03 Мај, 2024
0.0261

ВКУПНИОТ БРОЈ НА ВРАБОТЕНИ ВО ИГРИТЕ НА СРЕЌА Е КОЛКУ БРОЈОТ НА ЖИТЕЛИ ВО ДВЕ ОПШТИНИ ВО ИСТОЧНА МАКЕДОНИЈА

Објавено во: Колумни 01 Јули, 2023

Добивај вести на Viber

Што ме мотивираше да ја напишам колумната? Читајќи ги вестите од економијата може да се заклучи дека последиците од глобалната економска криза предизвикана од војната во Украина допрва ќе се чувствуваат. Податоците од едно свежо истражување на перцепциите покажуваат дека инфлацијата, зголемувањето на цените најмногу ги погодило граѓаните во остварувањето на основните животни потреби. Покачувањето на цените на храната, струјата, горивата, лековите и здравствените услуги сериозно ја отежнува живеачката. Од 30 јуни нема повеќе да важи ограничувањето на трговските маржи на основните прехрамбени производи. Дали повторно ќе интервенира државата ќе зависи од светските берзански цени. Деновиве е актуелна и дебатата за потенцијалот од можно зголемување на цените на струјата заради зголемен ДДВ заради барањата на енергетските компании за зголемување на цените на струјата. Најавата за издавање граѓански обврзници со повисоки камати од депозитите потврдува дека на државата и се неопходни нови финансиски приливи. После вакви вести природно е да се наметне дилемата дали државните институции се однесуваат соодветно со најревносните плаќачи на даноци и други давачки со кои се полни државниот Буџет? Имено, да бидам директен, кому му во оди во прилог постојано да креира правно-финансиска несигурност во индустријата на игри на среќа, која и за време на ковид пандемијата и во овој период на драматични финансиски турбуленции не отпушти ниту еден вработен и со својата корпоративна општествена одговорност е силен партнер на државата. Само од годишните приходи од игрите на среќа секоја година во различни општини во Северна Македонија може да се градат десетици најмодерни градинки, училишта, болници и спортски комплекси.

Без разлика дали некому му се допаѓа или не, неспорен факт е дека игрите на среќа се сериозен двигател за македонската економија и најголем работодавач во приватниот сектор. Целата индустрија игри на среќа годишно приходува 280 милиони евра во државниот Буџет, што ако ја земеме буџетската проекција на Министерството за финансии за 2023 година, тогаш овие приходи зафаќаат 6 проценти Буџетските планирани приходи.

Индустријата игри на среќа е една од најбрзо растечките економски гранки во светот. Северна Македонија не е исклучок од ваквите трендови. Вкрстувањето на повеќе економски податоци укажува дека во приватниот сектор апсолутен лидер по бројот на вработени се компаниите кои организираат и приредуваат игри на среќа во казина, автомат клубови и обложувалници. Фактите потврдуваат дека во сите форми на приредувачи на игри на среќа се вработени речиси 10 илјади луѓе, индиректно се подржуваат меѓу 54 и 100 илјади други работни места од дејности кои остваруваат профит токму благодарение на игрите на среќа. За илустрација, бројката на вработени во игрите на среќа е еквивалентен на вкупниот број на жители во Берово и Пехчево, два цели општини во источна Македонија. Статистички погледнато овие бројки упатуваат на заклучокот дека сметано со број на членови во едно просечно семејство во државата може да се каже дека без малку 200 илјади луѓе имаат директен или индиректен бенефит од индустријата игри на среќа. Не смее да занемарува податокот дека работодавците во автомат клубовите и казината исплаќаат плати за вработените и придонеси од работен однос, со двојни дневници за работа во недела, празници, ноќен труд и работење во смени бидејќи работното време е 24 часа, 7 дена во неделата.

Групацијата Новоматик која е светски гигант во игрите на среќа е присутна на македонскиот пазар веќе 17 години и досега има инвестирано 124 милиони евра и дополнително е во процес на тековни инвестиции во вредност од 30 милиони евра. Странските инвеститори во индустријата игри на среќа кои доаѓаат од Република Австрија, Казино Фламинго во Скопје и Гевгелија, автомат клубовите Адмирал, Астра и Апекс, вкупно имаат вработено 2100 луѓе, што е повеќе од Џонсон Мети Македонија, па дури и од нафтениот гигант Макпетрол. Во оваа индустрија работат високо профилирани кадри кои поминуваат врвни обуки и сериозно се инвестира во нивната професионална надградба што ги прави конкурентни на пазарот на работна сила во ЕУ и светски рамки. Со долгорочните договори за закуп на деловни простории за автомат клубови директно се остварува позитивно влијание и во пазарот со недвижности.  Преку многубројни донации во јавното здравство, образовниот сектор, хуманитарни и донаторски активности, спонзорства на домашните спортски клубови и поединечни спортисти овие компании манифестираат висок степен на општествена одговорност . Доволно е само да се спомене дека за време на ковид пандемијата Казино Фламинго хотелот во Гевгелија беше отстапен за карантин, а целата Групација Новоматик Македонија донираше болнички кревети и други медицински средства во јавното здравство во висина од 200 илјади евра. Истовремено, постојаните маркетиншки кампањи се значителна поддршка за македонските медиуми.

Секоја Влада треба особено внимание да посвети на овој економски сектор и да прифати дека секоја интервенција во неговата регулација треба да биде резултат на сеопфатна дебата, ослободена од популизам, преку која ќе се изнајде заедничко прифатливо решение. Евентуалните радикални промени ќе доведат до застрашувачки економски последици.

Горан Стоименов, претставник на АПИС (Асоцијација на приредувачи на игри на среќа)


Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

Пр објава


Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина