ДРАМАТИЧНА ИНФЛАЦИЈА ВО АРГЕНТИНА: Луѓето носат торби полни со готовина за да ги извршуваат вообичаените трансакции
Објавено во: Свет 09 Мај, 2024
Драматична инфлација има во Аргентина.
Владата во Буенос Аирес ја зголеми големината на својата најголема банкнота во оптек од 5.000 на 10.000 пезоси, која вреди околу 10 долари. Годишната стапка на инфлација во Аргентина во март изнесува 287 отсто, што е меѓу највисоките во светот, пренесува АП.
Агенцијата наведува дека вчерашното соопштение на централната банка ќе им го олесни товарот на многу Аргентинци кои мораат да носат огромни торби, па дури и куфери, полни со готовина за да ги извршуваат вообичаените трансакции. Банкнотата од 10.000 пезоси вреди 11 долари по официјална цена и 9 долари по стапка на црниот пазар и се очекува да биде пуштена во продажба следниот месец, пренесува Танјуг.
Најпопуларната банкнота сè уште е 1.000 пезоси, која првпат беше испечатена во 2017 година и на црниот пазар вреднуваше околу 58 долари, а сега е само околу 1 долар.
Десничарскиот претседател на Аргентина Хавиер Милај, кој ја презеде функцијата минатиот декември, победи со ветувањето дека ќе ја скроти инфлацијата и ќе ја стабилизира локалната валута со промена на политиките на претходните левичарски влади кои печатеа пари за финансирање на јавната потрошувачка.
Но, неговите остри мерки за штедење ги подигнаа цените на американско и европско ниво, драстично продлабочувајќи ги економските проблеми на обичните Аргентинци. Низ земјата беа организирани масовни штрајкови, а последниот од низата е планиран за четврток, забележува АП.
Индустриското производство во Аргентина драстично се намали во март, покажаа податоците на заводот за статистика INDEC, што ги одразува последиците од строгите мерки за штедење што ги спроведе новата влада на претседателот.Оваа земја претходно се соочувала со банкроти.