20 Јануари, 2018
0.5185
    ALK 7650    0.02%     BESK 9991    -3%     GRNT 824.02    0.32%     KMB 3152.12    0.17%     MTUR 4250    1.19%     OHB 5200    4%     OKTA 3111    -8.96%     RMDEN16 94.4    0%     RZUS 113    9.51%     SLAV 6100    95.89%     STB 960    1.65%     STIL 151.56    0.58%     TIKV 153    -2.55%     TKVS 3202    1.72%     TNB 13228.04    0.22%     TTK 951.17    1.04%     UNI 2000    0.03%     ZPKO 2710    4.23%

Европски фронт против новите американски санкции кон Русија

Објавено во: Колумни 12 Јануари, 2018

Додека во САД се подготвуваат за нови санкции кон Русија во Европа тие се во лер. Нема одење ни напред, ни назад. Сега се јавуваат гласови за етапно симнување на санкциите воведени кон Русија. Тоа пред се’ доаѓа од Германија и Австрија, но и некои држави од „нова Европа“, со исклучок на Полска и Балтичките држави.

Искажувањата дека санкциите треба да се симнуваат етапно не се израз на некаква добра волја кон Русија. Тука пред се станува збор за штитење на сопствените интереси. На пример кога станува збор за проектот „Европски поток – 2“, гасовод кој што ќе оди од Русија, низ Балтичкото море, па се до Германија и понатаму, во него големи вложувања имаат австриски и германски фирми, но и француски и италијански. Овој проект сега е актуелен со оглед на најавите дека САД можат да воведат санкции против Русија со кои би се спречило завршувањето на изградбата на тој гасовод. А се’ во името на заштита на Украина, која би го изгубила значењето на земја низ која во Европа се транспортира руски гас и која од тоа остварува милијарди долари добивка. Но, всушност повеќе може да се зборува за желбата на САД да ја истиснат Русија од европскиот пазар на гас и наместо него него да доаѓаа течниот природен гас од онаа страна на Атлантикот.  

Според Кристоф Лајтл, претседател на Австриската федерална стопанска комора и претседател на Асоцијацијата на европски стопански комори, треба да се гради меѓусебна доверба, да се прават меѓусебни отстапки. Претходно за австриски Kurier Латл изјави дека треба „чекор по чекор да се зближува со Москва“. Според него штетата од санкциите за Европа се пресметува со троцифрени бројки во милијарди. Оттука страните  треба да се стремат кон намалување на напнатоста и изградба на конструктивни односи. „Заедно би биле непобедливи во глобалната конкуренција“, вели Лајтл. Слично нешто, исто така за Kurier, изјави и новата австриска министерка за надворешни работи, Карин Кнајсл. Таа смета дека западните санкции не покажале сериозно влијание врз руската економија. За неа санкциите во целост се погрешни.

За тоа дека ЕУ треба да ги укинува санкциите етапно вчера изјави и германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел. Но под услов на воспоставување на долго примирје на Донбас, под мониторинг на ОН. Етапното укинување на санкциите би било пожелно бидејќи и нивното воведување беше на неколку пати.

Желбите на Австрија и Германија се едно, но политиката е друго. А таа во моментов кон Русија е диктирана од Вашингтон и Брисел. Па така бизнисот ќе мора уште некое време да се покорува на таа политика. Санкциите кон Русија се воведени за се’ она што се случуваше во Украина, Крим, Донбас, уривањето на малезискиот авион...И оттука барањата Русија да помогне во воспоставувањето мир во Украина, во спроведувањето на договорот „Минск-2“...Но рускиот одговор, засега, е дека таа не е вклучена во настаните на Донбас и дека не сака да преговара за укинување на санкции кои биле еднострани. Со други зборови, „Вие ги донесовте, вие правете со нив што сакате. Санкциите се ваш проблем“. Се разбира дека ова е изговор.

На Русите дури како им би било добредојдено укинување на дел или сите санкции. Нивната економија би добила дополнителен кислород. Особено ако се знае дека санкциите не овозможија доволно економски раст во земјата, онаков како што беше пред кризата во 2008, а потоа и 2012 година и наваму, кога цените на нафтата се урнаа на светскиот пазар. Сега цената е на ниво кое ги задоволува Русите, но тоа не значи дека економијата ќе има раст од над седум проценти како што беше во првата декада на 21 век.

За некои руски експерти искажувањата на Кнајпл и Габиел не се изненадување и не е случајност што се искажани речиси во исто време. Пред неколку месеци и сегашниот австриски канцелар Себастијан Курц се јави со слични изјави заедно со Габриел. Големите австриски и германски концерни имаа многу проекти во Русија и поради санкциите нивната работа е многу намалена. Тие имаат големи загуби. А тоа значи намален прилив и во буџетите на тие држави. И во двете земји големиот бизнис сериозно влијае врз политиката. Но тука и завршува приказната за влијанието, особено во Германија каде што канцеларката Ангела Меркел е една од „тврдите“ играчи во поглед на Украина. Таа со сета сила се труди да ја убеди Русија, поточно претседателот Владимир Путин да помогне во решавањето на украинската криза. Таа е свесна дека денешна Украина е продукт и на Европа. Ако се направени грешки, тогаш никој не би сакал да  признае таков факт. А најмалку Меркел.

И додека во САД се подготвуваат новите санкции за поединци и нивни семејства блиски до претседателот Путин, оттаму ни збор, ни шепот за некакво ублажување на санкциите кон Русија поврзани со Украина. Дури се очекува и нивно заострување, според новиот закон донесен од Конгресот и Сенатот наречен „За спротивставување на противниците на САД со санкции“. Во него има дел и за „Северен поток-2', кој може да ја обедини Европа против САД. Токму законското решение за гасоводот беше повод во Европа да се слушнат гласови дека е дојдено време таа си ги ги земе работите во свои раце. Да води смета сама за себе, за своите интереси, како што тоа го прават Русија и САД. Затоа не случајни беа и гласовите за сопствени одбранбени силии и покрај тоа што речиси сите тие се членки на НАТО. Може да се случи и создавање на фронт против американски санкции кои задираат во економските односи на членките на ЕУ! На прв поглед неостварливо, но гласовите за ублажување на санкциите кон Русија, како да го навестуваат тоа. А ќе им помогне ли Русија на членките на ЕУ во евентуална таква намера?

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Русија ќе прифати кое било име на Македонија договорено со Грција

Русија ќе прифати кое било име на Македонија договорено со Грција

Драги мои синови – вие сте Македонци!

Драги мои синови – вие сте Македонци!

За кого, за МАКЕДОНИЈА

За кого, за МАКЕДОНИЈА

Спој на примитивен национализам и отсуство на државотворно чувство

Спој на примитивен национализам и отсуство на државотворно чувство

Параван комисии и работни тела со веќе видени "реформски идеи"

Параван комисии и работни тела со веќе видени "реформски идеи"