„ГЕРМАНИЈА Е ПОБЛИСКУ ОТКОЛКУ ШТО МИСЛИМЕ“ - директорката на Германската стопанска комора со порака до младите во Македонија
Објавено во: Економија 11 Април, 2024
Како и секогаш, Германската стопанска комора ги споделува со овдешните медиуми најбитните информации и согледувања за македонската бизнис околина.
Антје Ванделт, директор на АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските стопански комори во странство, сподели впечатоци од посетата на новинарите на германската компанија „Маркарт“.
„Како АХК Северна Македонија веќе 24 години ги набљудуваме потребите и предизвиците во стопанството и на германските инвеститори во земјата.
Еден од актуелните предизвици со кој се соочува Северна Македонија е задржувањето на младите кадри, како и нивната мотивација да стапат на локалниот пазар на труд.
Со цел да ги покажеме атрактивните услови за работа и можностите за професионален развој во германските компании во Северна Македонија, минатата недела ги поканивме претставниците на македонските медиуми со цел лично да добијат впечаток како изгледа еден работен ден во компанија која е германски инвеститор.
Нашата цел е да ја пренесеме пораката до јавноста, а особено младите кои се подготвуваат за пазарот на трудот, како и на нивните родители, да им ја пренесеме пораката дека и локално може да се работи по високи стандарди и притоа да се има перспектива за кариерен развој во Северна Македонија.
Маркарт Македонија е една од 15-те компании партнери на АХК Северна Македонија во програмата за дуално стручно образование по германски терк.
Маркарт Македонија е традиционална германска семејна компанија која веќе една деценија успешно ја пишува својата приказна во Велес.
Компанијата моментално вработува 830 луѓе и произведува најсовремени електронски компоненти за врвни брендови во автомобилската индустрија.
Компанијата произведува ултра модерни компоненти за врвни брендови на автомобили, производството е на највисоко технолошко ниво и во голема мера роботизирано.
Сите бевме длабоко импресионирани од сето она што го видовме при оваа посета.
Би сакала да се заблагодарам на компанијата Маркарт Македонија, која беше одличен домаќин и не пречека со ширум отворени врати.
Заминавме со впечатокот дека не мора да се отселите во Германија за да работите во германска компанија со најсовремени стандарди“, се вели во нејзината порака.
Фото: Германска порака