канарските острови им е потребна помош од 756,8 милиони евра.
Иако областа е една од најмалку задолжените, сепак тие добиваат и најмали финансии од државата, појаснува портпаролот на регионалното министерство за економија. Тој потсети дека Канарските острови, кои се популарна туристичка дестинација, добиваат за 802 милиони евра помалку од останатите шпански области.
Кон крајот на јуни Канарските Острови имаа долг од 9,3% од бруто домашниот производ, покажуваат податоците на шпанската централна банка. Тие се областите со вториот најнизок долг по Мадрид.
Пред Канарските Острови, помош од спасувачкиот фонд на шпанската држава,кој беше донесен во септември, побараа и Каталонија, Валенсија, Андалузија, Кастилја Ла Манча и Мурсија. Вкупната сума помош која ја побараа овие региони изнесува над 16 милијарди евра, но Владата уверува дека спасоносниот фонд ќе располага со 18 милијарди евра.