04 Мај, 2024
5.0717

ГЕРМАНИЈА И ИЗРАЕЛ - МОДЕЛИ ЗА ОПТИМИЗАМ КАЈ МАКЕДОНЦИТЕ

Објавено во: Колумни 14 Јуни, 2023

Добивај вести на Viber

Иселувањето на младите (па и на сите други, повозрасни) надвор од државата. Ова е една тема – веќе широко застапена во јавноста, изминативе години, за жал. На почетокот на мај, се вратив од САД и така, вообичаено си водиме со татко ми долги дебати, констатирав дека речиси целата блиска фамилија од негова и од страна на мајка ми, е надвор. САД, ЕУ и Австралија. Со трајно живеалиште. Си велам, само ние, останавме да „изгинеме“ за целите, тука... Ако се присетам на мојата генерација, од средношколските денови, состојбите се слични. Тажно.

Денес, пак, трендовите се драстично засилени во насока на иселување и тука нема да има можност за брза промена. Но, ајде да се обидам да направам една паралела со моделите на Израел и Германија, во контекст на темата.

Како што знаеме, во минатиот век, Израел поминуваше еден бурен воен период од околу седумдесет години. Оттука, логично, последиците за државата од таквата состојба би требало да бидат - голема сиромаштија и уништена економија. Но, дали е така? Имено, како резултат од праксата на војување, Израел конструира една од најсилните армии во светот, како и една од највлијателните воено-разузнавачки служби. Ако се погледнат бројките од приходите на воената индустрија, денес, во 2023-тата, состојбите, за нивните компании се перфектни. Имаат значајно зголемени приходи, за жал, како последица од војната во Украина. Државата Израел, практично, самата си обезбедува високи 75 отсто од вкупните потреби за прехрана на домашното население и располага со највисоко ниво на знаења и иновации, во таа насока.

Друг податок, кој, треба да се спомене, а во насока на ваквата дискусија е високата стапка на раст и развој на индивидуата преку еволуцијата на моралот во нацијата, како и во континуитет, одржување на висока стапка на духовност, до ниво на беспрекорна силина на духот, и тоа кај секој поединец во системот. Резултатот на ова, во секој поглед, е силно изразената либералност (читај: во поглед на геј популација, користење на канабис и сл.) како карактеристика на поединецот во текот на животот, но Евреинот пред сѐ, како и семејството. Таму, силно се негува традицијата - секој „Шабат“ (петок и сабота) не се работи и мора да се биде со семејството преку споделување на заедничка храна. Да бидам прецизен – семејство од маж, жена и деца. Често, таму, знаат да речат: „Состојбата на мултиетничност, мултикултурност и мултирелигиозност е подарок од универзумот, која, треба да се стави во функција на економскиот развој“.

Сега, ако се навратиме на горчливата тема од писанието на почетокот - иселувањето на младите и македонските семејства, паралелата со израелските искуства во контекст на дијаспората, може да послужи како добар пример за нас. Имено, еве во што е нивната мудрост.

Како што споменав и погоре, Евреите, се нација која е во континуирана војна речиси цело време. Оттука, ако нацијата е во континуирана војна, тоа подразбира дека преовладува состојба на нестабилност (животна и финансиска). За таа цел, за единките во системот да имаат прогрес и успех, единствен начин кој им преостанува, е вложувањето во знаење, поточно, вложувања во умствен и духовен развој. За таа цел, во светот, пред 2.000 години, Евреите го започнуваат силниот развој на занаетчиството и трговијата. Многу едноставно, ако сте Евреин, наследно и на прво место е да вложувате во знаети (знаење) кои носат приходи неопходни за опстанок или т.н. егзистенционални занаети. Во минатото, каде и да живееле на земјината топка, Евреите пребегнуваќи од местото на жариштето (војната), со себе ги носеле стекнатите вредности (знаењата) и занаетите. Логично на ова, каде и да се наоѓаат, во било која држава, надвор од Израел, тие успеваат на многу побрз и поефективен начин, во споредба со сите останати нации.

Денес, во македонското општество, сите сме согласни дека младите заминуваат или мнозинството од нив имаат размисли да заминат од нашата држава. Причините за тоа, сме ги дебатирале често. Оттука, сум на мисла дека има неколку начини како, тоа да се превенира. Еден, од таквите начини за превенција е содржан во примерот на еврејската врска со дијаспората.Имено, тие, ја негуваат една од најсилните врски помеѓу жителите Евреи во државата Израел и сите останати Евреи во дијаспората. Поточно, таа поврзаност со матицата - земја, тоа чувство на патриотизам, современ - да се вложи во државата Израел, е засилено со негување на максимата: „Да се биде секогаш тука, во Израел, да се враќаат парите од надвор, под мотото: каде и да сме физички по светот, духовно обединети сме најсилни“.

Според ова, едноставно е да се даде одговор на прашањето: Во што се состои евидентната разлика на Македонците и Евреите, како нација?

Одговорот е лесен: во менталниот склоп. Меѓусебната омраза, внатре, прави толку голем јаз, кај Македонците, што изгледа како непремостлив. Додека, пак, кај Евреите таков јаз не постои. Да бидам појасен - ние, го мразиме секој оној што е успешен; Мразиме се што е минато во општествено-политичкиот живот; Се што е македонска традиција и обичаи, за голем дел од нас е „сељачизам“; За најголем дел од работите имаме различен став; Немаме кауза која ќе не држи во синергетско јадро; како и најважно – Ние немаме стратегија за долгорочен развој на нацијата... Со еден збор - ние сме оштетени во духот и немаме систем на вредности. Од другата страна, опстојува големо количество на празен „PR“ без дела, во сите сфери. Но, како и да е, сметам дека еврејската врска со дијаспората е одлична паралела за превенција на нацијата.

Во насока на ова, мора да се погледнат состојбите објективно и без емоција. Денес, трендовите на глобализацијата, доведоа до полесен начин на алокација на македонските младинци, особено преку олеснетиот начин на трансфер на студенти и знаења во глобални рамки. Исто така, развојот на авионскиот сообраќај, особено оној ниско-буџетниот придонесе за брз трансфер на младите лица и лесна достапност на светските метрополи и силните универзитетски центри, надополнет со кредит-трансфер системите. Овие процеси се силни, а ние нема да може да ги сопреме. Затоа, сум на мисла дека во иднина, најважно е да се прави вистинска длабинска анализа, за тоа, колкав број од нашите млади ќе се задржат со трајно живеалиште во странство, а колкав процент од нив ќе се врати назад во татковината. Но, внимавајте, таа улога на мотиватор ја има Државата. Имено, таа ќе ги привлече младите образовани лица, од надвор, само, и само, ако продолжи, засилено да привлекува меѓународни компании, тука, или да привлекува сериозни инвеститори од дијаспората. Секако, таа, мора да стимулира и мотивира отворање на странски установи во образованието, преку кои, ќе се внесуваат престижни професори и ќе се прави ЕУ мрежа за младите.

Германска влада и македонските граѓани

Како што беше ветено, така, владата на Германија врши промена на законите во контекст на германското државјанство и миграциите. Со тоа, новата стратегија „Германија 2021-2025“ е позиционирана во напорите да се направи радикална промена на политиките за миграција и интеграција или ако милувате со други зборови, тоа е стратегија на Германија за трансформација во модерна доселеничка земја. Ова, на некој начин може да се разбере како ветување на владата во Германија, кое, дозволува двојно државјанство за доселениците Македонци со забрзување и поедноставување на барањата за дозволата за престој и работа. Оттука, сум на мисла дека оваа мерка на владата има добра и лоша страна. Ајде прво лошата: многумина млади ќе станат дел од нашата дијаспора. Додека, пак, добрата е: внесување на германскиот менталитет во македонсото општество, како и брз трансфер на знаење и инвестиции, тука. Во насока на тоа, се поставува следново прашање: Што е мотивот за ваквата драстична промена во рестриктивната политика на новите власти во Германија?

Одговорот е содржан во извештајот на германскиот институт за истражување на пазарот на трудот, каде може да се види дека на Германија, очајно и требаат работници. Имено, во студијата, покрај другото се наведува дека на земјата и се потребни близу половина милион работници годишно за да успеат да одржат постојан број на луѓе вработени на пазарот на трудот. Практично, поради намалениот наталитет од една, и одржливиот раст на економијата од друга страна (кој бара нови работници), во Германија за 13 години ќе има намалување на работниците за 3 милиони лица (од сегашните 47 на 44 милиони).

Оттука, ако се потпираме на оваа анализа, пак, може да гледаме оптимистично. Како?

Од 2025 година, натака, во наредните 10 години, германската економија ќе продолжи да расте силно, повторно. Од друга страна, ние како македонска економија нема да може да одиме со повеќе од 2 до 3 отсто раст, во наредните 10 години, а тоа е мал раст за драстични промени, згора на тоа, ако сѐ уште сме заглавени во историските проблеми со соседите и преовладуваат нестабилни состојби, тогаш, сум на мисла да ја смениме државната стратегија во согласност со стратегијата „Германија 2035“. Имено, тоа подразбира дека треба да лобираме кај германската влада и стопанствениците, таму, недостатокот на работници и квалификуван кадар во износ од 400.000 лица на годишно ниво, да го бараат со трансфер на бизнисите, тука, во македонската економија. За таа цел, потребна е силна ВЕРБА и консензус од политиката, дури и тогаш кога процесите се обратни, неповолни за нас (читај: се иселуваат нашите граѓани во тамошниот систем). Логично, денес, како што ни се поставени работите, преовладуваат состојби на неповолни процеси, поточно, процеси во насока на иселување на македонските граѓани во Германија. Со новата политика на тамошните власти, тоа ќе доведе до експанзија. Се поставува и друго прашање: Што да се прави во такви неповолни околности?

Одговорот лежи во „мудроста на Израел“. Не случајно, сум запишал неколку пати дека тие ја негуваат една од најсилните врски помеѓу жителите Евреи во државата Израел и сите останати Евреи во дијаспората. Повторувам, еврејската врска со дијаспората е основата на многу успеси на државата Израел.

Заклучок: за да го придвижиме, барем за малку напред, процесот за вистинска врска со македонската дијаспора (по примерот на Израел) потребно е, првенствено ние, тука дома, како поединци, драстично да го промениме пристапот едни кон други. Тука, мислам на интраетничките односи. Мултиетничките односи се добри. Имено, нашите сограѓани Албаници, како најсилен етникум, после Македонците, ги уживаат и се стекнаа со супер права како малцинство, сиве овие изминати години во македонската независна држава. И тоа е добро. Резултатот од таквата состојба кај нив, е изразен, денес, во поддршката, од нивна страна, барема така изгледа, во процесите да се обединиме, сега ние, Македонците. Ајде да се обидеме. Барем за малку, барем за нешто важно, а тоа е членството во ЕУ, 2030. За таа цел, сите, денес, треба да изгубиме по нешто, а за возврат да добиеме поголема вредност за Државата, утре. Чувството дека сме се обединиле за нешто, ќе биде прв чекор кон мирисот на победа. Нам, на Македонците, не ни недостига пораз, нам не ни недостига ново искушение, нам ни недостига чувство на победа. Само така ќе почнеме да растеме во духот. Да се присетиме, дали и кога сме биле сплотени? За жал, само тогаш, кога славевме пласман на фудбалерите на ЕУ шампионатот, кога се радуваме на РК Вардар (прв во ЕУ), кога бевме 4-ти во кошарка во ЕУ... не помнам друга сплотеност, како овие. Како ли ќе беше да имавме еден Новак и Никола Јокиќ, се прашувам? Затоа, нам, ни требаат победи, и тоа секакви. Спортски, мали, големи, политички... За порази и искушенија, веќе доста искусивме. Ете, нека членството во „ЕУ-2030“ биде една најголема ПОБЕДА.

Еден од највлијателните воени стратези на сите времиња, војсководецот Сун-цу, рекол: „Генералот кој напредува без желба за слава и кој се повлекува без страв од срам, кој само размислува како да ја заштити неговата земја и добро да му служи на владетелот, тој е вистинско богатство за кралството.“

проф. д-р Синиша Наумоски,

Претседател на Академски совет во АБИТ и контролинг професор на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје 


Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина