Добивај вести на Viber
Уф, ама е жешко! Веројатно оваа реченица најчесто ја слушаме деновиве. Живата во термометарот е над триесет степени и секој од нас се обидува да најде спас од пеколните горештини. Некој се капе во море, некој во езеро, некој во сопствената пот. Секој согласно своите финансиски можности.
На овие температури сите се чувствуваме помалку заморени од сериозните економски теми. Веќе ни е доста и од кризата во Европа и од состојбата во нашата национална економија. Па и личните економски проблеми ги оставаме за септември. Дотогаш или проблемите ќе се решат „сами од себе“ или ќе се појават нови економски проблеми кои постојните ќе ги потиснат во заборав.
На почетокот на летото, нормално е да се постави прашањето - каде да се оди на одмор? Секој си има свои желби и преференции, но проблемот најчесто се јавува кога желбите ќе треба да се усогласат со можностите, односно со личниот буџет. Оние со подлабоки џебови, веднаш ќе пристапат кон разгледување на понудите за егзотичните дестинации. После долго разгледување ќе сфатат дека веќе биле во Шпанија, на Бали, на Малдиви, а со Маурициус многу се тешки сообраќајните врски. И каде да одат „кутрите луѓе“? Навистина, не е лесно.
Средната класа за која постојано тврдиме дека исчезнува, ама ете, никако да исчезне сосема, ќе мора да се задоволи со некое од морињата во регионот. За среќа, нашиот регион изобилува со мориња, па за неколку часа може да се најдете на Егејско, Јонско или Јадранско море. Ако појдеме од аксиомата дека е поважно со кого си, отколку каде си, сите ќе сфатиме дека „нашите“ мориња по својата убавина и можностите за одмор што ги пружаат по ништо не заостануваат зад светските туристички центри. Поради близината, ние воопшто не ги сметаме Грција или Хрватска за туристички бисери, иако секој граѓанин на Северна или Средна Европа се труди да одвои евро повеќе за да ги посети морињата кои се во нашето непосредно соседство. Па сепак, она што важи речиси за цела Европа, за нас не важи. Грција, Хрватска и другите земји во регионот се блиску, па како такви скоро и да не се вредни за споменување. Друго е да се оди на Бали!
И на крај, да ги споменеме и оние меѓу нас кои одвај врзуваат крај со крај и се трудат да преживеат до следната плата. И тие луѓе имаат годишен одмор, освен ако нивниот одмор не се протега низ целата година, затоа што немаат работа. Како и да е, лето е, па секој треба да одмори. Оние со поплиток џеб можат да одат на планина, покрај река, во родното село и сл. Битно е да се избега од градскиот асфалт и неподносливата горештина.
Во овој контекст, уште две работи се битни за споменување. Ќе погодите, првата работа се однесува на Охрид и неговата туристичка понуда. На оваа тема толку е дискутирано и пишувано, што секое повторување би било дегутантно. Веројатно ќе треба да помине уште многу време, па домашните туристички работници да сфатат дека покрај сонце, езеро и природни убавини, на туристот треба да му биде понудено уште нешто. Ако не знаат што е тоа „нешто“ нека ги копираат туристичките работници од регионот. Нема потреба да се измислува топла вода (да се надеваме дека истата таа топла вода ја има во сите сместувачки капацитети во Охрид), доволно е да се види што нуди нашето соседство и по кои цени. Тоа што не знаеме да го цениме она што го имаме, никој не ни е крив. Затоа и нашите туристи ги трошат своите пари надвор од земјава, а домашните туристички капацитети зјаат празни...
Втората работа се однесува на културните манифестации кои се организираат во нашава земја за време на летниот период. Едно време Охридско лето и Струшките вечери на поезијата го држеа приматот, сега се поактуелен станува Пиво фест во Прилеп. Нема потреба да морализираме и да дебатираме околу нашето културно осиромашување. Едноставно, кај народот проаѓа понудата на Пиво фест. Многумина од нас на опера или балет ќе одат еднаш годишно или поретко, а на храна, пиво и концерт на некоја од балканските ѕвезди малку почесто. Веројатно нема ништо лошо во тоа.
Ова лето да си го посветиме себеси и на своите најблиски. Да се одмориме убаво. Од летниот одмор да донесеме убави спомени и по некоја фотографија. Веќе од септември не чекаат истите дебати и полемизирања на економски теми.
А септември е многу далеку...
д-р Гоце Трајковски