01 Ноември, 2024
0.0256

ФАКТОР СМРТ

Објавено во: Колумни 30 Ноември, 2012

Добивај вести на Viber

Сте биле ли скоро на погреб? Тажно нели. Насобрани роднини и пријатели тажат за блискиот, попот пее, мирис на свеќи и темјан меѓу вечните живеалишта на стотици мртви на гробиштата. Најтажни се спомените за убавите моменти кои сте ги имале со личноста која починала, но и неминовното прашање, кој е следниот? Такви се последниве неколку месеци на македонската берза - како да сте на погреб. Тажно, претажно. Акциите умираа една по една, и дури да се свестите, вашето портфолио потонало уште некој процент. Тажни се цените на акциите на македонската берза, два метра под земја или мерено преку индексот 83% подолу од врвот во 2007-ма. Умрен е интересот на инвеститорите, умреа и некои компании кои се тргуваа во 2007-ма, умреа и скоро половина од брокерските куќи преку кои можеше да се тргува во 2008-ма, скоро да е умрена надежта дека ќе влеземе во НАТО и ЕУ и дека странците повторно ќе дојдат на берзата. Но може ли смртта да биде факторот кој ќе ја победи смртта? Минатонеделните случувања со акцијата на хотелот Континентал покажаа дека може. Мртвата акција одеднаш оживеа и порасна 700-800%. Причина? Смртта на едниот од газдите, и несоодветното однесување на неговата наследничка. Резултат? Тепачка за акции, одамна невидена на оваа мала берза. Она што е интересно за нас како набљудувачи и мали акционери е дали нешто слично може да се очекува кај други компании во кои владеат постари менаџери, кои ниту делат дивиденда, ниту откупуваат сопствени акции, ниту моментално се цел на преземање, па нивните акции ги рушеа дната секојдневно оваа есен, се додека не се најдоа некои интересенти да ги одбијат купувајки ги. Има ли аналогија со акцијата на Унибанка на пример, која ете пред неполн месец беше 200 денари, за да порасне цели 150% и сега е 500 денари? Дали нешто ќе се случува? Дали треба да заборавиме на сите коефициенти, анализи на бизнисите, да заборавиме на добрите дивидендни акции и да се посветиме на акции каде смртта може да ги смени односите меѓу акционерите и да предизвика војна, прегрупирање или продажба на целата компанија? Иако самата идеја е морбидна, да се потсетиме и на старата поговорка: треба  некому да се стемни, за некому да му се раздени. Впрочем, а што направиле некои стари менаџери за нас малите акционери, па сега да имаме скрупули и да не ја искористиме шансата, ако постои? Мнозинството менаџери ги користат фирмите на македонската берза кои ги управуваат само за своја лична корист, сосема спротивно од начелата за добро корпоративно управување и работење како добар стопанственик во полза на сите акционери(секоја чест на исклучоците, кои токму поради дивидендата и транспарентноста се на листата на купување на домашните пензиски фондови, па акционерите можат да добијат добра дивиденда и каква-таква цена за своите акции). Револтот е толкав, а беспарицата притиснала, па малите акционери се пред изборот да продадат се за беспари, да чекаат подобри времиња или да вртат кругови по брокерските куќи надевајки се дека ќе дознаат некоја информација, од типот што ќе се случи во Топлификација, ќе купува ли русот уште акции, ќе се продава ли оваа или онаа фирма, ќе дава ли дивиденда годинава итн итн. Ако ги погледнеме случувањата во 2011-та и 2012-та година – заклучокот е еден: староста превагна во трите компании кои беа решени, еве најверојатно и во Единство Тетово, а расправиите меѓу акционерите најверојатно се заслужни за најавените јавни понуди за преземања на Карпош и Раде Кончар. Ќе се случува ли нешто кај други компании? Ќе погодиме ли навреме да купиме? Изборот е голем, акциите се ефтини, а можете да се кладите и на грчките или словенечките компании на берзата, дека буџетската смрт во тие држави ќе помогне за нивна продажба. Како и да е, прво треба да се победи стравот. Но и да се направи соодветен микс на мртви акции, кои може да оживеат поради нечија смрт или старост. Да се цитирам самиот себеси од предходната колумна: ,,…при ликвидација, секогаш има некој кој ќе го совлада стравот и ќе ја искористи приликата да купи нешто ефтино. Колку помалку се таквите како него, поевтино ќе си испазари. И ако си купил патики на попуст, среќно ќе си ги шета наредните две-три години. А ако купил акции, ќе се надева дека за две-три години ќе може да ги продаде пет до десет пати поскапо. Нормално, кога ќе го снема стравот КАЈ ДРУГИТЕ.,, Би додал: или кога староста сепак значи и мудрост, па доминантните акционери ќе си ги завршат работите што треба да се завршат навреме, пред да биде прекасно. Морбидно, но мртво сериозно, впрочем како и самата смрт. Методи Мајнов Авторот е инвестициски советник,  основач на МОЈ БРОКЕР

Можеби ќе ве интересира

БРИКС мировна – наместо антизападна

БРИКС мировна – наместо антизападна